MKDNews.com

Заради економијата и невработеноста младите бегаат од земјава

август 12
21:44 2013

Младите се иселуваат од Македонија главно поради економски причини, изјави претседателката на Националниот младински совет Ивана Давидовска за време на прес конференцијата по повод одбележувањето на 12 август, Меѓународниот ден на млади годинава посветен на миграцијата. 16 проценти од оние граѓани од земјава кои мигрирале во странство, постојано или привремено, се млади, наспроти светскиот просек според кој мигрираат 10% од младите.

Иако една четвртина од населението се млади, според Давидовска, тие се соочуваат со безброј предизвици од економски или социјален карактер, пред се со младинската невработеност и мигрирањето.

За вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими, земјите во кои има млади луѓе имаат и иднина. Тој посочи дека од 1998 до 2012 година, околу 230 илјади граѓани, односно околу 12 отсто од населението, се иселиле од земјава, но за него ова е придобивка.

„Тие секако во Република Македонија ќе донесат знаење, развој, ќе донесат со нивното знаење можеби и инвестиции во иднина и тоа е доброто. Тоа се тие главни принципи на слободно движење во рамките на ЕУ, слободно движење на капитал, на знаење, услуги, технологија и човечки ресурси. Дел од нив се отидени од социјално-економски причини, за работа, дел од нив се отидени за образовни цели, меѓутоа ова треба да го согледаме како потенцијал за развој“, изјави Бесими.