MKDNews.com

Филм за скандалот со трговијата со органи на Косово

август 08
09:15 2013

Следната недела во Косово ќе биде прикажан новиот документарен филм, што ја истражува трговијата со човечки органи на меѓународниот црн пазар и улогата на клиниката “Медикус“, лоцирана во близина на Приштина.
“Приказни од трговијата со органи“, 82-минутен документарен филм во режија на канадскиот режисер Рик Естер Беинсток, ја вклучува и сторијата за случајот Медикус, кога во првата половина на оваа година пет лица беа осудени на казна затвор, за нивна вмешаност во незаконска продажба на бубрези во една клиника на Косово.

Документарниот филм ќе биде двапати прикажан на десетгодишнината од филмскиот фестивал “Доку Фест“ во градот Призрен, што започнува следната сабота.

“Приказни од трговијата со органи“ на храбар и решителен начин навлегува во таинствениот свет на црниот пазар на шверцот со органи, во кој се среќаваат улични посредници, нечесни хирурзи, сиромашни мажи и жени подготвени да жртвуваат дел од сопствените тела за брза исплата и очајни пациенти кои се соочуваат со мачен избор: да го почитуваат законот или да ги спасат своите животи“, се вели во описот на филмот на интернет страницата на фестивалот.

Филмот прикажува интервјуа со донатори и приматели на органи добиени на црниот пазар, интервју со обвинителот на Мисијата на ЕУ за владеење на правото, ЕУЛЕКС, во случајот Медикус, Џонатан Рател, но, и со турскиот лекар Јусуф Сонмез, по кого Интерпол има распишано потерница за вмешаност во трговијата со органи на Косово, но, кој останува на слобода.

Сиромашни лица од Турција, Русија, Молдавија и Казахстан, наводно, биле доведени на клиниката со ветувања дека ќе добијат до 15.000 евра за нивните бубрези.

Обвинителот Рател изјави дека примателите на органи, главно Израелци, за бубрезите плаќале повеќе од 70.000 евра.

Кон крајот на април, судот во Приштина, утврди дека поранешниот сопственик на клиниката “Медикус“, Лутфи Дервиши, е виновен за организиран криминал и трговија со луѓе и го осуди на осум години затвор и парична казна од 10.000 €.

Осудени беа уште четири лица, а ЕУЛЕКС набрзо потоа започна нова истрага, бидејќи за време на судењето на виделина излегле нови докази.

0 Comments

No Comments Yet!

There are no comments at the moment, do you want to add one?

Write a comment

Only registered users can comment.