MKDNews.com

Македонија поразена од Летонија и крај на Европското првенство за Македонија

септември 09
17:04 2013

Македонската кошаркарска репрезентација го загуби и четвртиот од вкупно петте одиграни натпревари на Евробаскет 2013. Денеска, за крај, мерка ни зема и селекцијата на Летонија, победувајќи со 76-66, оставајќи не на последното место во групата Б. Ако се сетиме дека пред две години бевме четврти во Европа, сега две години подоцна, истите кошаркари се претворија во „лузери“. Имаа само еден блесок, против Србија, и четири порази. Наши се, си ги сакаме, ама треба да знаат дека овој пат апсолутно ја разочараа нацијата. Некогаш беа херои, а сега ќе треба да го живеат и другиот дел од приказната, на класични „лузери“.

фото :eurobasket2013.org

фото :eurobasket2013.org

Летонија го отвори мечот со тројката на Берзинс, а потоа Беранс и повторно Берзинс, погодија за почетно водство од 7-0. Но, серијата не застана, истите кошаркари донесоа уште пет последователни поени, по што Антиќ погоди една тројка. Но, по пет минути игра во првата четвртина резултатот беше 16-5 за Летонија, а нам ни требаше триумф од десет поени разлика. И првпат на првенството, во игра влезе и Дарко Соколов. Следеше и мини – серија на Македонија, со поените на Гечевски и тројката на Илиевски, но и Летонците не попуштаа со ритамот (20-10), па на крајот од првиот период имаа водство од 27-16.

Фуријата овојпат не беше Македонија, како што сите се надевавме, туку Летонија. Негативата достигна и огромни 15 поени разлика (35-20), а единствен кој покажуваше малку инает беше Лестер Бо Мекејлеб. Останатите, во тие моменти, како никогаш да не играле кошарка. На вакви натпреварувања, препотентноста и опуштеноста, па, ако, сакате и неспортскиот живот, се одбиваат од глава.

Кога Шкеле пресече топка во одбраната на четири минути пред крајот, Летонија поведе со 43-26. Малку земаа здив нашите кошаркари, направија мини – серија од 6-0, но тоа се уште беше огромна негатива (43-32). На самиот крај, Перо Антиќ постигна тројка, но не беше призната, па Летонија замина на одмор со 49-36.

Ниту паузата не ги освести грогираните македонски кошаркари и Летонија повторно си создаде уште поубедлива предност. По 23 минути, на семафорот стоеше 59-39. Во игра за прват на првенството влезе и Александар Костоски. Арно што се сети Пипан дека има и други кошаркари на клупата. И тогаш, се стопи негативата. Македонија направи серија од 13-3 и ја комплетираше третата четвртина со негатива од десет поени (62-52). Но, за чудо требаше последниот период да се добие со 20 поени разлика.

фото :eurobasket2013.org

фото :eurobasket2013.org

За чудо, сепак, треба и да се потрудите. Македонските кошаркари не покажаа победнички карактер, како едвај да чекаа да го комплетираат очајниот шампионат и да си заминат дома. Летонците тоа им го исполнија, ги испратија директно на аеродром, а пред крајот на мечот шанса за да одигра две минути доби и Стојан Ѓуроски.

На крајот, кога ќе се средат малку импресиите, ќе следиат и анализите, како тоа истата репрезентација која пред две години беше четврта во Европа, сега не можеше да ја помине групата. Имаше и малери, и погрешни судиски одлуки, но, сепак, најголемата вина ја сносат македонските кошаркари и стручнио штаб. Се чини дека пресудно беше што изостана хемијата, победничкиот дух, цврстиот карактер. Од капитенот Перо Антиќ, па се до селекторот Алеш Пипан. Голем дел од нив, и подобро е да си заминат да си пензионираат и да добијат врамени дресови.

0 Comments

No Comments Yet!

There are no comments at the moment, do you want to add one?

Write a comment

Only registered users can comment.