MKDNews.com

Ивановски: Заев да каже колку инвестиции донесоа за 15 години (видео)

август 27
19:30 2013

Во одговор на обвинувањата на претседателот на СДСМ Зоран Заев за неуспеси на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски попладнево на прес-конфренција во седиштето на владејачката партија детаљно информираше за се што Владата реализирала од 2006 година и за исполнети 2.100 ветувања, пренесува МИА.
Наведе изградба на социјални станови, откуп на дворно земјиште и легализирање дивоградби по едно евро за метар квадратен, намалени акцизи за увоз на автомобили, намалени трошоци за добивање одобренија за градење, визна либерализација, четири последователни позитивни извештаи од Европската комисија за Република Македонија, петто место во светот во однос на условите за основање бизнис, по 100 милиони евра за набавка на медицинска опрема и реконструкција на македонските болници, намалени цени на лековите, бесплатно здравство, проект Компјутер за секој ученик, задолжително средно образование, бесплатен превоз и бесплатни учебници за учениците, два нови државни универзитета, дисперзирани студии, превод на стручна литература, ваучери за 27.000 студенти. Во 2012 и 2013, рече Ивановски, одвоени се над 60 милиони евра директни инвестиции за образованието, а СДСМ не издвоило ниту 10 проценти од таа сума.
– Владата донесе Програмата за земјоделство и рурален развој за период од 2013 до 2017 година, со која првпат за пет години се дадени насоки како ќе се одвива финансиската поддршка за земјоделците. Во неа е планирано во следните пет години да бидат доделени вкупно 725 милиони евра субвенции, од кои во 2013 година – 135 милиони евра, во 2014 – 140 милиони евра и од 2015 до 2017 година по 150 милиони евра. СДСМ не даваше субвенции, рече Ивановски.
Информираше и за инвестициите во инфраструктурата – изградба и реконструкција на патишта, како и обезбедените средства за железницата – за ремонт на пругите и за нов возен парк.
– Заклучно со 2012 изградени и рехабилитирани се вкупно 190 локални патишта во вкупна должина од 412 километри во вредност од безмалку 30 милиони евра, а отпочната е изградбата и рехабилитацијата на 105 локални патишта со вкупна должина од 216 километри во вредност од безмалку 20 милиони евра во 43 општини, операција која е во тек. Изградени се и рехабилитирани 15 регионални патишта во должина од 318 километри во вредност од околу 50 милиони евра, а во тек се работи на исти такви во должина од 72 километри и вредност од околу 11 милиони евра, посочи Ивановски и напомена и за инвестиции за изградба или реконструкција на делниците Катланово-Велес, Велес-Кадрифаково, автопатот Александар Велики кај Табановце, делница на автопатот кај Демир Капија до Смоквица.
Во однос на економијата, Ивановски рече дека порастот на БДП во 2007 изнесувал 6.1 отсто, а во 2008 година 5 отсто, што било рекорд зашто во ниту една година претходно БДП немал пораст повисок од 4 проценти. Извозот во тие две години се зголемил за 60 проценти. Нагорниот тренд бил попречен од светската економска криза за која Владата донесе прв пакет на антикризни мерки, а подоцна уште три.
– Со нив буџетската потрошувачка се приспособи на случувањата во реалниот сектор, се обезбеди поволна кредитна линија од ЕИБ во износ од 100 милиони евра за малите и за средните претпријатија, и се реализираа нови 70 мерки за помош на стопанството во рамките на проектот Регулаторна гилотина. Вкупната поддршка на економијата обезбедена преку овие четири пакети на антикризни мерки достигна над 300 милиони евра, истакна Ивановски, додавајќи дека за својата економска политика РМ добила позитивни оценки и од угледните меѓународни организации.
За да го демантира Заев, ги наброи странските инвестиции кои отвораат работни места: Кемет електроникс, инвестиција од 25 милиони евра, Алајанс Уан од 10 милиони евра, Протек груп од 5 милиони евра, Мадерсон груп од 12 милиони евра, Стил кон од 3,5 милиони евра, Текнохозе од 10 милиони евра, Еуроиталија од 10 милиони евра, Еинфлоу од 5 милиони евра, Кромберг и Шуберт од 25 милиони евра, Џонсон контрол од 20 милиони евра.
– Го повикуваме Зоран Заев да наброи која странска гринфилд инвестиција ја донесоа за 15 години. Кога веќе сака Заев да зборува за транзицијата, потребно е да го праша за неа Бранко Црвенковски, таткото на транзицијата, а и Фрчковски, кој има дебело искуство од транзицијата. Ако Зоран Заев е сигурен во тоа што го говори и сигурен дека граѓаните му веруваат, тогаш зошто не прифати избори?, праша Ивановски на крајот од прес-конференцијата посветена на реализираните проекти на Владата од 2006 година.

0 Comments

No Comments Yet!

There are no comments at the moment, do you want to add one?

Write a comment

Only registered users can comment.