MKDNews.com

Колумна: ВЛАДИНИОТ ЏОКЕР КЕРИМ, ВИА ОМД, ЗА ИМЕТО!

септември 14
17:18 2013

Пишува Тодор ПЕТРОВ

Беше деновиве Метју Нимиц во Грција, дојде и во Македонија. Ги соопшти позициите и на двете страни. После Атина и Скопје, ни го испорачаа Срѓан Керим, претседателот на 62 Генерално Собрание на Обединетите Нации, во интервју на МТВ.

petrovКерим вели, тоа истото повеќепати досега го повторува: “Спорот и разликите не се околу тоа дали Македонија се вика Република Македонија, туку околу тоа кое модифицирано име треба да ја замени референцата во Обединетите Нации. Бидејќи своевремено ние баравме да бидеме примени под името Република Македонија, Грција се спротивстави, беше поддржана од две членки на Советот за безбедност што членуваат истовремено во ЕУ – Велика Британија и Франција, и како компромис произлезе таа референца“.

Керим додава: “Се работи за прашање како и со што да се замени референцата, а не да се менува уставното име на Република Македонија.“

Која изјава, ама врз ништо незаснована!

Керим е извршител кој го турка американската страна. Затоа Американците и ја формираа т.н. “Обединета Македонска Дијаспора“, приватно здружение, кое неуспешно сака да одглуми “лидер“ меѓу Македонците во светот, но тоа не им успева, затоа што се прочитани, заедно со нивните ментори. Затоа ОМД го награди Киро Глигоров, Џон Битов, Срѓан Керим…

Впрочем, Срѓан Керим стана главно квиско на ОМД, тој им гостува речиси на сите таканаречени “глобални конференции“, ама неговиот став е: промена на државното име Македонија! На таа карта е веќе јако вклучен и Драган Павловиќ Латас, кој на прашањето “Дали би се согласил со промена на името за влез во Европа?“ вели “Промената на државното име е многу хипотетичко прашање за да има конкретен одговор. Промена на име е многу општ поим. Што подразбира позади тоа? Значи, што подразбира позади тоа?“ Ќе си ги покажат сите роговите, на крајот нечии глави ќе летнат.

И покрај се’, играта е многу јасна. Владата летово се дистанцира од Светскиот Македонски Конгрес. Светскиот Македонски Конгрес од 1992 година бара безусловен крај на разговорите за државното име Македонија веднаш! Киро Глигоров, своевремено, во 1992 година, заради замена на државното име Македонија со временото обраќање “поранешна Југословенска Република Македонија“ и промена на државното знаме со шеснаесет-зрачното златно-жолто сонце, си формира таканаречен “Втор Светски Македонски Конгрес“ со Џон Битов. Умре и не и’ се извини на нацијата за лагата во 1992 година дека временото обраќање ќе трае два месеци. Поминаа дваесет години. Денес Владата на Никола Груевски, репризно, си формира свој конгрес во ликот и делото на Методија Колоски и таканаречената “Обединета Македонска Дијаспора“. “Вториот Светски Македонски Конгрес“ на Киро Глигоров му беше потребен како баланс наспроти Светскиот Македонски Конгрес. Демек, има емиграција која е против промена на државното име и знаме, ама има и такви кои се за ставот на владата на Бранко Црвенковски и претседателството на Киро Глигоров. Истиот филм и’ е потребен и на актуелната Влада: кога ќе го сменат (ако го сменат) името и тие да кажат, има некои во емиграцијата кои се против промена на името, ама има и такви (како ОМД) кои го прифаќаат ставот на владата. Нели, направија парада на државна сметка летово во хотел “Александар палас“, демонстрираа (стаклена, проѕирна) монолитност, си доделија награда од Методија Колоски а-ла ОМД, го претставија официјалниот владин став преку Срѓан Керим и се сликаа со американскиот и британскиот амбасадор. Наводно се собраа за Балканските војни, а ниту еднаш со едноминутно молчење не им се поклонија на Македонците жртви во Балканските војни, не направија ниту една панихида за помен, не положија цвеќе за нив. Педантни беа само во гала вечерата во хотел “Александар палас“, разочарани се вратија сите што беа сведоци на таа маскарада.

Сега, провладините медиуми и новинари треба да го одработат крајот. Да ги блокираат, да ги исклучат од јавност, сите кои се против промена на името и бараат безусловен (не прекин) туку крај на разговорите за државното име Македонија и продолжување на членството во Обединетите Нации и во сите меѓународни организации под државното име Македонија. И, се разбира, да ја подзасилат демагогијата и заблудувањето на јавноста, дека не се менува државното име, туку временото обраќање во Обединетите Нации (?!)

