Денес се одбележуваат 12 години од трагичната погибија кај Карпалак
На денешен ден пред дванаесет години загинаа 10-те прилепски резервисти на автопатот Скопје – Тетово, кај месноста Карпалак
Вчера во започнуваа чествувањата во спомен на борците, а нивните семејства, соборци, делегации од АРМ, од Локалната самоуправа положија свежо цвеќе пред спомен-обележјето во касарната „Мирче Ацев“, а ја посетија и спомен собата во кругот на касарната каде се сеќавањата за 10-те прилепски бранители.
Семејствата, соборците и делегациите го посетија и спомен-обележјето во селото Лениште кај Прилеп и манастирот „Света Петка“ во селото.
Денес, на годишнината, како што е најавено, делегации ќе ја посетат месноста Карпалак. Во црквата „Свето Благовештение“ во Прилеп ќе се одржи панихида во спомен на загинатите бранители.
Централното чествување за 10-те прилепски бранители ќе биде денес напладне, во центарот на градот, пред споменикот во нивна чест. Ќе биде откриен и споменикот „Прилепски бранители“ кој се извишува среде кружниот тек на булеварот „Гоце Делчев“ кај Основниот суд. Модерно стилизираниот паметник ја симболизира вечноста на спомените и делата на сите прилепски херои.
На 8 август 2001 година армиски конвој составен од пет возила и 120 резервисти наиде на заседа кај месноста Карпалак. Во одбрана на независноста, територијалниот интегритет и суверенитет на државата загинаа Нане Наумоски, Сашо Китаноски, Бранко Секулоски, Горан Миноски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушидоски и Пеце Секулоски, сите од резервниот состав на АРМ од гарнизонот Прилеп.
Мермерната плоча кај Карпалак, како и другите плочи поставени во спомен на паднатите бранители во Тетовско се честа мета на вандали кои ги кршат или оштетуваат
There are no comments at the moment, do you want to add one?
Write a comment