MKDNews.com

ФК Вардар: Правдата во „случајот Бујчевски“ е на наша страна

септември 17
20:33 2013

Случајот „Антонио Бујчевски“ деновиве ја окупира домашната фудбалска јавност, пред се поради можноста актуелниот шампион Вардар поради спорна регистрација на своето засилување од Еуромилк ГЛ, да го загуби службено со 0-3 натпреварот против Металург. Токму по се понагласените шпекулации околу казната која би можела да следи за „црвено-црните“, денеска со официјално соопштение се огласи и ФК Вардар од каде нагласуваат дека досега нема официјална одлука за пререгистрација на спорниот натпревар, а вината за пропустите при регистрацијата на Бујчевски не може и не смее да се бара ниту во ФК Вардар, ниту во фудбалерот. 

„Иако ФК Вардар апсолутно опстојува на својата интенција, максимално верувајќи во сите фудбалски институции во земјава, своите права како и секогаш да ги бара исклучиво согласно статутарните рамки утврдени од ФФМ, без притоа непотребно да ја оптоварува јавноста, овој пат неизбежно реагираме со оглед на фактот што одредени домашни медиуми деновиве се поинтензивно се ставаат во улога на адвокати на поединци и клубови, притоа тенденциозно дезинформирајќи ја спортската јавност на штета на Вардар. Како што веќе е добро запознаена македонската фудбалска јавност, деновиве актуализиран е проблемот со регистрацијата на нашиот нов фудбалер Антонио Бујчевски, за кој ФК Вардар одговорно тврди дека има сосема исправна регистрација, што се однесува до неопходната документација која од нас ја бараат правилниците на ФФМ. Не сакајќи да навлегуваме во тоа дали има одредени пропусти при неговата регистрација во поедини фудбалски институции, единствено како клуб тврдиме дека, доколку постои, вината ниту може ниту смее да се бара во ФК Вардар, или во фудбалерот, како поединец. ФК Вардар воопшто не се огласува по ова прашање во јавноста затоа што досега нема никаква официјална одлука за пререгистрација на „спорниот“ натпревар со Металург, а се додека е така, како и секогаш, оставаме својот последен збор да го кажат фудбалските институции кои единствено се надлежни за функционирањето на овој спорт согласно Статутот и правилниците на ФФМ.

Без желба, притоа, да вршиме било каков притисок преку јавноста на надлежните институции, а каков што во моментов се обидуваат да наметнат одредени медиуми и поединци кои тенденциозно се насочени единствено против Вардар. ФК Вардар се уште ја чека правната разврска околу целиот случај, по што би следела евентуалната конечна реакција“ – се вели во соопштението на ФК Вардар. 

А, откако ОФС Гази Баба најпрво не ја прифати жалбата на Металург, второстепената комисија на ОФС Гази Баба на 13. септември ја поништи регистрацијата на Антонио Бујчевски. Во моментов од страна на ФК Вардар е поднесена жалба до Комисијата за заштита на правилниците при ФФМ, по што се чека одлуката на оваа Комисија.

Претходно Комесарот за натпревари на ФФМ натпреварот меѓу Вардар и Металург го регистрираше со резултат, 2-2. „Правдата е на наша страна, затоа што ние ниту сме надлежни ниту од нас се бара да водиме евиденција за настапи на одредени фудбалери пред тие да бидат официјално регистрирани за нас. Надлежните фудбалски институции претходно ја верификуваа официјално регистрацијата на Бујчевски, кој уредно доби регистрација на 30. август, притоа потврдувајќи ја исправноста на нашата документација“ – велат од Вардар.

0 Comments

No Comments Yet!

There are no comments at the moment, do you want to add one?

Write a comment

Write a Comment