MKDNews.com

Марш за жртвите на македонскиот народ од Балканските војни

август 09
14:13 2013

Во пресрет на 10 август, а одбележувајќи ја 100 годишнината од Балканските војни 1912-1913 и Букурешкиот договор од 10 август 1913 година со коишто е извршена окупација врз Македонија и геноцид врз македонскиот народ кој се уште трае, Светскиот Македонски Конгрес, Матицата на иселениците од Македонија, Сојузот на Македонците од Егејот МАКЕДОН и Сојузот на Македонците со исламска религија под слоганот “100 години окупација врз Македонија – 100 години геноцид врз македонскиот народ“, денес, 9 август (петок), организираат Марш за жртвите од Балканските војни.

Организаторите повикуваат на масовно учество на граѓаните.

Маршот ќе започне во 13 часот од Музејот на ВМРО, а ќе се движи преку Камениот мост до Плоштадот Македонија и Старата Железничка станица, се’ до Мисијата на Европската Унија, карши Европскиот Универзитет.

Семакедонска делегација во 14 часот на г-ѓа Петра Андерсон, вршител на должноста висок претставник на Европската унија во Република Македонија, во седиштето на ЕУ-Мисијата во Македонија, ќе и’ предаде барање за права и слободи на Македонците, извинување и репарации за окупацијата и геноцидот од Балканските војни, враќање на граѓанските права на насилно прогонетите Македонци од Егејскиот дел на Македонија од Балканските војни до денес и безусловно признавање на државното име Македонија, на македонскиот народ и на македонскиот јазик!

Организаторите се оградуваат од провокации кон граѓани кои не се учесници во маршот, ниту пак за провокации од граѓани кон учесниците на маршот, учесниците во маршот нема да го попречуваат сообраќајот. Со предавањето на писмото, Маршот завршува.

Ви го пренесуваме во целост текстот на дописот до Европската Унија, којшто е адресиран до Европскиот совет и г. Herman Van Rompuy, претседател на Европскиот совет, г. José Manuel Barroso, претседател на Европската Комисија и евро-комесарите, баронесата г-ѓа Catherine Ashton, висок претставник за надворешни работи и безбедносна политика на Европската Унија, евро-пратениците и г. Martin Schulz, претседател на Европскиот парламент, Советот на Европската унија, и суверените, претседателите, парламентите и владите на земјите-членки на ЕУ.

Повод: 100 години од Балканските војни 1912-1913 година и Букурешкиот договор од 10 август 1913 година

Предмет: Барање за извинување и репарации за окупацијата врз Македонија и геноцидот врз македонскиот народ од Балканските војни 1912-1913 и безусловно признавање на државното име Македонија, името на македонскиот народ и името на македонскиот јазик

Доставено: Преку Мисијата на Европската Унија во Македонија

Ваши екселенции, Ние, Македонците од целиот свет, бараме извинување и репарации за окупацијата врз Македонија и геноцидот врз македонскиот народ од Балканските војни 1912-1913 и безусловно признавање на државното име Македонија, македонскиот народ и македонскиот јазик, без латинична транскрипција на македонскиот јазик.

Македонците од сите делови на Македонија во целиот свет оваа 2013 година одбележуваат 100 години окупација врз Македонија и 100 години геноцид врз македонскиот народ кој се’ уште трае.

На 10 август 2013 година навршуваат 100 години од Балканските војни 1912-1913 година кои завршија со Букурешкиот договор од 10 август 1913 година. Во Првата балканска војна во 1912 година, Србија, Црна Гора, Бугарија и Грција заедно, војуваа против отоманските војски за “ослободување“ на Македонија и македонскиот народ, а во Втората балканска војна во 1913 година истите земји војуваа меѓу себе за нивна поделба. Грција окупира 34.356 км2 од Македонија, Србија 25.342 км2 (денешна Република Македонија), Бугарија 6.798 км2, а 1.115 км2 доби Албанија. Во 1919 година Грција депортира илјадници Македонци православни во Бугарија, а во 1923 година илјадници Македонци муслимани во Турција, во домовите и на имотите на протераните Македонци, Грција досели православни Турци од Мала Азија, со цел промена на етничката структура на окупираниот дел од Македонија.

