MKDNews.com

Јубилејна “Поетска ноќ во Велестово”

август 15
21:31 2013

Општина Охрид оваа година со финансиска и логистичка поддршка и под покровителство на градоначалникот Никола Бакрачески се вклучи во oдбележувањето на јубилејот 25 години „Поетска ноќ во Велестово“ или четврт век „Поетска ноќ во Велестово“ .
Особена чест и задоволство е денеска да се говори и да се најави оваа 25-та поетска ноќ во Велестово, бидејќи е една од најзначајните културни манифестации во Охрид и пошироко. Интернационалниот карактер што го создава овие 25 години, поетската ноќ во Велестово сериозно се вбројува во еден од културните поетски настани на Балканот и Европа – истакна Зоран Велјаноски, претставник од Секторот за меѓународна соработка, соработка со УНЕСКО и култура;
Поетската ноќ во Велестово е манифестација која се разликува од другите поетски читања и фестивали во Македонија, пред се поради тоа што првата поетска ноќ беше посветена единствено на еден македонски поет осврнувајќи се на целокупното негово поетско творештво, а дел од традицијата беше тоа поетско читање да биде придружено со ликовна изложба на македонски сликар.
За содржината и за сето она што е предвидено во програмата говореше Јулијана Величковска, член на Организациониот Одбор на манифестацијата „Поетска ноќ во Велестово“.
Годинава наспроти таа традиција која ја негуваме веќе 24 години наназад, решивме на јубилејното издание да отстапиме и ноќта ќе ја посветиме на портерт на младата македонска поезија, иднината на младата македонска поезија. Ќе бидат претставени 14 млади македонски поети, меѓу нив се Жарко Кујунџиски, Славица Гаџова, Иван Антоновски,Анета Василева, Ненад Јолдески и други. Овие млади автори се луѓе кои имаат барем една стихозбирка зад себе, кои што објавуваат во македонските литературни списанија а дел од нив учествуваат и на интернационални фестивали – додаде Величковска.
Ноќта ќе биде збогатена и со мал музички концерт на ансамблот „Билјана“, а после поетското читање, традиционално ќе следува поетската изложба на академскиот сликар Александар Станкоски насловена „Поетика и Политика“.
За интернационалната поетска ноќ која ќе се одржи во сабота со почеток во 21 часот, ќе учествуваат поети од 5 земји, Норвешка, Црна Гора, Бугарија, Словачка и Русија. За вечерта, според програмата предвидена е и промоција на стихозбирката „ Со други очи“ на поетесата Одвиг Клив од Норвешка.
Човекот кој во текот на овие 25 години направи навистина убава „Поетска ноќ во Велестово“ го истакна задоволството од успехот, оваа манифестација да ја издигне на високо рамниште и да биде меѓу најдобрите во Република Македонија.
Патот до овој јубилеј не беше лесен, имавме потешкотии, но упорноста, желбата да се истарае, пред македонската и европската културна јавност да се создаде културна манифестација, да се покаже дека во овие сурови времиња може да се најде простор, место и да прозвучи исконски, да се врати поетскиот јазик е навистина предизвик – рече Димоски.
Жељко Миловиќ, поет од Црна Гора и Одвиг Клив, поетеса од Норвешка кои присуствуваа на денешната прес конференција го изразија задоволството што во оваа јубилејна година за поетските ноќи во Велестово имаат можност да се претстават со својата поезија на едно прекрасно место, на чардакот над Охрид, од каде во изминативе дваесет и четири години испраќа силни поетски пораки од истакнати македонски поети.
Со ова јубилејно издание манифестацијата го потврди својот континуитет и својата вредност и се избори за високо место во нашата држава, кога станува збор за манифестации од ваков ранг.
Поетската ноќ во Велестово ќе се одржи на 16 и 17 август со почеток во 21 часот .
Извор: www.ohrid.gov.mk

Tags

0 Comments

No Comments Yet!

There are no comments at the moment, do you want to add one?

Write a comment

Only registered users can comment.