MKDNews.com

Сто и три години од раѓањето на Мајка Тереза

август 25
10:11 2013

Пред Спомен-куќата на Мајка Тереза во Скопје денеска ќе се одбележи 103-годишнината од нејзиното раѓање. По тој повод ќе се одржи проекција на интервјуто со Мајка Тереза дадено за ирската телевизиска куќа РТЕ и презентација на дел од уметничките слики на македонско-канадскиот уметник Мајкл Клос.

Интервјуто со Мајка Тереза е направено во Ирска во 1974 година со познатата новинарка Нодлег МекКарти. Во интервјуто таа говори за својата мисионерска работа, за нејзиниот народ, го спомнува нејзиниот роден град, за работните обврски на сестрите, за желбата на младите девојки да се приклучат во нејзиниот ред и да станат нејзини следбенички.

Проекцијата на филмот кој е дел од годинaшната програма за остварување на национален интерес во културата за 2013 година, ќе се одржи вечер во Летниот театар на Спомен-куќата на Мајка Тереза со почеток во 20 часот.

Уметникот Мајкл Клос, кој досега имал околу 100 самостојни и многубројни групни изложби насекаде низ светот, по повод годишнината на Спомен-куќата на Мајка Тереза донираше уметнички слики кои ќе бидат изложени во отворениот простор околу бунарот на Спомен-куќата. Дел од сликите ќе бидат продадени со аукција, а средствата од нив ќе бидат искористени за добротворни цели.

Оваа година Спомен-куќата на Мајка Тереза самостојно одбележува 103 години од раѓањето на нашата позната скопјанка.

Големата хуманистка и нобеловка за мир е родена во Скопје во 1910 година. На неполни 18 години заминала во Калкута каде што го основала редот Мисионери на љубовта и милосрдието и до упкојувањето во 1997 година им помагаше на болните и сиромашните, оставајќи го својот аманет дека светот е гладен за леб, но уште повеќе за љубов.

За својата хумана работа во 1979 година ја доби Нобеловата награда за мир. Во 2003 година папата Јован Павле Втори ја беатифицираше, т.е. ја прогласи за блажена, што е чекор до прогласување за светица.

На гробот на Мајка Тереза во Калкута има спомен-плоча со запис „Благодарност од Република Македонија и жителите на родниот град Скопје“.

0 Comments

No Comments Yet!

There are no comments at the moment, do you want to add one?

Write a comment

Only registered users can comment.