MKDNews.com

Одржувањето на „Скопје 2014“ од сега ќе биде на сметката на Град Скопје

септември 10
19:24 2013

Владата да го преземе одржувањето на спомениците или тие да се дислоцираат низ другите општини и за нивно одржување да се одлеваат пари од општинските буџети, беше предложено на денешната расправа во Советот на Град Скопје по однос на предлог одлуката градот да го преземе од општина Центар одржувањето на спомениците од проектот „Скопје 2014“.

Porta_Makedonija.mkdnewsПредлогот доаѓа откако градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски, им ги отстапи овие реквизите на Град Скопје за чување и одржување преку меѓуопштинска соработка на двете локални самоуправи, а со образложение дека градот ќе обезбеди поефикасна заштита на скулптурите, новите мостови на Вардар, фонтаните во реката и на летниковецот на плоштадот „Македонија“. Се работи за 36 урбанистички содржини чие одржување, според пресметките, чини половина милион евра.

Точката предизвика долга и жестока расправа меѓу советниците. Опозиционерите дискутираа дека градот прифаќа одржување на споменици кои не се сè уште поставени, како предвидените три скулптури на албанските дејци, а беа покренати и прашања за вредноста на спомениците, нивната оправданост и за анонимноста на уметниците кои ги изработија.

Одлуката беше прифатена од мнозинството советници на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, со што официјално сите содржини од „Скопје 2014“ за чие одржување до сега Центар ги плаќаше сметките, од сега ќе бидат на сметката на Град Скопје.

За време на советничката расправа, советниците од СДСМ предложија идеи со цел да се избегне додатно оптоварување на градскиот буџет, така што за скулптурите би се грижела Владата со оглед на тоа што, рекоа тие, таа е иницијатор за нивно поставување, или со дислоцирање на спомениците за нив би се грижеле општините во кои ќе се постават.

Одлуката не ја доби согласноста од советниците на ВМРО-ДПМНЕ, кои сметаат дека Град Скопје нема надлежност за споменици за кои градското советничко тело не одлучувало, но и затоа што, рекоа, спомениците спаѓаат во категоријата монументални споменици кои по закон се во надлежност на собранието, а со кои треба да управува Министерството за култура. Опозицските советници прашуваа колку е оваа одлука правно оправдана и дали е во рамки на надлежностите на Град Скопје да се грижи за споменици кои не се изградени со одлука на градските советници.

– Врз основа на кои закони и прописи Град Скопје има надлежност да одржува, да чува и да има финансиски импликации за објекти кои не ги градел, за кои не носел одлука, за кои во претходниот мандат градоначалникот на Град Скопје се оградил. Како одеднаш Скопје за нешто за што не бил надлежен, сега е надлежен – праша советникот Ѓорги Матевски.

Советниците реагираа и на дополнителното оптоварување на градскиот буџет, кое ќе го предизвика оваа обврска. Според пресметките на општина Центар која до сега се грижеше за овие содржини, Град Скопје ќе мора годишно да одвои околу половина милион евра за чување и за одржување на скулптурите од проектот „Скопје 2014“.

– Оваа одлука е значајна затоа што може да предизвика сериозни импликации на буџетот на Град Скопје? Кои финансиски импликации ќе ги има Градот? Само за чување, одржување и за заштита на споменикот „Воинот на коњ“ годишно се потребни околу 100.000 евра. Град Скопје ќе треба да одвои половина милион евра за чување и одржување годишно. Ова ќе биде сериознен товар на градскиот буџет – рече Матевски.

Советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Борче Ѓеоргиевски, реплицираше дека трошокот ќе биде значително помал.

– Градот Скопје е во состојба да ги подмири овие обврски со јавните претпријатија кои ќе си го преземат својот дел од обврските и трошокот ќе биде помал од половина милион евра – рече тој.

Конечната сметка која ќе ја добива Град Скопје за оваа нова обврска ќе биде позната откако Градот ќе склучи договор со фирма која ќе биде задолжена за чувањето и за одржувањето на спомениците.

М.В.

0 Comments

No Comments Yet!

There are no comments at the moment, do you want to add one?

Write a comment

Write a Comment