MKDNews.com

Уште само еден осомничен за масакрот во Сребреница сѐ уште на слобода

август 16
11:25 2013

По екстрадицијата на осомничено лице од Израел, уште само еден босански Србин, поранешен припадник на војската на Република Српска, се уште го одбегнува обвинението за масовната егзекуција на муслимански цивили од Сребреница во 1995 година.
По екстрадицијата на осомничениот Александар Цветковиќ, кој се очекува од Израел да пристигне во Сараево во четврток навечер, на слобода останува уште само еден поранешен член на Десеттиот диверзантски одред на војската на босанските Срби, осомничен за вмешаност во масовните убиства од 1995.

По поранешниот војник, Брано Гојковиќ, распишана е меѓународна потерница, но, засега местото на негов престој е непознато.

Тој, исто како и Цветковиќ, е осомничен дека бил член на стрелачкиот вод составен од осум војници, босански Срби, кои на 16 јули 1995 година, по падот на Сребреница, убиле најмалку 800 муслимански мажи и момчиња од Сребреница на фармата Брањево, во близина на градот Зворник. Од жртвите, само неколкумина успеале да преживеат.

„Тие егзекуциите ги вршеле ладнокрвно и правеле паузи за да јадат и пијат пиво во ливадата полна со мртовци, додека други чекале да бидат погубени“, се вели во пресудата против четворица други војници од единицата, Франц Кос, Станко Којиќ, Зоран Гороња и Властимир Голијан, кои првично беа осудени на 142, а по усвоената жалба казната им беше смалена на вкупно 112 години затвор.

Двајца други обвинети, Марко Бошкиќ и Дражен Ердемовиќ, го призна убиствата и беа осудени на 10 и 5 години затвор.

Иако, сите шестмина беа првично обвинети за геноцид, тие беа прогласени за виновни за злосторства против човештвото.

Портпаролот на босанското обвинителство, Борис Грубешиќ, за БИРН изјави дека и Цветковиќ ќе биде обвинет за геноцид.

Босанското обвинителство за вмешаност во убиствата во Сребреница го сомничи и Милорад Пелемиш, поранешен командант на 10-тиот диверзантски одред, кој во моментов живее во Србија, но, засега не е издаден налог за негово апсење.

Според израелските медиуми, Цветковиќ негирал дека бил член на стрелачкиот вод, тврдејќи дека за време на падот на Сребреница, бил возач во војската.

Со пресуди на Хашкиот трибунал е утврдено дека 10-тиот диверзантски одред бил формиран во октомври 1994 година. Тој му бил доделен на Ратко Младиќ, командант на војската на босанските Срби.

Младиќ се наоѓа во Хаг, каде, меѓу другите обвиненија, му се суди и за геноцид во Сребреница.

Justice Report – Сараево

0 Comments

No Comments Yet!

There are no comments at the moment, do you want to add one?

Write a comment

Write a Comment