MKDNews.com

Шефови на српската државна безбедност ќе се соочат со повторно судење

август 09
13:51 2013

Апелацискиот суд во Белград нареди повторно судење на тројца поранешните началници на државната безбедност, што беа во затвор за обид за убиство на Вук Драшковиќ, противник на поранешниот лидер на Србија, Слободан Милошевиќ.

Апелацискиот суд во четврток донесе одлука дека пресудата донесена за обвинетите, со која минатата година беа осудени на вкупно 22 години затвор за обид за атентат на политичарот Драшковиќ во 2000 година, била погрешна, бидејќи законот бил погрешно применет во текот на судењето.

Судот соопшти дека со судењето бил повреден кривичниот законик на Србија и пресудата ја оцени како „нејасна и неразбирлива“, без да даде понатамошно објаснување.

Во јуни 2012 година, Милош Радоњиќ, поранешен началник на белградскиот центар на српската државна безбедност, беше осуден на осум години затвор, а поранешните началници на третото и шестото одделение на белградскиот безбедносен центар, Стеван Баста и Ратко Ромиќ, добија по седум години затвор.

Според обвинението, тие им помогнале на тројца други припадници на единицата за специјални операции на српската државна безбедност, во обидот да извршат атентат врз Драшковиќ, во црногорскиот крајбрежен град Будва во јуни 2000 година. Драшковиќ го преживеа атентатот, но, беше повреден.

Тој ја опиша оваа одлука на судот како „скандалозна“, додавајќи дека судовите покажале оти државата сѐ уште ги штити поранешните офицери на државната безбедност.

„Со оваа пресуда, судот истовремено ги заштити и убијците на Чурувија, бидејќи тројца обвинети активно учествуваа во неговото убиство“, рече Драшковиќ за дневниот весник “Блиц“, мислејќи на издавачот и новинарот Славко Чурувија, уште еден противник на Милошевиќ, кој беше убиен во април 1999 година.

Убијците и наредбодавачите на убиството никогаш не беа идентификувани и покрај ветувањата што ги даваше секоја влада, што по соборувањето на Милошевиќ во 2000 година, доаѓаше на власт.

За време на десетгодишното владеење на Милошевиќ, државната безбедност неколку пати се обиде да го убие Драшковиќ.

Во 1999 година, беа убиени четворица членови на неговата политичка партија. За ова кривично дело, на 40 години затвор беа осудени лидерот на единицата за специјални операции, Милорад Улемек, и уште два нејзини членови.

Улемек, познат како Легија, издржува 40-годишна затворска казна и за неговата улога во атентатот на српскиот претседател Зоран Ѓинѓиќ во март 2003 година.

Единицата за специјални операции ја водеа Јовица Станишиќ и Франко Симатовиќ, кои во мај беа ослободени од страна на Хашкиот трибунал, од обвиненијата за воени злосторства извршени во Босна и Херцеговина и во Хрватска од 1991 до 1995.

Единицата за специјални операции беше активна и за време на конфликтите во поранешна Југославија, најчесто извршувајќи тајни операции за државата, а, наводно, вршела и масовни убиства во БиХ, во Хрватска и во Косово.

Единицата беше распуштена во 2003 година, кога голем број од нејзините оперативци беа или уапсени или убиени. Сепак, некои од нејзините членови сѐ уште работат за државата, или во специјалната полициска единица или во министерствата за внатрешни и надворешни работи.

Марија Ристиќ – Белград

0 Comments

No Comments Yet!

There are no comments at the moment, do you want to add one?

Write a comment

Only registered users can comment.