MKDNews.com

Koлумна: НЕ Е ДО ИЗВЕШТАЈОТ И ИЗБОРИТЕ, ДО ИМЕТО Е!

август 25
13:39 2013

Што е важно кој ќе победи на избори, ако државното име Македонија се промени?

Пишува Тодор ПЕТРОВ

тодор.петровЕвропската Унија, освен името, како услов за препорака за почеток на пристапните разговори за сојуз на државата Македонија со Европската Унија, го постави договорот меѓу власта и опозицијата за настаните во Собранието од 24 декември 2012 година. И двете страни излегоа со спротиставени ставови за причините и последиците од нив. Ирелевантни се изборните резултати од последните локални избори. Да беа тие критериум, Европската Унија немаше да инсистира на договор меѓу власта и опозицијата за тоа што се случи во декември минатата година. Под притисок на ЕУ се формира Ад-хок комисија, која требаше да излезе со извештај. ВМРО-ДПМНЕ отфрли одговорност за настаните, за легитимна ја оцени употребата на обезбедувањето за нормализација на работата на Собранието и пред собраниската зграда, СДСМ, пак, објави дека власта го прекрши Уставот и незаконски примени сила отстранувајќи ги опозиционите пратеници и новинарите од собраниската сала за да се донесе Буџетот за 2013 година. Само, да не заборавиме, дека и тогаш опозиционите гимнастики беа со цел дестабилизација на земјата со цел рекомпонирање на власта поради епилог промена на државното име Македонија.

Откако после пет месеци, Ад-хок комисијата на чело со Борче Давитковски не постигна договор и во продолжениот рок што го договорија лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, премиерот Груевски на 24 август излезе со прес-конференција и рече: Или извештајот или предвремени избори!

Да ги анализираме понудените опции. Еве СДСМ ќе стокми извештај каков што предлагаат, и Собранието ќе го изгласа. Во Извештајот ќе стои тоа што го посакува СДСМ: Власта на 24 декември 2012 година го прекрши Уставот. ВМРО-ДПМНЕ ќе го гласа тој извештај, ама! Ама, Македонија повторно нема да добие позитивна препорака за почеток на пристапните разговори за сојуз со Европската Унија.

Затоа што зе ЕУ ирелевантен е извештајот за настаните од 24 декември 2012 година. За почеток на пристапните разговори за сојуз на државата Македонија со Европската Унија е барањето за промена на нејзиното државно име.

Ај, да ја продолжиме симултанката според втората варијанта на премиерот Никола Груевски. Тој вели, ако СДСМ не прифаќа Извештај според нивен предлог (што е далеку од здравиот разум, а нормално мислечко расудување), “веднаш во понеделник (26 август 2013 година, м.з.) на итна седница со одлука на парламентот да распишеме предвремени парламентарни избори. При тоа предлагаме утре (25 август 2013 година, м.з.) да потпишеме две верзии на правните квалификации во извештајот. Едната која ќе биде согласно ставот на ВМРО-ДПМНЕ и во која ќе пишува дека е валидна само ако на изборите на 13 октомври ВМРО-ДПМНЕ добие повеќе гласови од СДСМ, и втората која ќе ги содржи правните квалификации кои ги преферира СДСМ и во која ќе пишува дека таа е валидна и стапува на сила доколку на денот на предвремените избори на 13 октомври СДСМ добие повеќе гласови од ВМРО-ДПМНЕ. 13 октомври е ден во последната недела пред 16 октомври кога треба да се објави извештајот на Европската комисија за Македонија, и тогаш ќе имаме потпишан, валиден и потврден од граѓаните извештај, така што тоа нема да биде причина за одземање на препораката од страна на ЕК. Во понеделник (26 август 2013 година, м.з.) е последниот ден во кој може да се распушти парламентот а избрите да се одржат пред објавувањето на извештајот за Македонија во Брисел. Па, нека одлучи народот, каде е вистината и кои луѓе сака да ја водат земјата во наредните години. Со ова еднаш засекогаш ќе се затвори ова прашање и ќе се одбегне негативен извештај за Македонија. Очекуваме јасен одговор веднаш, а најдоцна до утре (25 август 2013 година, м.з.). Секое условување, ќе го цениме за купување време и одбивање. Предвремените избори имаат смисла ако се одржат пред објавувањето на извештајот на ЕУ за Македонија. Со други зборови скратено кажано, или гасајте каков сакате извештај и онака 6 месеци се боревте во комисијата да сме три два за вас, или ајде на избори па нека реши народот.“

Ако СДСМ предложат извештај со заклучоци какви што предлагаа, а Собранието тоа го усвои, валидна оценка за настаните од 24 декември 2012 година нема да биде партискиот став на ВМРО-ДПМНЕ, каков што го образложи премиерот на прес-конференцијата од 24 август 2013 година, туку извештајот усвоен од Собранието на Македонија. Тогаш, зошто се тегнеше работата на Ад-хок комисијата за настаните од 24 декември 2012 година цели пет месеци? Ај нека е до ширината на ВМРО-ДПМНЕ заради позитивната препорака за отпочнување на пристапните разговори за сојуз со Европската Унија. Ама и врапчињата знаат дека тоа не е доволно. Дека во прашање е државното име Македонија! ЕУ бара промена на државното име Македонија! Зарем тоа досега не го свативме?

