MKDNews.com

СДСМ: Полицијата да не оди против сопствениот народ

септември 12
16:53 2013

Синоќешната интервенција на полициските единици во паркот кај хотелот „Бристол“ за СДСМ е веќе познато сценарио на премиерот Никола Груевски за пренасочување на вниманието на граѓаните од реалните проблеми.Но, како што велат од опозицијата, со сценаријата на Груевски, ниту сиромаштијата ќе исчезне, ниту спорот со Косово ќе се заборави, ниту граѓаните ќе живеат слободно. Како што истакна потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски, синоќа полицијата повторно била злоупотребана за да се прикрие уште еден криминал од „Скопје 2014“.

mancevski_presМанчевски денеска на пресконференцијата која ја одржа пред зградата на Министерството за внатрешни работи, праша дали министерката на полицијата Гордана Јанкулоска се плашела од сопствениот народ, па синоќа Министерството ангажирало специјалци и хермелини врз граѓаните кои на мирен начин го искажале своето противење да не се гради врз зелениот појас во центарот на Скопје.

– Зошто бруталност и насилие врз мирољубиви граѓани кои го штитат зеленилото и човековата околина? Од што се плаши Гордана Јанкулоска? Од сопствениот народ? Приведените граѓани беа физички малтретирани и понижувани без никакво образложение. Како епилог единствено добија прекршочни казни за загадување на околината во износ од 50 евра. Од кога за казни од 50 евра се активираат специјалци и хермелини? До кога со злоупотреба на полицијата ќе се прикрива криминалот на „Скопје 2014“? – праша Манчевски од СДСМ.

На новинарско прашање на телевизија Сител, дали СДСМ поддржува узурпација на приватен имот и дали опозицијата ќе ја плати штетата, ако власта ги тужи граѓаните што протестирале, Манчевски одговори:

– Тоа не е приватен имот, имотот е во сопственост на државата. Сопстевник е државата, владата и премиерот, така што владата и премиерот решија синоќа со полиција да ги тргнат активистите кои што не се согласуват со таа политика. Ние секако ќе ја покриеме штетата на кој било граѓанин кој што бесправно е осуден од страна на оваа власт која што е во целосна врска со судската власт, но дајте да не карикираме што се случуваше синоќа и што би било кога би било. Владата го нарача синоќешното сценарио. Впрочем, ако сè беше во ред зошто сега не се отстрануваат активистите, зошто сега не се оградува просторот, зошто тоа го направија рано сабајле – изјави потпретседателот на СДСМ.

Опозицијата ја пофали работата на вистинските професионалци на МВР и ги повика да не подлегнуваат под притисоци и да не ги прифаќаат безусловно сите наредби на власта.

– Не одете против сопствениот народ – порача Манчевски.

0 Comments

No Comments Yet!

There are no comments at the moment, do you want to add one?

Write a comment

Only registered users can comment.