MKDNews.com

Бунтовниците го отфрлија, светските лидери го поздравија договорот за Сирија

септември 14
21:06 2013

Договорот на САД и Русија за контрола на сириското хемиско оружје денеска го поздравија ОН, Франција, Велика Британија и Германија, додека сириските бунтовници го отфрлија, истакнувајќи дека тој на сирискиот режим ќе му овозможи да помине неказнето.

Договорот, што предвидува сириското хемиско оружје во целост да биде уништено, до средината на следната година, го поздрави генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун, кој, меѓутоа, истакна дека договорот мора да биде чекор кон ставање крај на „ужасните страдања“ на Сиријците.

Salim-IdrisБан додаде дека „искрено се надева“ дека постигнатиот договор во Женева ќе попречи на нова употреба на хемиското оружје во Сирија и „ќе го подготви патот за политичко решение“ на конфликтот.

Францускиот министер за надворешни работи Лоран Фабиус го поздрави како „важен напредок“ постигнувањето договоро меѓу САД и Русија на преговорите во Женева за сириското хемиско оружје.

Фабиус истакна дека „Франција ќе го земе предвид извештајот на инспекторите на ОН за жртвите во Дамаск, што ќе биде објавен во понеделник, за да усвои свој став“.

Според генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун извештајот „ќе го потврди на неоспорен начин“ користењето хемиско оружје во близина на Дамаск ноќта меѓу 21 и 22 август, но без да посочи кој е одговорен за тоа.

Шефот на британската дипломатија Вилијам Хејг исто така го поздрави договорот на Русија и САД за уништување на сирискиот хемиски арсенал, истакнувајќи дека сега итно ќе се пристапи кон спроведување на договорениот план.

– Шансите за политичко решавање на кризата во Сирија „значително“ се зголемуваат по објавувањето на руско-американскиот договор за хемиското оружје на Дамаск, изјави шефот на германската дипломатија Гидо Вестервеле.

Во куса изјава тој го поздрави договорот и истакна дека „траен мир“ во Сирија не може да „биде постигнат преку воено решение, туку само преку политичко решение“.

Германија категорично го исклучува своето воено учество во евентуална интервенција на Западот во Сирија.

Лидерот на бунтовничката Сириска слободна армија, генерал Селим Идриз, го отфрли денеска руско-американскиот договор за уништување на хемискиот арсенал на Сирија.

– Не можеме да ја прифатиме иницијативата, изјави тој во Истанбул.

– Договорот не се однесува на Сириската слободна армија – ние немаме хемиско оружје. Јас и моите браќа ќе продолжиме да се бориме до пад на режимот, изјави генерал Идриз.

Тој побара пред уништување на сириското хемиско оружје, претседателот Башар ал Асад да биде исправен пред Меѓународен кривичен суд, и ги прекори Русите и Американците „дека не се интересираат за другото оружје кое ги убива Сиријците“.

Идриз додаде дека располага со информација според која сирискиот режим почнал да префрлува хемиско оружје во Либан и Ирак.

Што се однесува до евентуално примирје, што ќе ја олесни мисијата на меѓународните инспектори, тој изрази уверување дека Сириската слободна армија „не е заинтересирана“ за прекин на огнот со сирискиот режим.

0 Comments

No Comments Yet!

There are no comments at the moment, do you want to add one?

Write a comment

Write a Comment