MKDNews.com

Шекеринска: Првиот чекор од Извештајот е Вељаноски да си даде оставка

август 29
15:40 2013

Како што изјави заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска : Прв и најважен чекор што Трајко Вељановски може да го направи во спроведувањето на извештајот е да си поднесе оставка, бидејќи во полноважен и релевантен документ, е констатирано дека токму тој, во неколку наврати го прекршил Уставот, Законот на Собранието и Деловникот.

СДСМ непоколебливо ќе инсистира на доследно исполнување на сите обврски што произлегуваат од Извештајот, усвоен со консензус и испратен како таков. Според неа, Ова е единствениот начин за враќање на европските вредности во Република Македонија. Таа побара веднаш да се почне со спроведување на Извештајот во Собранието.

– Деновиве ВМРО-ДПМНЕ ја малтретира јавноста обидувајќи се да го потцени и девалвира Извештајот на комисијата за 24 декември. Болната вистина од која ВМРО-ДПМНЕ бега е дека во официјален и полноважен документ е нотирано бруталното исфрлање на новинарите и пратениците од опозицијата од Собранието на црниот понеделник, и дека власта го прекрши највисокиот акт на државата – Уставот на Република Македонија.

Знаевме дека ВМРО-ДПМНЕ нема да сака да се соочи со вистината. Доказ за тоа беше предлагањето на Илија Димовски и Благородна Дулиќ за членови на Комисијата. Лица кои директно учествуваа и уживаа, без око да им трепне, кога полицијата кршејќи го Уставот, ги тепаше, влечеше и исфрлаше од собраниската сала нивните колеги – пратениците од опозицијата, како и новинарите од галеријата – рече Шекеринска.

Таа нагласи дека Извештајот за 24 декември е едногласно усвоен и потпишан од сите членови на комисијата, како и дека ставањето забелешка при потпишувањето на Извештајот од страна на членовите на ВМРО-ДПМНЕ во Комисијата, нема никакво влијание на полноважноста на Извештајот, ни политички, ни правно.

– Груевски треба да и објасни на јавноста зошто овој изум со ставање забелешки после потпис на договори не го употребува на пример при потпишување на договорите за задолжување на државата. Зошто после неговиот потпис не напише фуснота која ќе гласи „без согласност на граѓаните на Република Македонија“, па граѓаните да немаат обврски да ги враќаат огромните кредити и долгови.

Ноторна глупост е обидот на власта аргументација за оградување од договорот да бара во Виенската конвенција, која се однесува на меѓународни договори кои се применуваат во односи меѓу држави. Споредбено, тоа е како да се обидете меѓународни правила за прекуокеанска пловидба да ги примените за возење кајче во Охрид – објасни Шекеринска.

Таа се осврна на различните ставови од власта.

– За Груевски Извештајот е невалиден, Димовски тврди дека се потпишал на тоалетна хартија, а министерот за надворешни работи Поповски го поздравува Извештајот и го истакнува неговото значење за европската перспектива на Македонија. Од иста влада и од иста партија ли се овие луѓе?

Очигледно, власта има два става. За домашна и за меѓународна употреба. Доколку премиерот е толку бескомпромисен, цврст и решителен дека Извештајот е невалиден, зошто истото што го тврди за македонската јавност, дека не ги признава правните квалификации на Извештајот, не им го соопшти и на авторитетите во Брисел? Штефан Филе конкретно прецизираше дека го поздравува финалниот Извештај усвоен со консензус. Зошто Груевски јасно и прецизно не му соопшти на Филе дека Извештајот, потврден од меѓународни експерти, го смета за безначајно парче хартија? Дека ЕУ комесарот Филе грешно тврди дека „извештајот е усвоен со консензус, поддржан од сите членови на Комисијата“? И потоа да побара позитивен извештај на Европската Комисија за Македонија – рече Шекеринска, која смета дека очајни се напорите на власта пред домашната јавност да прикаже цврстина и непопустливост, оти, како што рече, вождот е гол, а неговите партиски извршители во тотална конфузија.

0 Comments

No Comments Yet!

There are no comments at the moment, do you want to add one?

Write a comment

Only registered users can comment.