MKDNews.com

Разоткривање на тајните злосторства на комунизмот во Србија

септември 20
19:49 2013

Како резултат на комунистичката репресија во Србија загинаа 52.000 лица, а илјадници други беа затворени, смета историчарот Срѓан Цветковиќ, кој ги истражува злосторствата на режимот по Втората светска војна.
Бидејќи државната тајна опстојуваше и долго по пропаѓањето на комунизмот, малкумина го сфатија вистинското ниво на репресија во Србија по Втората светска војна, изјави Срѓан Цветковиќ, кој една деценија ги истражува злосторства извршени во овој период.

srdjan cvetkovicЦветковиќ е историчар на српскиот Институт за современа историја, а до неодамна беше и член на државната комисија за наоѓање на гробниците на лицата што биле убиени во екот на репресивната комунистичка власт, која траеше од крајот на војната до 1953 година.

„Ние во комисијата успеавме досега да најдеме податоци дека во Србија од страна на режимот биле убиени 52.000 лица“, вели Цветковиќ, кој работи на четвртиот кат во Историскиот музеј на Србија, во канцеларија преполна со книги и архивски документи.

„Поголемиот дел од нив, околу 17.000, биле нелегално уапсени во различни затвори и логори. Нашите проценки се дека вкупно жртви на репресија биле 60.000 до 70.000 лица“, изјави тој за БИРН.

Државната комисија ги дознала имињата и локациите на гробниците на овие 52.000 жртви, откако српските безбедносни служби им дале документација за тоа, објасни Цветковиќ.

„Архивите долго време беа затворени во врска со оваа тема, можевте да најдете ваму-таму по некој документ, но, тие не беа ништо во споредба со документите што неодамна му беа дадени на архивот на Србија од страна на БИА [Безбедносно-информативната агенција], до кои јас како член на комисијата имав пристап“, рече тој.

Што се однесува до идентитетот на жртвите, Цветковиќ вели дека долго време политичката пропаганда прикривала кој и поради кои причини точно бил убиен од страна на комунистичкиот режим.

„По Втората светска војна, државата промовираше дека воениот конфликт бил меѓу [националистите] четниците и [комунистите] партизаните и дека жртви на комунистичкиот режим биле само четниците“, рече тој.

„Но, во реалноста, жртви беа обичните граѓани, обично оние кои беа имотни и на кои се гледаше како на различни на кој било начин. Тоа е она што нашите податоци го покажуваат, 80 отсто од жртвите биле цивили, а дури потоа следат четниците“, објасни тој.

Официјални убијци

Цветковиќ рече дека Одделот за национална безбедност, ОЗНА, агенција за обезбедување на Југославија меѓу 1944 и 1946 година, била одговорна за поголемиот дел од апсењата и ликвидациите.

ОЗНА ја водеше близок соработник на Јосип Броз Тито, Александар Ранковиќ, кој минатиот месец во Србија стана предмет на повторни контроверзии, откако премиерот Ивица Дачиќ му оддаде почит.

Говорејќи кон крајот на август на комеморацијата по повод 30-годишнината од неговата смрт, Дачиќ рече дека Ранковиќ заслужува соодветно место во српската историја и дека тој лично ќе се заложи за негова рехабилитација.

Но, Цветковиќ вели дека улогата на Ранковиќ во историјата е многу јасна: тој бил одговорен, како шеф на ОЗНА, за сите озлогласени злосторства што агенцијата ги има сторено.

„ОЗНА апсела, вршела истраги, ликвидирала“, вели тој.

„Прво ќе влезеле во некој град, потоа ја окупирале зградата во која живее некој богат човек и во неговиот подрум носеле луѓе на испрашување. Тука луѓето биле мачени и обично, по неколку дена, тие ќе ги убиеле во некој дел надвор од градот“, додава тој.

„Нашето истражување покажа дека луѓето обично биле присилувани да се соблечат, а нивните раце биле врзани со телефонски кабел. ОЗНА би го погребала телото и би го заштитила тој просторот од посетители“.

Цветковиќ вели дека и 23 години по падот на комунизмот, Србија сé уште не се соочила со злосторствата што биле извршени од стариот режим.

„Дури и по воведување на повеќепартискиот систем, дури и во овој систем имаме многу луѓе кои биле дел од стариот комунистички режим. Според тоа, во случајот на Србија, за разлика од другите источно европски земји, немаше јасен дисконтинуитет во однос на стариот режим“, објасни тој.

„Србија не успеа правилно да се трансформира од комунистичко во демократско општество, бидејќи архивите требаше веднаш потоа да бидат отворени, требаше да биде спроведена лустрација, за да може сите оние што ги прекршиле човековите права да бидат исклучени [од извршување на јавни функции]“, смета тој.

Изложени кривични дела

Законот за лустрација беше донесен во 2003 година со цел да ги разоткрие поранешните комунистички соработници, но, Цветковиќ вели дека законот се имплементирал премногу бавно.

„За жал, 23 години по комунизмот ние зборуваме за некои мерки што требале да се преземат веднаш по падот на овој авторитарен режим“, нагласува тој.
Ова е една од причините, објаснува тој, зошто решил своето десет годишно истражување за комунистичката репресија да го преточи во изложба.

„Ова ќе биде прв пат некој оваа тема да ја допре на мултимедијален начин. Решивме изложбата да носи назив “Во име на народот“, бидејќи сите овие кривични дела биле извршени со тоа оправдување“, вели тој.

u ime naroda, plakatИзложбата, која ќе се одржи во март следната година во Белград, ќе се занимава со комунистичкиот режим од 1944 до 1953 година, а ќе биде презентирана во четири дела: револуционерниот терор во Србија, политички судења и концентрациони логори, колективизација и репресија.

Цветковиќ вели дека секој посетител ќе има шанса да го доживее или искуси овој период преку видео снимки, преку симулации на судења и испрашувања, преку филмови и дебати.

„Идејата е сиот овој материјал што го собравме во Комисијата и кој беше незаслужено заборавен, да и го презентираме на пошироката јавност, која и по 70 години од извршувањето на овие кривични дела, не знае за нив“, заклучува тој.

0 Comments

No Comments Yet!

There are no comments at the moment, do you want to add one?

Write a comment

Write a Comment