MKDNews.com

Нови жртви во два одделни инциденти во Египет (видео)

август 19
19:42 2013

Најмалку 60 нови жртви денес се пријавени во два одделни инциденти во Египет.

Еден е неуспешен обид за бегство од затвор каде 36 приведени приврзаници на соборениот претседател Мохамед Морси биле убиени откако претходно зеле како заложник еден од чуварите.

Исламистите биле уапсени за време на судирите во Каиро, а потоа биле егзекутирани во полициско комби на пат кон затвор.

Тие биле транспортирани во конвој со кој се пренесувале 600 приведени до затворот Абу Заабал во северниот дел на Египет. Според верзијата на безбедносните сили, притворените во еден момент го нападнале чуварот во возилото и го заробиле, а потоа полицајците истрелале солзавец во возилото со намера да го ослободат претепаниот чувар. Притворените не отстапиле и успеале да излезат од возилото, по што биле пречекани со рафали од безбедносните сили.

Во друг инцидент најмалку 24 полицајци се убиени во понеделникот во ракетен напад врз нивниот конвој на Синај, што е најсмртоносниот напад врз безбедносните сили последните неколку години во Египет, објавија медицински и безбедносни извори.

Радикалното исламистичко движење осомничено е за овој напад изведен врз две полициски комби кои се движеле кон градот Рафах на граничниот премин кон палестинската енклава Појасот Газа.

Овој најсмртоносен напад врз безбедносните сили во регионот последните неколку години се одигра во периодот на тешката политичка криза во Египет кога е прогласена вонредна состојба во траење од еден месец и полициски час во 14 од 27-те египетски покраини, а земјата е исто така е на работ од граѓанска војна поради судирите меѓу исламистичките и секуларните струи.

Според податоците што ги добила агенцијата AFP, откако на 3-ти јули беше отстранет исламистичкиот претседател Мохамед Морси што предизвика жестока реакција на приврзаниците на неговото Муслиманско братство, во северниот дел од Синај исламистите убиле 49 припадници на безбедносните сили. Во истиот период, според податоците на армијата, на Синај се убиени 70 терористи.

Синајскиот полуостров е пустина претежно населена со Бедиуни. Радикалните исламистички групации оваа област ја избраа за своја заднинаска база, а криумчари со луѓе, продукти и оружје, исто така, дејствуваат во овој регион користејќи ја долгата граница со Израел.

Од соборувањето на деценискиот режим на египетскиот претседател Хосни Мубарак на почетокот од 2011 година, а особено откако египетската армија го отстрани од должноста исламистичкиот претседател Мохамед Морси на почетокот од јули 2013 година, безбедносната ситуација на Синајскиот полуостров нагло се влоши. Египетските вооружени сили, откако во јули распоредија дополнителни сили во областа, соопштија дека само во текот на еден месец ликвидирале 60 вооружени екстремисти во северниот дел од Синајскиот полуостров, во големата заедничка операција на армијата и министерството на внатрешни работи.

0 Comments

No Comments Yet!

There are no comments at the moment, do you want to add one?

Write a comment

Only registered users can comment.