MKDNews.com

Обама одлучи: Ќе ја нападнеме Сирија, но со дозвола од Конгресот (видео)

август 31
22:05 2013

Претседател на САД Барак Обама најави дека донел одлука да изврши воен напад врз Сирија, како одговор на хемискиот напад во близината на Дамаск на 21 август, но воедно рече дека ќе побара и согласност од Конгресот на САД за оваа одлука.

„Решив дека САД треба да преземат воена акција против цели на сирискиот режим. Тоа нема да биде интервенција без крај, нема да употребиме копнени сили, туку ќе биде со ограничено траење и обем. Ќе го казниме Асад за употребата на хемиско оружје, и ќе ги намалиме неговите можности пак да го стори ова. Нашата армија има капацитети во регионот, а началникот на Генералштабот вели дека можеме да нападнеме кога ќе решиме. Нашиот капацитет да ја извршиме оваа акција не е поврзан со временски рок, тоа може да се случи утре, или следната недела или следниот месец. Јас сум подготвен да ја издадам таа наредба“, изјави Обама во обраќањето во Белата куќа, придружуван од потпретседателот Џо Бајден.

Претседателот Обама веднаш потоа најави дека, сепак, конечниот збор ќе го има Конгресот на САД.
– Но, откако ја донесов оваа одлука како врховен командант, заснована врз нашите интереси, свесен сум дека сум и претседател на најстарата уставна демократија во светот. Затоа донесов втора одлука – ќе барам согласност за употреба на сила од претставниците на американскиот народ во Конгресот. Изминатите денови слушнавме дека членови на Конгресот сакаа и нивните гласови да бидат слушнати, и апсолутно се согласувам. Утринава разговарав со четворицата водечки претставници на Конгресот, кои се согласија да организираат дебата и гласање штом Конгресот ќе се врати во сесија. На секој член на Конгресот ќе му дадеме информации потребни да разбере што се случило во Сирија и зошто тоа има длабоки импликации врз нас. Мора да препознаеме дека ќе платиме висока цена ако не сториме ништо. Која порака ја испраќаме ако диктатор може неказнето да убие стотици деца, пред очите на светот, со употреба на гас?, изјави претседателот Обама.

– Според Уставот, правото на објавување на војна му припаѓа на Конгресот, и задоволни сме што претседателот Обама ја донесе оваа одлука, пишува во соопштението на спикерот на Претставничкиот дом Џон Бојнер, поддржано од другите лидери на републиканската партија во Конгресот.

Белата куќа во текот на денот ќе испрати барање до Конгресот да се донесе одлука со која ќе му се дадат одврзани раце на претседателот да изврши напад врз Сирија. (NPR/AP)

0 Comments

No Comments Yet!

There are no comments at the moment, do you want to add one?

Write a comment

Write a Comment