MKDNews.com

Лоши и добри стражари во логорот Силос

август 23
21:16 2013

На судењето за злосторства извршени во сараевското предградие Хаџиќи, сведок на обвинителството говореше за неговиот и третманот на другите затвореници во логорот Силос, кој зависел од стражарите.

Јово Крстиќ од селото До кај Тарчин, во Силос бил доведен на крајот на мај во 1992 година, заедно со десет соседи, откако полицијата, која барала оружје од српските цивили, дошла во неговото село.

Крстиќ изјави дека во логорот ги пречекал Беќир Хујиќ, кој бил управник на Силос. Неколку дена по пристигнувањето, рече Крстиќ, по испрашувањето, тој бил претепан.

„Едно лице од Санџак веднаш почна да ме удира по цеваниците“, изјави сведокот, додавајќи бил претепан и кога војници од Хрватска дошле во логорот.

„Лицето што го организираше тепањето, нѐ тераше и на усташки поздрави“, рече тој.

Додаде дека еден затвореник, вториот или третиот ден по претепувањето, починал. Нему, како што рече, му е познато дека во Силос, во 1992 година, починале четири лица.

Обвинението ги товари т Мустафа Ѓелиловиќ, Фадил Човиќ, Мирсад Шабиќ, Незир Казиќ, Беќир Хујиќ, Халид Човиќ, Шериф Мешановиќ и Нермин Калембер, за злосторства против цивили и воени затвореници, извршени во логорот Силос и други објекти на подрачјето на општина Хаџиќи.

Сведокот рече дека во една пригода бил удрен и од стражарот Буба Калембер. Додаде дека слушнал оти овој стражар ги тепал и другите затвореници.

Крстиќ се присети дека во една пригода, во ќелијата влегол управникот Хујиќ, на кого затворениците му се пожалиле дека двајца стражари ги тепаат, по што Хјучиќ ги избркал тие стражари.

Крстиќ рече дека управникот избркал и една жена од логорот, откако му се пожалил дека таа тенко ги сече парчињата леб.

Кон крајот на 1992 година, сведокот со уште околу 150 затвореници бил префрлен во логорот Крупа, каде што, рече тој, условите биле многу подобри отколку во Силос. „Имавме дрва за греење. Дури и храната беше подобра“, изјави тој.

Сведокот истакна дека управник на Крупа бил Шеро Мешановиќ, наведувајќи дека и тој избркал стражари, откако дознал дека претепале двајца затвореници.

Додаде дека затворениците морале да извршуваат физички работи и дека управникот ги прашувал дали некој ги малтретирал, оти тоа не го дозволувал.

Според сознанијата на сведокот, работејќи, четворица затвореници починале.

По девет месеци престој во Крупа, сведокот повторно го вратиле во Силос, каде што, според него, условите биле подобрени.

Крстиќ рече дека условите биле подобри додека управник бил Халид Човиќ, но, и дека стражарот Казиќ, неколку пати го удрил со палка. Откако се пожалил, рече тој, никој повеќе не го тепал.

Крстиќ од Силос бил пуштен во октомври 1995. „Да немаше добри стражари, да беа сите лоши, многумина немаше да излезат од таму живи“, рече тој на крајот од своето сведочење.

Судењето продолжува на 29-ти август.
Justice Report – Сараево

0 Comments

No Comments Yet!

There are no comments at the moment, do you want to add one?

Write a comment

Only registered users can comment.