MKDNews.com

Прилепчанец им ветил азил и им го продал малолетно девојче за 5.000 евра

септември 11
15:04 2013

Прилепчанец ја искористил лошата економска состојба на четиричлено сиромашно семејство ветувајќи им азил во Белгија и ја продал малолетно девојче во Белгија за 5.000 евра, информираат од Министерството за внатрешни работи.

Против прилепчанецот, МВР поднесе кривична пријава заради сторено кривично дело злоупотреба на безвизниот режим со државите-членки на Европската унија и на Шенгенскиот договор, а истражен судија му одредил мерка притвор во траење од 30 дена.

Според податоците на полицијата, прилепчанецот Р.С. ја искористил лошата економска положба, врбувал, организирал, превезувал и засолнил четиричлено семејство од Прилеп, потенцијални баратели на економски азил во земјите на ЕУ, а притоа, присилно без дозвола од родителите ја одземал нивната малолетна ќерка со цел склучување на присилен брак со непознато лице во Белгија.

Тој ги убедил дека како економски мигранти во земјите на Европската унија ќе ја подобрат својата материјална положба, при што им понудил, тој да им плати за издавање на патните документи и да ги транспортира до Белгија, а парите да му ги вратат на рати, од парични средства што ќе ги примаат кога ќе добијат статус на азиланти.

По прифаќањето на понудата, семејството во организација на пријавениот, во три наврати се обидело да оствари излез од Македонија, но од страна на македонските погранични органи, не им бил дозволен излез.

По ова, Р.С. преку туристичка агенција од Прилеп обезбедил ваучери за хотелско сместување во Унгарија – Будимпешта, по што истите на 10 април годинава, со возило управувано од негова страна, заедно се упатиле кон Будимпешта, каде што останале два дена, а оттука продолжиле во Белгија, каде што пријавениот ги сместил кај свои роднини.

Наредниот ден, Р.С. им побарал да му ги исплатат парите за организацијата и за транспортот до Белгија или во спротивно ќе ја омажи нивната ќерка за непознато лице (16-17 години), чии родители претходно на пријавениот му платиле 5.000 евра за да им обезбеди невеста од Македонија. Бидејќи семејството немало пари за да му ги врати, Р.С. присилно им ја одзел малолетната ќерка и ја предал на непознати лицата, кои „платиле за невестата“, по што заедно се упатиле во непознат правец.

Наредниот ден Р.С. им организирал транспорт со автобус од Белгија за Германија – Дортмунд, каде што ги чекало непознато лице, кое требало да ги однесе до местото каде што истите требало да бараат азил. Во Германија како баратели на азил семејството останало сè до 3. 8. 2013 година, кога во консултација со адвокат од Германија, им било советувано дека во врска со случајот со нивната ќерка ќе биде подобро да се вратат во Македонија и да побараат помош од институциите на матичната држава, по што доброволно тие се вратиле во Македонија.

По враќањето во Македонија, случајот го пријавиле во полиција, по што од страна на полицијата се преземени мерки за расчистување на случајот и обезбедување на потребни докази. Од страна на МВР во тек е постапка за пронаоѓање на малолетната жртва на територијата на Белгија.

0 Comments

No Comments Yet!

There are no comments at the moment, do you want to add one?

Write a comment

Only registered users can comment.