MKDNews.com

СДСМ: Заев е најболната точка на Груевски

септември 15
15:11 2013

СДСМ смета дека нема ништо незаконско во јавните набавки во општина Струмица спроведени од градоначалникот Зоран Заев и оти не држат обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ за непотизам при нивното доделување.
Во продолшение Интегрален текст од прес-конференција на Петре Шилегов, портпарол на СДСМ

За градоначалникот на Струмица Зоран Заев од ВМРО-ДПМНЕ слободно можат да појдат во градот да видат што има тој направено и да го прашаат секој граѓанин таму што мисли за него. Зоран Заев е најболната точка на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ затоа што тие немаат ни приближно добар градоначалник како него.

Наместо да пласира глупости за Зоран Заев и да ја дефокусира јавноста од реалните животни проблеми на граѓаните, министерот за образование Спиро Ристовски треба да се позанимава со своите обврски и да објасни зошто во Македонија образованието е бесплатно само во скапо платените реклами.Во реалноста, нема бесплатно образование. Родителите на учениците имаат огромни дополнителни трошоци.

Бесплатниот превоз за средношколците важи само за оние ученици кои живеат на повеќе од 2 км од училиштето, што е спротивно законот. Освен што го крши законот, Министерството за образование предизвикува и различен третман на учениците.

Во Македонија нема бесплатно образование, затоа што во повеќето училишта родителите, освен што издвојуваат средства за личниот прибор на детето, плаќаат и за тоалетна хартија, течен сапун, топови хартија, фломастери, лепило, боички, CD-ea…. Се оди и до таму што во некои училишта од родителите се бара да платат за завеси, ролетни, шкафчиња, DVD плеери…

Министерот за образование за ова знае, но молчи и се крие.

Почитувани родители, ова се резултатите од 7-те години лаги на Никола Груевски кои најдиректно, по својот џеб, ги чувствуваме сите ние.

Скапите реклами на Владата нема да ја променат реалноста, ниту пак да го подобрат образованието, за кое тврдат дека е бесплатно.СДСМ апелира Министерот за образование да си ги среди работите во својот двор, да ги исполни своите законски обврски и да не ги оптоварува дополнително скромните семејни буџети на родителите на учениците.

Што се однесува до денешните обвинувања упатени кон претседателот Заев, и ние и јавноста сме свесни дека доколку има нешто незаконско во јавната набавка за којашто ВМРО-ДПМНЕ држеше прес конференција, немаше да говори Спиро Ристовски, туку Владата и владините институции веднаш ќе отпочнеа постапки против Заев или членовите на неговото семејство.

За посочената јавна набавка, спроведена е ЈАВНА аукција, согласно Законот за јавни набавки, донесен од оваа Влада! Согласно законот е избрана најповолната фирма!

Напоменуваме, фирмите во сопственост на членови на семејството на Заев, вработуваат 820 граѓани на оваа земја и имаат право да функционираат и опстојуваат како и секоја друга фирма во РМ.

Тие фирми плаќаат огромни даноци на државата ѝ обезбедуваат егзистенција на 820 семејства.

Ја повикуваме Владата, доколку има нешто незаконско, спротивно на кој било закон, тоа да го објави и веднаш да отвори постапки.

Доколку не го стори тоа, ќе стане јасно дека станува збор за гола прес конференција, за одвлекување на вниманието на јавноста од актуелните проблеми што ги тангираат граѓаните, а Владата треба да ги решава, но тоа тешко и оди.

Добро би било Никола Груевски, наместо да критикува за запазени законски процедури, да објасни зошто со државните институции се прават бројни директни договори за набавки, без воопшто да биде распишан тендер за јавни набавки, како и огромни анекси на договорите за јавни набавки, како што укажуваат анализите на речиси сите организации што ја следат оваа проблематика.

Ете, со тој начин на работа е доведена во прашање легалноста, но на трошењето огромни суми народни пари, на што треба да одговори премиерот Груевски.

0 Comments

No Comments Yet!

There are no comments at the moment, do you want to add one?

Write a comment

Only registered users can comment.