MKDNews.com

Провевот и клима уредите главни виновници за воспаление на синусите

август 17
07:59 2013

Повеќето од вас веќе се смеат на опомените од старите луѓе дека треба да избегнувате провев. Сепак бабите изгледа за нешто имале право, бидејќи лекарите предупредуваат дека главните виновници за воспалениjата на синусите се клима уредите и провевот.

Оториноларинголозите предупредуваат дека луѓето всушност не знаат правилно да го употребуваат клима уредот. Тие сметаат дека што пониска температура тоа подобро за разладување на телото, но не е така. Клима уредот треба да биде подесен да ја намали температурата до ниво кога може да се поднесува, а не истата да се спушти до +18 на пример и да направи огромна разлика од температурата надвор и внатре во просторијата.

Голем број од луѓето кои се изложени на провев и неконтролирано користење на клима уредите патат од акутен синузитис, кој се карактеризира со општа слабост, течење на носот, привремено губење на чувството за мирис, болки во главата и неможност за дишење преку нос. Специјалистите опоменуваат дека кога надвор температурата е околу 30 степени, клима уредите оптимално би требало да бидат наместени на 23 – 24 степени со што би се направило разлика од неколку степени. Доколку пак температурата надвор е околу 40 степен, клима уредите мора да бидат наместени за неколку степени повисоко, а не пониско, бидејќи освен што ризикувате акутен синузитис, ризикувате и шок кој телото може да го доживее поради наглата промена на температурата. Освен во просториите со клима уредите мора да се внимава и во авомобилите, бидејќи кога се движиме на кратки релации обично сакаме брзо да ја спуштиме температурата при што ги ставаме клима уредите на многу ниска температура и правиме голема грешка – велат лекарите.

Летото сеуште е во својот полн ек, затоа внимавајте како се разладувате. Освен неконтролираното користење на клима уредите и провевот, синусите можат да се воспалат и од неконтролирано користење на ладни пијалаци, сладоледи, ладни базени и слично. Доколку сепак дојде до појава на синузитис, обратете се кај вашиот лекар за да ви препише соодветна терапија.

0 Comments

No Comments Yet!

There are no comments at the moment, do you want to add one?

Write a comment

Only registered users can comment.