Молдавец сакал да прошверцува 14 кг. марихуана преку Деве Баир
Царинските службеници на граничниот премин Деве Баир во саботата спречија обид за нелегално пренесување на 14 килограми наркотична дрога марихуана.
Настанот се случил околу 13:30 часот, кога за излез од Република Македонија се пријави автомобил AUDI A6 SEDAN со молдавски регистарски таблички, управуван од молдавски државјанин, кој исто така бил носител на романски пасош. На прашање од каде доаѓа, патникот одговори дека доаѓа од Саранда, Албанија каде бил во посета на пријател. Бидејќи се однесуваше нервозно, царинските службеници пристапија кон детален преглед на патникот и возилото.
При деталниот преглед утврдено е дека иако резервоарот даваеше впечаток дека е полн, при давање на контакт со клучот, стрелката покажуваше дека истиот е празен. Тоа беше доволен индикатор да се провери резервоарот, при што во внатрешноста, потопени во нафтата, беа пронајдени 25 (дваесет и пет) пакувања, завиткани во прозирна најлонска фолија полни со марихуана со тежина околу 14 кг., што е утврдено со тестирање со тестери за дрога.
Случајот и сторителот се предадени на инспектори од Одделението за истраги. Од спроведената предистражна постапка утврдено е дека осомничениот од Молдавија, преку Бугарија и Македонија заминал за Саранда-Албанија со намера да пренесе поголема количина марихуана. Во Саранда се сретнал со албански државјанин кој му ги зел клучевите од возилото и по некое време му го вратил подготвено и му кажал дека во резервоарот се ставени 25 пакетчиња марихуана. Марихуаната требало да ја заврши на нелегалниот пазар во Молдавија.
Против сторителот, Царинската управа поднесе кривична пријава за сторено кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги психотропни супстанции и прекурсори” до надлежното Јавно обвинителство во Куманово.
There are no comments at the moment, do you want to add one?
Write a comment