Во изминатите сто години, Бугарија, Грција и Србија врз Македонците извршија геноцид, етничко чистење, убиства и силувања, прогонства и раселувања. Им ги променија имињата и презимињата, им го забранија македонскиот јазик, ги променија имињата на топонимите, оронимите и хидронимите во окупираните територии на Македонија, македонските цркви ги рушеа. 100 години границата кај Богородица и Евзони (Мачуково на македонски) за Македонците беше затворена. Им беше забранета посетата на гробовите и домовите, им беа забранети сите архиви, им беа забранети државните органи и судовите за враќање на државјанствата, граѓанските, имотните и наследните права, освен ако се изјаснат за “Грци по род“. Поради прогонствата, Македонците денес живеат раселени низ целиот свет.

И по 100 години од Букурешкиот договор: Србија не ја признава Македонската Црква, Бугарија не го признава македонскиот народ и македонскиот јазик, Грција бара промена на државното име Македонија и не ги признава и македонскиот народ и македонскиот јазик и Македонската Црква заедно! Во Албанија признати се правата само на Македонците во девет села во областа Мала Преспа кај Преспанското езеро кон границата со државата Македонија и никаде на друго место, а живеат на целата територија на Албанија. За Атина Македонците се Грци, за Белград – Срби, за Софија – Бугари, за Тирана – Албанци. Иако и Грците и Србите и Бугарите и Албанците како политички нации во основа се етнички Македонци.

По 100 години од Балканските војни Македонците во целиот свет бараат: (1) права и слободи, (2) извинување и репарации за окупацијата и геноцидот, (3) реституција на културно-историското богатство од Македонија, (4) враќање на државјанствата, граѓанските, имотните и наследните права на насилно протераните Македонци и нивните потомци од Балканските војни 1912-1913 година и Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година, и (5) итен и безусловен крај на разговорите за разликата за државното име Македонија со јужниот сосед Елада и продолжување на членството во Обединетите Нации и во сите меѓународни организации под државното име Македонија, на англиски јазик “The Republic of Macedonia“, како јасна разлика од истоимената северна грчка и југо-западна бугарска провинција Македонија. Декларираме дека културата и историјата на Македонија не се ексклузивно право, туку дел од културно-историскиот идентитет на сите балкански држави како современи политички нации кои биле делови од исти империи на овие простори.

Го поддржуваме унапредувањето на билатералните односи со земјите членки на Европската Унија и НАТО Алијансата, но безрезервно отфрламе пристапување на државата Македонија во сојуз со Европската Унија и НАТО Алијансата, доколку антимакедонизмот на Елада, грчкиот геноцид врз македонскиот народ и наци-фашистичкото барање на Хеленската Република за промена на државното име Македонија се вредност за солидарност на Брисел и Стразбур со Атина.

Првата и Втората Балканска војна, Првата и Втората Светска Војна и Граѓанската војна во Грција, оставија многу крв и смрт, солзи и гробови во Македонија. Сакаме да го потсетиме светот на ужасите од војните и да упатиме силна порака за мир и љубов меѓу државите и народите. И покрај сите историски хипотеки, нудиме историско македонско-грчко помирување и Договор за траен мир и добрососедство меѓу Македонија и Грција.

Простуваме, но не забораваме, било да не се повтори. Повеќе никогаш и никаде во светот војни и омраза меѓу луѓето и народите, – се вели на крајот од писмото до Европската Унија.

Tags

0 Comments

No Comments Yet!

There are no comments at the moment, do you want to add one?

Write a comment

Write a Comment