MKDNews.com

Неизвесен датумот на изрекување на пресудата за Шешељ

септември 10
18:18 2013

Seselj veliki poster BETAИако поминаа две недели откако поради наводна пристрасност Хашкиот трибунал го иззема судијата Фредерик Хархоф од случајот на Шешељ, останува нејасно како понатаму ќе се одвива судењето на лидерот на Српската радикална партија.

Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија, допрва треба да донесе одлука дали пресудата во долготрајниот процес против српскиот националистички политичар Шешељ, обвинет за воени злосторства, што беше планирано да биде донесена на 30 Октомври, уште пред да се појават контроверзии околу Хархоф, ќе биде изречена според планираното или не.

Во најновото соопштение што минатата недела го објави вршителот на должноста претседател на МКТЈ, судијата Кармел Агиус, стои дека судот ќе свика нов панел кој ќе го разгледа барањето на Главниот обвинител, Серж Брамерц, за преиспитување на одлуката за дисквалификација на Хархоф од судењето.

Судијата Хархоф е изземен откако во јули Шешељ поднесе барање за повлекување на судијата, во кое наведува дека данскиот судија не бил непристрасен, бидејќи сакал да осудува обвинети лица од српска националност.

Наводите за пристрасност доаѓаат како резултат на приватното електронско писмо на Хархоф, што протече во јавноста, во кое тој ги критикува ослободителните пресуди на судот донесени во високопрофилирани судски процеси, за српски и хрватски воени команданти.

„Во писмото судијата Хархоф покажува пристрасност во корист на пресудата, така што разумен набљудувач правилно информиран, би ја согледал пристрасноста“, се вели во одлуката на судот.

Во меѓувреме, претседателот на судскиот совет во случајот на Шешељ, Жан-Клод Антонети, поднесе сопствено „итно барање“ за појаснување на одлуката за повлекување на Хархоф.

И ова писмо на Антонети, испратено во електронска форма, излезе на виделина, случајно откривајќи ја содржината на дописот што Хархоф во јули му го испрати на судот, кога неговото приватно електронско писмо беше објавено од страна на меѓународните медиуми.

Во својот допис Хархоф негира каква било пристрасност против Шешељ.

„Немам, ниту некогаш сум имал какви било лични интерес врзани за судскиот процес против обвинетиот [Шешељ], ниту пак сум имал некаква поврзаност со него или некој друг што може да влијае на мојата непристрасност во случајот“, пишува тој.
„Затоа, јас не верувам дека мојот е-мејл содржи било какви елемент што можат да фрлат сомнеж во врска со мојата непристрасност во овој судски процес“, додава тој.

Шешељ е обвинет за воени злосторства и злосторства против човештвото, против несрпското население во Босна и Херцеговина, во Хрватска и во српската покраина Војводина, извршени помеѓу 1991 и 1994 година.

Српската радикална партија изрази уверување дека судиите веќе донеле одлука за ослободување на Шешељ и дека неговото ослободување е неизбежно.

„Пресудата е веќе донесена, само треба да биде објавена јавно … Шешељ се враќа [во Србија], бидејќи секоја друга пресуда е невозможна“, изјави минатата недела неговиот правен советник Зоран Красиќ, на прес-конференција во Белград.

Марија Ристиќ – Белград

0 Comments

No Comments Yet!

There are no comments at the moment, do you want to add one?

Write a comment

Only registered users can comment.