MKDNews.com

Во општина Центар забрана за кучињата да лаат

септември 15
09:08 2013

Жителите на Општина Центар ќе треба да се збогуваат со домашните животни, живината или пчелите кои ги чувале по дворовите, бидејќи Центар со одлука на Советото забрани да се одгледува крупна или ситна стока.

Освен за стоката, Центар ги заостри правилата за чување кучиња по домовите. Ако живеете во зграда, а чувате куче, за тоа ќе треба да добиете согласност од мнозинството станари. Забрането е да се чуваат кучињата кои постојано лаат и завиваат, пишува Дневник. За чување остануваат гулабите, но, и за тоа има одредени правила.

– Се забранува чување секаков вид крупна и ситна стока, како што се коњи, маски, магариња, свињи, овци, говеда, живина (кокошки, гуски, мисирки, пајки) како и пчелни семејства. Исто така се забранува колење крупна и ситна стока и живина на јавните и сообраќајни површини, како и нивно терање и сместување во дворовите на станбени и на други објекти и места во Центар. Единствено е дозволено чување гулаби и тоа само во дворните места на куќите. По исклучок, со писмена согласност на станарите и урбаната заедница, може да се чуваат гулаби и во дворовите на зградите, стои во новата одлука за комунален ред, пренесува Дневник.

Одлуката предвидува, гулабарникот да биде изграден од погоден материјал, со бетонски под, да биде поврзан со канализацискиот систем и редовно да се чисти. Одгледувањето на гулаби не смее да го попречува нормалното живеење на соседите, а во спротивно, комуналниот инспектор може да го забрани одгледувањето гулаби или да го задолжи одгледувачот да го премести голубарникот, објавува Дневник.

На жителите на Центар им е дозволено да чуваат домашни, ловџиски и кучиња со педигре, како и мачки, птици итн, но, само ако тие се регистрирани во надлежна ветеринарна институција и да се редовно вакцинирани.

– Не е дозволено чување кучиња кои постојано лаат и завиваат. Сопствениците на кучињата и на другите миленици, треба да ги сместат и да ги чуваат така што животните нема да го попречуваат мирот и спокојството на соседите. Kучиња не смеат да се чуваат во станбени згради и во нивните дворови, освен ако сопственикот има писмена согласност од мнозинството станари, стои во одлуката.

Анима мундиНа одлуката на  општината реагира здружението Анима мунди.
Интегрален текст од реакција на здружение за заштита на животни Анима мунди до Советот на општина Центар за Oдлуката за комунален ред:
Најостро ја осудуваме и бараме да се отповика Одлуката за комунален ред на Советот на општина Центар, со која се донесе забрана за чување на кучиња, доколку истото не биде писмено одобрено од мнозинството станари. Одлука во која меѓу другото пишува дека несмее да се чуваат животни кои постојано лајат.

Оваа одлука е скандалозна и нехумана (како што човек зборува, така кучето лае); дискриминирачка во однос на сите граѓани кои имаат животно (кој ги штити нив од произволни толкувања, пријави или каприци на другите сожители?), нефункционална (зошто нема да направи никому ништо добро) и опасна (зошто масовно може да ја зголеми бројкатана исфрлени животни на улица!). Оваа одлука ги компромитира советниците на општина Центар кои истата ја поддржале, ја компромитира нивната човечност.

1. Почитувани Советници, тој кој чува куче, уредно плаќа данок и придонесува на општината.
2. Тој што чува куче, можеби истото го вдомил од улица – со што и помага на општината да се намали популацијата бездомни кучиња на улиците.
3.Тој кој чува куче е подеднакво изложен на бучава или друг вид реметење на јавен ред и мир кое може да биде од повеќе извори. Но вие, со донесување на оваа Одлука, по автоматизам го дискриминирате и правите заложник на самата општина, како и потенцијален заложник на неговите комшии.
4. Кучето со векови живеело со човекот и тоа не е предмет, туку дел од човековото семејство.
5.Оваа Одлука е непозната за европските стандарди и доколку не се отповика, ќе наиде на огромни осуди.

Ви посочуваме дека животните се живи и чувствителни битија, а кучињата и мачките (домашните миленици) имаат посебен дел во животите на луѓето со векови.

Прв битен доказ за европскиот напредок во однос на животните е европската Конвенција за заштита на животните-миленици во 1987г (Совет на Европа, Договор бр. 125). Цитираме:
„Човекот има морална обврска да ги почитува сите живи суштества и да има на ум дека домашните миленици имаат посебен однос кон човекот; Да се има предвид важноста на милениците во нивниот придонес кон квалитетот на живеење и нивната вредност во општеството „
***
АПЕЛИРАМЕ ДО СОВЕТОТ ВЕДНАШ ДА СЕ ОТПОВИКА ДОНЕСЕНАТА ОДЛУКА КОЈА НИКОМУ НЕМА ДА МУ НАПРАВИ ДОБРО.
СТОИМЕ НА РАСПОЛАГАЊЕ ДА ПОМОГНЕМЕ ВО КОНЦИПИРАЊЕ СООДВЕТНА ОДЛУКА, ФУНКЦИОНАЛНА, ЕФИКАСНА, НО ТАКВА КОЈА ЌЕ ГИ ШТИТИ И ЛУЃЕТО, И ЖИВОТНИТЕ.
Во прилог примерот Одлука за чување на животни во урбана средина која ја изготви нашето здружение, и ја нудиме безрезервно нашата помош истата да ја адаптираме на карактеристиките и потребите на општина Центар.

0 Comments

No Comments Yet!

There are no comments at the moment, do you want to add one?

Write a comment

Only registered users can comment.