MKDNews.com

Непознати докменти од архивот на Тито : „Грчка Македонија да остане во Грција“

септември 23
08:19 2013

Весник Дневник јавува дека биле откриени непознати докменти од архивот на Јосип Броз Тито.

Дали Тито бил под влијание на некои српски националистички структури уште во текот на војната или одлуките во однос на Македонија ги носел сам?

Зошто побарал посебен елаборат за таканаречениот македонски проблем?

Овој елаборат, со ракописен параф врз него од Тито, бил изготвен на 4 јули 1944 година од страна на Србинот Сретен Вукосавлевиќ и во него, меѓу другото, стои дека, според Србите, „ако со целиот вардарски слив владее само еден сопственик, тој не само што ќе владее со една покраина, за која Србите мислат дека е етнички и историска нивна, туку тоа е многу опасно и за другите српски покраини, средишните и најважните“,пренесува Дневник.

Во продолжение на елаборатот, доставен лично до Тито, се вели: „Тежнеењето со оваа долина да се добие пристап до Белото Море, иако понекогаш силна, сепак за Србите е само спореден мотив во борбите за вардарската долина. Поради тоа, тие секогаш прилично лесно се помируваа со Грците за Македонија доколку Грците не бараат повеќе од тоа да го имаат под своја контрола само излезот на вардарска долина на Белото Море“. Србинот Вукосавлевиќ го информира Тито и за економските проблеми на Македонија потенцирајќи дека Македонија без Србија нема шанси да преживее, потоа за историската свест, односно дека „заедничка македонска историска традиција нема воопшто и никаде“.

Според него, „нема македонска епска поезија, нема македонски приказни, нема споменици на материјалната култура, пишани дела, кои Македонците ги сметаат за своја заедничка сопственост“ потенцирајќи дека „српската држава била последна држава, која со Македонија владеела пред турското ропство“, а јазикот што се говори е „ресавско-призренски дијалект на српскиот јазик“.

Освен ова, Тито тој јули во елаборатот на Сретен Вукосавлевиќ за таканаречените македонски проблеми можел да прочита и дека „да се говори за дејствувањето на ВМРО како за дејствување на создавање посебна Македонија и од тоа создавање некаква македонска револуционерна традиција е потполно неточно. Ова во најчест случај е свесно и планско искривување на фактите, камуфлажа во корист на Бугарите. Во заклучокот на својот „елаборат за Македонија“, Србинот Вукосавлевиќ, кој во еден период ќе извршува и високи функции во новата југословенска федерација, го информира Тито дека се „трудел да ги изложи сите главни факти“ сфаќајќи ја „одговорноста за тоа на кого му поднесува извештај и во какви услови“, притоа подвлекувајќи дека „ако бил необјективен како Србин, тоа е само ненамерно“, сметајќи дека ниту еден факт не е „многу искривен“.

Според него, „Македонија се создава сега под најнеповолни морални и политички услови за Србија“, односно се создава „непосредно по режимот, кој беше прогласен за србијански, омразен секаде, а особено во Македонија“, па оттука „Македонија се создава како негација кон Србија“. Сосема на крајот од овој „елаборат“ Тито можел да прочита дека „ако македонското прашање се реши така што ќе ја навреди или загрози Србија, решението нема да биде стабилно и ќе предизвика многу големи тешки ситуации и во Македонија и во Србија. Затоа треба Србија да се прифати како страна во решавањето на спорните работи.

Слични, но помали непријатни ситуации ќе има и со Бугарија ако областа во долината на Струма остане во југословенска Македонија или ако делови од бугарска Македонија бидат вклучени во југословенска Македонија. Не може ниту да се замисли грчка Македонија да се приклучи на југословенска Македонија.
Грците тоа нема да го дозволат, а доколку тоа се направи со сила, ќе работат секогаш и со сите средства таа Македонија да ја разбијат.

Треба да се знае дека Грците се најнационалистичкиот народ на Балканот. Доколку, сепак, се направи такво нешто, тоа ќе значи постојан тежок судир со Грција и со грчкиот народ. За Југославија тоа би значело дека ќе мора секогаш со сила да одржува една таква Македонија. Би значело непомирлив и континуиран судир со Грција, а Грција во тој судир никогаш не би била сама… Значи, грчка Македонија мора да остане во Грција“, завршува Вукосавлевиќ. Се разбира дека Тито го прочитал овој „исцрпен“ елаборат пишуван на машина за пишување на српски јазик со латинска азбука, иако осум месеци пред тоа веќе испратил покана до македонското раководство за рамноправно учество на Македонија и на македонскиот народ во формирањето на првата привремена влада на нова Југославија.

За повеќе прочитајте на весникот Дневник.

0 Comments

No Comments Yet!

There are no comments at the moment, do you want to add one?

Write a comment

Write a Comment