MKDNews.com

Најголемата црква на Балканот ќе биде изградена во Битола (фото)

август 05
15:41 2013

Црквата „Сите македонски светители“ ќе биде најголема во регионов, а идејата е овој соборен храм да ја врати симболиката на Битола кога градот под Пелистер бил нарекуван Монастир и имал над 60 цркви и манастири.
Во склоп на православниот храм посветен на „Сите македонски светители“ кој почна се гради пред повеќе од дваесет години, ќе никне камбанарија висока 80 метри со подвижна купола на која ќе биде отворен видиковец-ресторан, што пак, ќе претставува ремек-дело во архитектурата, пишува весникот Вечер.

Вечер повикувајќи се на информациите на иницијаторот за изградба на комплексот, владиката Преспанско-пелагониски, г. Петар пишува дека ова се дел од најновите содржини што на првично проектираниот проект потпишан од сега покојниот архитект Јанко Константинов, ги вметна архитектот Јорго Шундовски.

– Според првичниот проект камбанаријата ја играше улогата само на камбанарија, но со новите измени доби една нова димензија. Ќе има 12 ката, три ресторани, а на секој кат по неколку простории како канцеларии, ателјеа, галерии… Најгоре, на ротирачката платформата е испланиран видиковец-ресторанот од каде ќе се гледа поголемиот дел од Пелагонија, појаснува владиката Петар.

Тој додава дека со новите измени, целиот комплекс е проектиран како енергетски ефикасен, а проширени се и дополнети досега предвидените содржини. Градежните работи ги изведува Гранит и од него зависи дали куполата ќе се прави на самото место, или пак ќе се направи настрана, па ќе се подигне и ќе се постави горе.

Инаку Комплексот кој зафаќа простор од 10 илјади квадрати се наоѓа во месната заедница Ѓорѓи Наумов, меѓу улиците Партизанска и Васко Карангелески.

Според архитектонскиот план, неговите пропорции-должина над 80 метри и ширина над 50 метри, со што ќе ги надминат оние на популарната Свети Сава во Белград која засега е најголема црква на Балканот.

Според тоа, црквата „Сите македонски светители“ ќе биде најголема во регионов, а идејата е овој соборен храм да ја врати симболиката на Битола кога градот под Пелистер бил нарекуван Монастир и имал над 60 цркви и манастири. Од тие причини, во склоп на храмот се вцртани десетина посебни цркви и параклиси посветени на македонските светители. Над сутеренот има три помали црквички, а покрај олтарската апсида е црквата посветена на света Лидија.

crkva bt 2-500

Митрополитот Петар за весникот информира дека освен камбанаријата од 80 метри, Комплексот ќе има и уште една средна купола висока 55 метри и други објекти како крстилница, библиотека, галерии, соби за симпозиуми и други потреби.

– На северната страна е замислено да се гради капела каде што ќе може да се сместат триесетина покојници, вели тој и додава дека несекојдневноста на комплексот ќе ја дополни крстилницата која е замислена да се гради по примерот на баптисериумите од ранохристијанскиот период.

Со еден збор комплексот ќе има различни содржини и освен тоа што во неа ќе се извршуваат сите верски обреди, посебно ќе го свртува вниманието на младите бидејќи на источната страна ќе има каскадно направен амфитеатрален простор каде ќе можат преку цел ден да уживаат и да се дружат. Исто така, ќе се гради и фонтана.

Засега не се знае колку ќе трае изградбата, а митрополитот Петар потсетува дека реализацијиите на вакви импозантни сакрални објекти низ историјата траеле по неколку децении, па и векови.

Инаку изградбата е започната од 1993 година, а досега е реализирана една четвртина од проектот главно со издвоени средства од донатори или од денационализација. За понатамошниот стадиум се бараат начини за формирање на фонд со наменски средства во кој верниците ќе можат да донираат.

-Пред неколку години добивме 150 илјади евра помош од Владата и тој импулс беше доста значаен, иако се работеше за релативно мала сума. Досега крпевме некако но, за во иднина треба да се направи една голема донаторска конференција бидејќи ни претстои реализација на покомплицираниот дел. Всушност и немавме многу можност да побараме донации поради тоа што се градеа подрумските простории, она што не можеше да се забележи, а сепак е многу значаен. Сепак, сега откако почна да се гледа градбата веќе имаме сила да апелираме за помош, вели владиката Петар. Не може точно да се определи колку ќе чини изградбата, додава тој, но мислам дека ќе ни бидат потребни најмалку милион и пол илјади евра.

Споменот на сите македонски светители, МПЦ го празнува во првата недела од месец октомври, со голема слава и чест, кои со своите дела имаат големо значење не само за македонскиот народ, туку и за целиот христијански свет.
Foto Kurir

0 Comments

No Comments Yet!

There are no comments at the moment, do you want to add one?

Write a comment

Only registered users can comment.