MKDNews.com

Зошто Србите и Бугарите го одминуваат Охрид како туристичка дестинација?

август 11
08:54 2013

Според туристичките работници од Охрид и Струга, лани била подобра туристичка година за “субвенционираните “ странски туристи.

Ohrid-plaza-18.jpgЛани, неделно се реализирале по осум до девет чартер-летови со кои директно од земјите на Бенелукс( Холандија, Белгија, Луксембург), туристите стасувале на Охридскиот аеродром. Годинава таа бројка е намалена на пет летови неделно, велат од Асоцијацијата на хотелиери.

Еден странски турист кој во Охрид дошол преку туроператор што користи државна субвенција, за седумдневен аранжамн плаќа од 199 евра до 399 евра. Во цената е вклучен седумдневен полупанионски аранжман и авионската карта.

Според проценките на хотелиерите, надвор од пансионот, секој од овие туристи дневно троши по 30 тина евра, или за седум дена околу 200 евра. Вкупно, еднонеделното летување на еден холанѓанец во некој од охридските хотели, со вклучен авионски превоз, би го чинело од 400 до 600 евра.

“За секој турист од земјите на Бенелукс, Македонија плаќа по 65 евра – државна субвенција. Токму ова е причината поради која туроператорите што носат туристи од таму нудат и евтини аранжмани“ – објанува Дончо Таневски, преседател на ХОТАМ.

Лани на ваков начин дошле 20 илјади туристи кои државата според грубата пресметка ја чинат 1,5 милиони евра.

Колку туристи ќе има годинава, ќе се знае откако ќе се затвори оваа летна сезона која за овој вид на понуда трае од мај до октомври.

ДРЖАВЕН ЛОВ НА СТРАНСКИ ТУРИСТИ

Ohrid-plaza-20.jpgСпоред Правилникот за начинот, видот и висината на субвенциите, што го дефинира Министерството за економија, право на субвенција има секој организатор ( туроператор или агенција) на пакет-аранжмани на странски туристи.

Според правилата, туристот мора да престојува најмалку три ноќи, со вклучен доручек и да биде сместен во категоризирани угостителски објекти. Државните субвенции не важат за сместување во соби и апартмани кои не се регистрирани како вршители на туристичка дејност и не се категоризирани.

Генерално, субвенциите се доделуваат на туристи кои стасуваат во Охрид организирано, во група од по најмалку 10 лица.

По 10 евра се субвенционираат туристи кои со автобуски превоз доаѓаат од земјите во опкружувањето : Албанија, Бугарија, Србија, Косово, Грција, Црна Гора, Босна и Херцеговина.

По 15 евра субвенција се доделува за гостите од Турција, Романија, Унгарија, Словенија, Хрватска кои ќе дојдат во Охрид со автобус, додека за туристите од сите останати земји, субвенцијата изнесува 20 евра.

За туристите што пристигнуваат со воз, државните субвенции се движат од 10 до 15 евра.

Други правила важат за гостите што стасуваат со авион. Така, за туристите од земјите од Бенелуск( Холандија, Белгија, Луксембург), Финска, Данска, Норвешка, Шведска, Русија, Украина, Обединети Арапски Емирати и Јапонија, субвенцијата изнесува максимални 65 евра. За гостите од европските дестинации, во кои не се вклучени претходните земји, државната субвенција изнесува 25 евра додека за интерконтиненталните туристи 45 евра по човек.

За нијанса поинакви правила има за туристите кои стасуваат со чартер-летови. И тука предност се дава на гостите од скандинавија – по 65 евра за секој донесен турист.

Дел од угостителите сметаат дека субвенциите за туристите беа причина што се загубија балканските туроператори и туристи, бидејќи субвенциите за балканот се далеку пониски отколку за Бенелукс, па балканските агенции го изгубија интересот за Охрид. Се на се, Охрид годинава освен домашните ги загуби и странските туристи, особено оние од Балканот, Србија и Бугарија, кои со години наназад го пополнуваа балканскиот Ерусалим.

Комплетното барање за одобрување на субвенциите се доставува до Агенцијата за промоција и подршка на туризмот.

Според досегашните пресметки на хотелиерите, во оваа летна сезона бројот на субвенционирани туристи ќе биде помал во однос на лани, што е една од причинита за најлошата туристичка сезона во Охрид во последнава декада.

0 Comments

No Comments Yet!

There are no comments at the moment, do you want to add one?

Write a comment

Write a Comment