MKDNews.com

Припадник на „Златна Зора“ уби член на грчката левица

септември 18
21:26 2013

Грчката полиција уапси 55-годишен член на „Златна Зора”, откако до смрт го избодел грчкиот хип хоп артист и политички активист Павлос Фисас. Тој починал набрзо откако бил пренесен во болница поради ранувањето со нож од група на неонацисти.

Според грчките медиуми тепачката избила поради расправија за фудбал, а 34-годишниот Фисас одамна се имал замерено со припадниците на фашистичката „Златна Зора”, бидејќи бил член на левичарската група Антарсија, а покрај тоа често организирал концерти против фашизмот. 

Инцидентот предизвика низа реакции во земјата, а од грчката влада порачаа дека доста е веќе насилство и тоа мора да биде осудено од сите политички партии во земјата. Од грчката партија Сириза порачале дека толерантноста кон „Златна Зора” донесе жртва, а сторителите на ваквиот чин мора да завршат во затвор. 

Ултранационалистите од „Златна Зора” пак, во своја одбрана изјавиле дека сите тврдења ги сметаа за клевета и дека партијата не е одговорна за инцидентот. Оваа организација е растечка сила во политичкиот живот во земјата, а минатата година успеа да освои 18 пратенички места во грчкиот парламент.

0 Comments

No Comments Yet!

There are no comments at the moment, do you want to add one?

Write a comment

Only registered users can comment.