Само едно нешто заборавија да кажат, дека акронимот “поранешна Југословенска Република Македонија“ не е друго меѓународно име на државата Македонија, за чијашто замена се водат разговорите во ООН. Акронимот “поранешна Југословенска Република Македонија“ е само, и ништо друго освен, времено обраќање додека траат разговорите за разликата за државното име Македонија со јужниот сосед Елада. Државата Македонија во Обединетите Нации е примена под државното име Македонија со уставната додавка Република како “The Republic of Macedonia“. Да не беше така, немаше да има разговори за разликата за државното име Македонија со посредство на медијатор на генералниот секретар на Обединетите Нации, во моментов амбасадорот Метју Нимиц. Разговорите со посредство на Обединетите Нации меѓу Македонија и Грција се водат само заради разликата за државното име, а додека тие траат, во Обединетите Нации, поради согласноста на тогашниот премиер Бранко Црвенковски и покојникот Киро Глигоров, времено да ни се обраќаат со “поранешна Југословенска Република Македонија“! И ништо повеќе од тоа!

Забораваат дека државата Македонија има само едно и единствено име што се состои само од еден единствен збор, зборот Македонија, без никакви додавки и придавки! Тоа име на државата Македонија е ерга омнес, за сите, за секаде и за секое време! Забораваат дека државата Македонија нема име за внатрешна употреба и име за надворешна употреба!

Забораваат дека државата Македонија не води разговори за промена на временото обраќање “поранешна Југословенска Република Македонија“ во Обединетите Нации, туку додека се водат разговорите за разликата за државното име Македонија со државата Елада, времено и само во системот на Обединетите Нации да ни се обраќаат со “поранешна Југословенска Република Македонија“!

Секое друго решение е изместување на мандатот на Обединетите Нации и на медијаторот на генералниот секретар на Обединетите Нации Метју Нимиц.

Обединетите Нации не определуваат име на држава и нација, Обединетите Нации не определуваат имиња на народи и јазици! Името на државата, името на нацијата и името на јазикот се суверени, неприкосновени и неотуѓиви права на нациите! За нив не се разговара, за нив не се преговара, за нив не се договара!

Флоскулата “разумен компромис“ е неразумна глупост на власта!

А, што се однесува до опсегот на употребата на државното име и идентитетот на нацијата, па и да не се водат никакви разговори за тие прашања, и да се договори било какво решение за нив, идентитетот на нацијата по меѓународно право, по автоматизам произлегува од државното име! Секоја промена на државното име Македонија по автоматизам го менува идентитетот на нацијата, што подразбира името на мнозинскиот македонски народ (етнос) и државниот јазик, односно јазикот на мнозинскиот народ (етнос) – македонскиот!

Мандатот на секоја Влада, па и на актуелната на ВМРО-ДПМНЕ произлегува од отфрлањето на каква и да е промена на државното име Македонија! Космодром да изградат во Македонија, ако ВМРО-ДПМНЕ прифати промена на државното име, ќе заврши исто како и ВМРО-НП, а Никола Груевски како Љубчо Георгиевски!

Не сакам да верувам дека кај власта нема да проработи исконскиот нагон на македонското самоопределување, самоидентификација и самоодбрана! Иако српските врховисти од времето на СДСМ и бугарските врховисти од времето на Љубчо Георгиевски се уште се комотни во власта, ама ќе ја дестабилизираат земјата и регионот, ако сторат било што спротивно од волјата на народот и одлуката на референдумот од 8 септември 1991 година “ЗА СУВЕРЕНА И САМОСТОЈНА ДРЖАВА МАКЕДОНИЈА“ без додавки и без придавки!

Претседателе, премиере, министри, пратеници, одлуката на референдумот од 8 септември 1991 година важи за сите! Во тие сите сте и Вие! Ваша е одговорноста да ја почитувате волјата на македонскиот народ и граѓаните, во спротивно, ќе Ве нема! А, тогаш, не Керим, Свети Керим не Ве спасува!

Па, Срѓан Керим ли, Пол Волерс ќе ни го мести за кандидат за претседател на државата чие име Македонија предлага да се смени?!

0 Comments

No Comments Yet!

There are no comments at the moment, do you want to add one?

Write a comment

Only registered users can comment.