MKDNews.com

Трнлив патот до македонско државјанство

август 23
14:26 2013

Голем дел Македонци кои живеат во странство и кои ги исполнуваат условите да добијат државјанство воопшто не го бараат тој документ, а ако сепак се одлучат да го сторат тоа, се жалат дека процедурата воопшто не е едноставна и дека за документите мора да дојдат во Македонија, а често и тука не можат да ја завршат целата процедура.

makedonsko-drzavjanstvoКога процедурата ја објаснуваат претставниците на државните институции звучи доста едноставно и логично. Ако ги исполнувате условите да аплицирате за македонско државјанство, односно сте Македонец по потекло, родени сте на територијата на државава, но живеете во странство, тогаш обратете се до дипломатско-конзуларно претставништво и почнете ја процедурата.

Но ако сте иселеник што сака да извади државјанство за своите потомци, работите во практика не се толку едноставни.

Тоа го искусил македонскиот иселеник Мендо Вељановски, кој сакал да извади државјанство за своите внучиња.

– Пред 2012 година бев во Македонија и ги имав документите со мене. Прашав во полицијата што треба да правам за внучињата да бараат државјанство во Македонија и на шалтерот ми рекоа дека треба да го видат таткото на децата, бидејќи тој е Швеѓанец. Потоа се вратив во Шведска и се јавивме во нашиот конзулат, а оттаму ни рекоа дека полесно е да бараме во Македонија и дека сѐ ќе завршиме таму. Ќерка ми Елена и нејзиниот маж Матс Густафсон дојдоа во Македонија годинава да ги запишат децата Самуел и Јулиа за да земат македонско државјанство – раскажува револтирано Мендо.

Но неговата приказна не завршува со доаѓањето во Македонија. Откако процедурата ја почнале во полицијата во Битола, па оттаму ги препратиле во родното село на Мендо, Добрушево, и по пет дена ги добиле дополнителните документи што им рекле дека им се потребни, добиле уште понеочекуван одговор.

– Кога ги направиве сите документи ни рекоа да ги однесеме во полицијата во Битола, а оттаму по осум дена ни стигна одговор дека треба да бараме државјанство во Шведска, а не во Македонија. Нам ни е чудно што прво нѐ тераа од конзулатот во Шведска да дојдеме во Македонија, а од Македонија нѐ тераат во Шведска. Нашето време помина во Македонија без никаков резултат, само со триста тропања од врата на врата. Многу сме незадоволни дека тие си играат со нас. Кој знае каде треба да бараме државјанство ако тие не знаат -вели Мендо.

И Македонците од Австралија на мака

И Ицо Најдовски-Перин, кој долги години живее во Австралија, тврди дека патот до македонско државјанство е трнлив. Toj вели дека контактирал со повеќе Македонци што сакаат да извадат државјанство, но дека бројот на оние што го имаат е исклучително мал.

– Македонците од беломорска Македонија немаат право на државјанство, втората и третата генерација Македонци многу малку или воопшто не се интересираат, а лицата што се интересираат да се стекнат со македонско државјанство треба да поминат доста трнлив пат што мора да се изоди во Македонија. Ние иселениците мора да вадиме изводи на родените, венчаници, државјанства и лични карти само во Македонија и тоа мора да биде во општината каде што лицето е родено. Искуствата што ги доживуваат иселениците што сакаат да се стекнат со документи се разочарувачки затоа што поголем број од нив не успеваат да ги извадат за време на својот престој во Македонија поради неодговорноста кај администрацијата и долгото време на чекање. Иако во јавноста се тврди дека иселениците лесно можат да дојдат до македонски лични документи, практиката покажува дека тие наидуваат на големи проблеми – вели Најдовски.

Тој објаснува и дека за иселениците што живеат во Австралија, каде што според пописот има околу 90.000 Македонци, а според нивните процени околу 250.000, работата е посложена бидејќи таму нема амбасадор цели две години.

Барање може и во странство, но документи само во Македонија

Од македонското министерство за внатрешни работи велат дека иселениците може барањето да го поднесат и во амбасадите или во конзулатите во земјите во кои живеат.

– Барање за стекнување, престанување или утврдување на државјанство на Република Македонија се поднесува до Министерството за внатрешни работи според живеалиштето на лицето или, ако тоа живее во странство, во дипломатско-конзуларното претставништво на Република Македонија во странство -велат од МВР.

Но од Министерството за надворешни работи под чија надлежност се дипломатско-конзуларните претставништва објаснуваат дека кај нив само го примаат барањето за државјанство и им кажуваат на заинтересираните кои документи им се потребни.

– Во принцип, за странките ние сме само пренесувачи или приемачи на документации и барања, т.е служиме како „шалтери“ на МВР- велат извори од МНР.

Од дипломатско-конзуларните претставништва, пак, објаснуваат дека документите мора да бидат оригинални и доколку сѐ е во ред, ги примаат и ги испраќаат до МВР преку МНР.

– Потоа МВР ги процесира и доколку се исполнети законските услови, МВР донесува решение за прием во државјанство, кое се доставува до ДКП во кое се аплицирало, по дипломатски пат. По приемот на решението за прием во државјанство на Македонија странката е должна да изврши упис во книга на државјани за да добие уверение за државјанство, со што постапката за прием е завршена и со тоа лицето може да поднесе барање за патна исправа, кое исто така може да се поднесе во ДКП на државава или во Македонија. Но за да го добие документот, сепак треба да дојде во земјава – велат од дипломатско-конзуларните претставништва.

Инаку, според Законот за државјанство, тој документ може да го добие дете на кое двајцата родители во моментот на раѓањето му се државјани на Македонија, без оглед каде е детето родено или живее, може да се добие и по основа на потекло односно се однесува и на деца родени во странство ако еден од родителите во моментот на раѓањето на детето е државјанин на Македонија, а другиот е странски државјанин, меѓутоа во овој случај е одредена горна возрасна граница на поднесување на барање до 18 години од родителите или лично до 23 години.

– На иселениците и нивните потомци до прво колено Законот им овозможува да стекнат двојно државјанство односно, покрај државјанството што го поседуваат, и државјанство на Република Македонија. Во постапката за стекнување државјанство по оваа основа треба де се утврди дали апликантот има својство на иселеник од Република Македонија односно дали е потомок до прво колено на иселеник од Република Македонија – објаснуваат од МВР.

0 Comments

No Comments Yet!

There are no comments at the moment, do you want to add one?

Write a comment

Only registered users can comment.