Путин: САД да покажат доказ за Сирија (видео)
„Сириската влада е во офанзива и ја има опколено опозицијата во повеќе региони, па таа да им дава џокер-карта на оние кои повикуваат на воена интервенција е бесмислено“, смета рускиот претседател Владимир Путин.
На прес-конференција во Владивосток рускиот претседател оцени дека е „бесмислено“ сириската влада да користи хемиско оружје кога ја добива војната. Путин упати порака до неговиот американски колега Барак Обама да не ги напаѓа сириските безбедносни сили.
„Јас сум убеден дека тој (нападот со хемиско оружје, н.з.) не е ништо друго, туку провокација од оние кои сакаат да вовлечат други земји во сирискиот конфликт и кои сакаат да ја добијат поддршката од моќни членови на меѓународната арена, а посебно САД“, изјави рускиот претседател Путин.
Американските власти, пак, се убедени дека во нападот пред десет дена е употребено хемиско оружје од страна на сириските власти, при што се убиени повеќе од 1.400 луѓе во Дамаск. Рускиот претседател денеска ги повика американските власти да ги покажат доказите дека сирискиот режим користи хемиско оружје.
„Во однос на позициите на нашите американски колеги, кои тврдат дека владините трупи користеле хемиско оружје, и велат дека имаат доказ – добро, тогаш да им дозволиме да го покажат тој доказ на инспекторите од ОН и во Советот за безбедност. Ако не го покажат, тогаш значи дека нема доказ“, рече Путин.
There are no comments at the moment, do you want to add one?
Write a comment