MKDNews.com

СДСМ реагира: Груевски не успеа да се надмине себе си !

август 02
18:30 2013

По говорот на премиерот Никола Груевски на Мечкин Камен, опозицискиот СДСМ испрати соопштение со реакција.

Проследете го соопштението во целост:
„Жално е што премиерот Груевски не успеа да се надмине себе си и на овој голем ден за македонската историја да придонесе во афирмирање на идејата за заедништво и единство. Во говорот на Груевски, за жал, нема надеж за очекувањата на големото мнозинство граѓани на Македонија кои сакаат да ја видат земјата во ЕУ и НАТО.

Груевски на Мечкин камен, голем дел од својот говор посвети на величење на лустрацијата што ја спроведува оваа власт како механизам за пресметка со неистомислениците. Во ваквиот настап на премиерот препознаваме потреба за оправдување пред македонскиот народ за лустрациската политика што ја спроведува токму оваа власт, а која се претвори во разединувачка и поткопувачка за македонското национално ткиво.

Не водејки сметка за потребата од обединувачка порака и подавање рака како секоја сериозна власт, барем на овој ден, Илинден, како на партиски митинг, Груевски се реши и во овој говор да ја демонизира опозицијата, со низок партиски речник, на сметка на себевеличење. Со тоа, не одговори на обврската да настапи како премиер на сите граѓани на Македонија.

На крајот, премиерот Груевски се потсмеа и со политиките на ЕУ, квалификувајки ги нивните сериозни забелешки за судството и демократијата во земјава како провидно алиби. СДСМ изразува загриженост дека токму таквите, раскарувачки политики со светот одат во прилог на Грција, којашто оваа власт ја посочува за едиствена пречка на евро-атлантската интеграција на Македонија.

Единството ни е потребно како никогаш до сега. И покрај денешниот говор на премиерот што не води кон тоа, СДСМ ги повикува сите граѓани на Македонија, да се обединиме околу идеалите на Илинден и АСНОМ, идеали на слободата за која копнееле генерациите во минатото, а ни е потребна и нам денес“, се вели со соопштението.

0 Comments

No Comments Yet!

There are no comments at the moment, do you want to add one?

Write a comment

Write a Comment