Но, еве, што ако СДСМ ја прифати фрлената ракавица и им врати на ВМРО-ДПМНЕ: “Одиме на избори, ама истиот ден да се одржи и референдум за името според предлогот на Метју Нимиц – Горна Македонија“. ВМРО-ДПМНЕ декларира дека се прифатливи последните предлози на медијаторот на ООН за името. Можеби тоа е договорената симултанка за наведување на јавноста за предвремени избори, но и најважно, за почеток на разговорите за сојуз со Европската Унија?! На тој начин сите ќе го симнат товарот со името, а фалсификатите… фалсификатите ни се потврден багаж. Тој фалсификат го видовме и на референдумот за територијалната организација на локалната самоуправа од 7 ноември 2004 година. Ставот на партиите на Албанците за името е одамна познат – промена! Кој ќе победи тогаш на изборите на 13 октомври 2013 година? Што е важно кој ќе победи на избори, ако државното име Македонија се промени?

ВМРО-ДПМНЕ го има легитимитетот од граѓаните, за се’ што работи, ама затоа што и само поради тоа што досега државното име не го промени. Промената на државното име ќе ја сруши како кула од карти таа супериорна позиција на партијата на власт. Тогаш, ни Господ не ги спасува! Тоа е вовед во трајна дестабилизација на Македонија и регионот! И што ако летне Калето во воздух или некоја од ЕУ-амбасадите во Македонија? Што правеа гемиџиите во Солун?

Впрочем, зошто нови предвремени парламентарни избори, кога ги имаше пред само две години? Уставните измени од 2001 година не’ доведоа до дереџе, ако Македонците не решат која македонска партија ќе има парламентарно мнозинство, Владата секогаш ќе ни ја формираат Албанците. Тие се изборија за постојано место во Владата и државната администрација. Јавна тајна за власта во Македонија е: Нема ефективна власт без македонска партија со мнозинство пратеници во Собранието! Ако тоа не се случи, секогаш Албанците ќе решаваат која македонска партија ќе формира Влада. Како што ВМРО-ДПМНЕ формира Влада со ДПА иако ДУИ имаа повеќе пратеници, така е можно и ДУИ да коалицира со СДСМ иако ВМРО-ДПМНЕ има повеќе пратеници и повторно ќе има Влада во Македонија. Стабилна, нестабилна, малцинска, ќе функционира.

Ни виси над глава: Американската администрација сака промената на државното име Македонија да ја изврши ВМРО-ДПМНЕ заради елиминација на турбуленции во земјата. САД веќе ја наградија ВМРО-ДПМНЕ со мандат за Влада после бојкотот на референдумот за територијалната организација на локалната самоуправа од 7 ноември 2013 година. САД ни одржаа и парада летово со дијаспората во Александар Палас, премиерот доби признание од инсталацијата ОМД, а главната ѕвезда на таа конференција беше Срџан Керим со ставот: мора да прифатиме компромис за името! Демек, дијаспората “се обедини“, го елиминиравме Светскиот Македонски Конгрес. За останатите дома, е полесно! За САД е ирелевантно дали место ВМРО-ДПМНЕ утре ќе биде СДСМ. За нив прагматични се нивните интереси. Нели, во политиката владее правилото, нема вечни пријатели и вечни непријатели, има вечни интереси! И затоа во кулоарите на НАТО и ЕУ уверувањето дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ бега од промена на името затоа што не сака членство на Македонија во овие сојузи на држави. Како супститут во реализацијата на нивните интереси, се СДСМ со своите сателити, ДУИ и ДПА. САД стравуваат од дестабилизација на Македонија доколку се оформи ново парламентарно мнозинство со цел промена на државното име, поради евентуалното однесување на членовите на ВМРО-ДПМНЕ. Затоа фаворизираат апсолутна популарност на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, за да на крајот го искористат во стилот: Народе, повеќе не се може, мораме да прифатиме промена на името! И крај на приказната. Дали после тоа Груевски ќе го има или не, и не е важно. Пракса е сите американски генерали после секоја победа на САД во симулираните војни ширум светот, да ги менуваат.

Но, во Македонија има легитимна власт. Можно е рекомпонирање на власта и дестабилизирање на државата, ако така реши Калето, во секое време. Таа легитимна власт не треба да трча по јајцата од змијата несилка, треба да и ја пресече главата за да стави крај на инкубаторот.

Не извештаи, не ГМО-храна и семиња, не истополни бракови… спас за Македонците од агонијата со државното име Македонија е безусловен крај на разговорите за негова промена! Сега и веднаш! Секоја друга варијанта го исцрпува општеството и отвара жива рака во нацијата која никогаш нема да заздрави, ама и црна дупка во овој дел на светот што ќе ја проголта Европа!

0 Comments

No Comments Yet!

There are no comments at the moment, do you want to add one?

Write a comment

Write a Comment