MKDNews.com

Дванаесетмина уапсени за трговија со дрога 

септември 19
20:09 2013

Македонската, во соработка со германската полиција, во неколку градови вршеше претреси за разбивање на „Франкфуртската мафија“ .

Македонската полиција, во соработка со колегите од Германија реализираше уште една акција за разбивање на трговците со дрога во земјава. Во раните утрински часови во Скопје, Велес, Куманово, Битола, Штип, Свети Николе и Струга се приведени 12 лица кои се сомничат дека биле дел од меѓународниот синџир за трговија со наркотични дроги, а кој што случај на домашната јавност и’ е познат под името „Франкфуртска мафија“. 

Акцијата, како што потврдуваат од МВР, имала за цел да се спречи натамошната препродажба на наркотици, но и перењето на парите кои се прибирале од продажбата. На најновото продолжение на слуачјот „Диригент“ му претходело оперативно прибирање на сознанија за десетици лица кои биле инволвирани во илегалната троговија.

Само во текот на мината година повеќе од 50 лица биле предмет на обработка, но дури 30 од нив биле уапсени во Франкфурт. Од уапсените 19-тмина се македонски државјани. Од приведените во Франкфурт шеснаесетмина живеат во државава, но само шестмина од нив се занимавале со непосредна продажба на хероин, а преостанатите десетмина биле инволвирани во перење на парите кои биле заработени од продажба на дрогата.

Портпаролот на МВР, Иво Котевски, најавува дополнителни проверки во соработка со Агенцијата за спречување перење пари и со Управата за јавни приходи. Намерата е да се изврши проверка на сметките на оние фирми за кои се верува дека биле ставени во функција на легализација на парите од продажбата на дрогата. Од МВР потенцираат дека осомничените, во Франкфурт функционирале како три одвоени криминални групи, а хероинот освен од Македонија бил набавуван и во други држави. 

Случајот во соработка на македонската со австриската и германската полиција, беше отворен пред четири години и оттогаш биле приведени 380 лица. Во судска постапка која неправосилно беше завршена во јуни минатата година скопскиот кривичен суд им изрече затворски казни на 29-те обвинети во случајот.

Највисока казна, во траење од 13 години, судот му изрече на првообвинетиот Спасе Димовски. Само три години помалку му беа изречени на неговиот син Томе, а велешанецот Зоран Манасков викан „Скршен“ беше осуден на затворска казна во траење од 11 години затвор, а на останатите им беа изречени казни меѓу пет и шест години затвор.

0 Comments

No Comments Yet!

There are no comments at the moment, do you want to add one?

Write a comment

Only registered users can comment.