MKDNews.com

Во Хрватска вандализиран споменик посветен на српски жртви

септември 16
20:32 2013

Во село Голубиќ бил вандализиран еден од ретките споменици посветени на српски цивили, убиени за време на хрватската воена операција Бура, од 1995 година.

Локалната полиција во петокот потврди дека камениот споменик во село Голубиќ, во близина на хрватскиот град Книн, посветен на 19 српски цивили, убиени за време на хрватската воена операција Бура, во август 1995 година, бил преку ноќ оштетен од непознати напаѓачи.

Нанесената штета, според полицијата, е проценета само на „неколку илјади куни“ (помалку од 1.000 евра).

Здружението на жртви “Суза“ (Солза), што ги претставува семејствата на исчезнатите лица од војната и која го постави споменикот во Голубиќ, изрази жалење заради нападот.

„Болката и разочарувањето на семејствата е уште поголема, бидејќи околу 2.000 лица сѐ уште се водат за исчезнати од периодот 1991-1995“, се вели во соопштението на “Суза“.

Хрватската невладина организација “Документа“ соопшти дека ова е „еден од ретките споменици во чест на српските жртви во Хрватска“.

“Документа“ ја повика полицијата да го испита случајот, а државните институции, локалните власти и граѓанските групи ги повика да изнајдат начин за поставување на трајни споменици посветени на жртвите од војната.

Најмалку 19 селани од Голубиќ, сите од српска националност, беа убиени на 6 август 1995 година, на третиот ден од воената операција Бура, со која хрватските сили ги повратија окупираните делови од територијата во земјата, што беа под српска контрола.

Никој досега не е процесиран за убиствата во Голубиќ.

Два дена по нападот на споменикот во селото, во неделата, мало оштетување беше направено и на споменикот посветен на операцијата Бура, во центарот на Книн, на само неколку километри од Голубиќ. Хрватските воени ветерани тврдат дека овој чин е направен во знак на одмазда.

Полицијата соопшти дека штетата е многу мала, но, здружението на хрватските ветерани сепак го осуди, нарекувајќи го „варварски чин“ и побара поведување на истрага, нагласувајќи дека „ова не е прв пат споменикот во чест на Бура да биде цел на вандали“.

Борис Павелиќ – Загреб

0 Comments

No Comments Yet!

There are no comments at the moment, do you want to add one?

Write a comment

Only registered users can comment.