MKDNews.com

Почна „Фаланга 2“, првообвинетиот тврди дека соработувал со МВР

септември 16
15:17 2013

Од 1986 година до сега, од кога работам во Управата за заштита на културното наследство, немам посредувано во никаква трговија со предмети од нашето културно наследство, изјави првообвинетиот во судскиот процес „Фаланга 2“, Илчо Бојчевски кој бил раководител на Одделението за превенција на културното наследство при Управата за заштита на културното наследство.

Тој пред судот тврдеше дека не зел ниту едно евро од ваква трговија, а потврда за тоа биле кредитите, долговите и блокадите што ги имал на неговата трансакциска сметка.  Според него, обвинението било составено само врз основа на исказ на сведок кој лажел и требало да биде цел на психопатологијата.  „Активно сум спречувал трговија на предмети од културното наследство да не завршат на пазарот на антиквитети”, рече Бојчевски.  

Токму Бојчевски и второобвинетиот, Давид Шикуларац-Циле од Србија, којшто е во бегство, учествувале во разоткривање на криминалот во првата полициска акција „Фаланга” заедно со поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Љупчо Тодоровски.  Токму Циле кој бил проценувач на културното наследство во пензија, го информирал македонското МВР дека во Србија се продаваат предмети од културно наследство од Македонија.  

„Трошоците за престојот на Циле во Македонија ги плаќаше МВР, а му беше ветена и награда за операцијата „Фаланга” којашто никогаш не беше исплатена”, изјави Бојчевски.  Бојчевски се сомнева дека го налутил раководството на МВР со изјава што ја дал за емисијата КОД за кражбите на икони во Западна Македонија.  

Во изјавата тој рекол дека е чудно и несфатливо како нашите безбедносни служби со сите средства и методи со коишто располагаат не можат да дојдат до податоци за извршените кражби на црквите кои се извршени на ист начин.  „Според мене, овде станува збор за две работи, не сакање или не знаење. Ако е првото тоа постои линк меѓу извршителите и полицијата. Ако е до не знаење, нека си одат и нека остават да работи некој што знае”, била дел од изјавата на Бојчевски.  

Со оваа изјава предизвикал голем револт во редовите на МВР и добивал предупредувања. А нелегалното ископување во велешко и делчевско за кое се товари, Бојчевски вели дека било транспарентно и МВР учествувало во овие акција.  Во понеделник почна судскиот процес за „Фаланга 2″ во којшто им се суди на вкупно 17 обвинети меѓу кои и на поранешниот директор на Управата за заштита на културното наследство, Паско Кузман.  

Полицијата го сомничи Кузман дека заедно со уште тројца вработени во Управата во 2011 година незаконски издавале дозволи за ископување на локалитетите Драмски рид, Делчево и на патот Велешко езеро – Катланово и повикувале полициска асистенција да ги обезбедува археолошките локалитети и не плаќале, со што го оштетиле буџетот на МВР за 1,2 милиони денари.  Токму на овие локалитети есеноска, концесионери со дозвола од државата копаа под ридот во близина на Катланово и бараа 220 тони злато, кое наводно фашистичките сили ги оставиле кога се повлекувале по поразот во Втората светска војна. Најпрвин се пребаруваше во делчевското село Бигла, а потоа кај Катланово. Во полициската акција „Фаланга 2″ во мај беше разбиена криминална група која ископувала предмети со културна и археолошка вредност и ги продавала во Македонија и во странство. 

Во групата учествувале и четири службени лица вработени во Управата за заштита на културното наследство, Музејот на Македонија и Музејот во Демир Капија, како и полициски службеник од Велес. Криминалната група ископувала предмети од археолошки локалитети на територијата на Демир Капија, Свети Николе, Кавадарци и Скопје. Во групата има и двајца Срби кои ги купувале вредните археолошки предмети и истите ги препродавале во западноевропските земји.

извор: Макфакс фото/Телеграф.мк 

0 Comments

No Comments Yet!

There are no comments at the moment, do you want to add one?

Write a comment

Only registered users can comment.