MKDNews.com

Бугарија во конкретна акција против македонскиот идентитет

август 30
05:21 2013


Бугарски „нон-пејпер” документ во кој се посочува дека македонската нација не постои, дека нашиот идентитет е фалсификуван од Тито и дека бугарски интелектуалци во Македонија биле истребени по Втората светска војна, а во кој државата се ословува со БЈРМ, веќе неколку месеци циркулира меѓу шефовите на дипломатиите на земјите-членки на Европската Унија, јавува дописникот на МИА од Брисел.

Овој „документ” на состаноците пред последните средби на Советот за општи работи на Европската Унија го пласирал Марин Рајков, поранешен премиер на Бугарија, и тој циркулира во Советот на Унијата, во Европскиот парламент, во комисијата и во другите ЕУ- институции. Иако во Бугарија неколку месецина власт е, како што се оценува, за Македонија поблага опција, овој „нон-пејпер” се уште од официјална Софија не е повлечен.Од страна на постојаната мисија на Бугарија при ЕУ ни соопштија дека тоа е всушност „интервју на амбасадорот Димитар Цанчев за германски медиуми” кое тој им го лиферувал на министрите за надворешните работи на земјите-членки на Унијата.Инаку, во овој „документ” чија содржина е на англиски, најпрво се наведува дека „на работниот појадок со постојаните претставници во ЕУ на 18 април во Брисел, министерот за надворешни работи на „бившата југословенска Република Македонија“ (БЈРМ) Никола Попоски отворено запраша дали има потреба БЈРМ да склучи договор за добрососедство со Бугарија, повикувајќи на асиметрична клаузула во нацрт-верзијата предложена од Бугарија”. Токму ваквото извртување на ставот на македонскиот министер дека „за добрососедство не е потребен договор”, се наведува во продолжение на „нон-пејперот” е причина нашите соседи да истурат отров врз Македонија.„Во овој поглед, Бугарија би сакала да подвлече дека склучувањето на ваков договор е клучна компонента од „конкретните акции и резултати” во однос на параграф 41 од заклучоците на Самитот на Европскиот совет во декември 2012 година. Предложениот договор треба да содржи правно-обврзувачко потврдување на обврската на БЈРМ дека „…ништо во нивниот Устав може или би можело да се толкува дека претставува, сега или кога било во иднина, база за мешање во внатрешните работи на Република Бугарија со цел одбрана на статусот и правата на лицата кои не се државјани на Република Македонија“, се наведува во „нон пејперот“.Притоа, Бугарите наведуваат и дека „е факт оти Уставот на БЈРМ содржи такво ексклузивно право што раѓа загриженост кај соседните држави. Затоа, секакви тврдења дека таква обврска, според предложениот договор, сега не би биле реципрочни, се неточни”, се вели во документот, каде е наведено и дека „Уставот на Република Бугарија не содржи текст во насока на дефинирање на идентитетот на лицата што не се бугарски граѓани”.

Потенцирајќи дека „БЈРМ не сака да се посвети на обврската превземена во 1999 година во заедничката декларација на премиерите на Бугарија и на БЈРМ, како и во времената спогодба меѓу Хеленската република и БЈРМ”, нашиот источен сосед на шефовите на дипломатиите на земјите-членки на ЕУ им претставуваат зошто договорот за добрососедство кој тие го бараат е важен за нас и зошто тие не можат и нема да прифатат „какви било тврдења на Скопје за македонско национално малцинство во Бугарија“.

„По Балканските војни и Првата светска војна, еден дел од географската област на Македонија беше вклучена во територијата на Кралството Југославија. Сите историски факти и извори покажуваат дека до почетокот на 20 век, огромното мнозинство на словенското население во оваа област јасно се идентификувало себеси како бугарско (на плебисцитот одржан од Османските власти во 1870 година, пред издавањето на Султановиот декрет за воспоставување на границите на Бугарскиот егзархат, според меѓународната Карнегиева анкета од 1913 година)“.

Според нив, по неуспехот во обидите меѓу двете светски војни да се искорени бугарскиот идентитет на локалното население со наметнување на „јужносрпски” идентитет, довело до тоа, како што се наведува, „југословенскиот лидер Јосип Броз Тито во 1944 година да ја лансира политиката на фалсификување на нов ’македонски’ национален идентитет во тогашната Федеративна Република Македонија“!

Оваа конструкција е содржана во одлуката на комунистиката Интернационала и поддржана од Сталин и во неа се тврди дека секој словенски жител во географската област на Македонија е етнички „Македонец” кој и припаѓа на „македонската нација”, пишува во „нон-пејперот”.

Врв на „добрососедство”, Бугарите додаваат во продолжение на овој документ, каде се наведува:  Овој сеопфатен процес воден од титовиот комунистички режим го вклучи и (од 2 август 1944 година) декретот за локалниот дијалект од бугарскиот јазик да биде „македонски” јазик, како и фабрикувањето на „историската позадина” на новиот „македонски” идентитет, преку големо менување на историјата на сметка на соседните држави и народи. Секој обид од локалното население да го манифестира сопствениот бугарски идентитет беше потиснуван преку сталинистички методи. Илјадници лица беа затворани или испраќани во кампови на титовиот гулаг, локалната политичка и интелектуална елита, кои себе си се идентификуваа како Бугари, беа истребени во арбитражни убиства меѓу 1944 и 1946 година, гласи образложението, очигледно пишувана од раката на „историчарот”- антимакедонец Божидар Димитров.

Пред крајот, во овој документ што се уште кружи низ Брисел, се посочува:„Без оглед на резултатот од напорите за изградба на „македонска” нација, тоа не може да се користи како аргумент за малцинските претензии на Скопје виз-а-ви соседните земји. Бугарија би сакала да подвлече дека ако таков процес на национална изградба почнал во 1944 година, тоа е ограничено само на тогашната Социјалистичка Република Македонија, а по 1991 година и во БЈРМ. Ниту еден бугарски граѓанин не учествувал во таков процес. Затоа, какви било посочувања на Скопје за постоење на „македонско национално малцинство во Бугарија” останува целосно неосновано и неприфатливо. Во бугарското јавно мислење, сето ова се толкува како индиректни територијални претензии и воопшто негирање на бугарскиот национален идентитет“, им соопштува официјална Софија на своите пријатели во Европската Унија.

Како последна реченица во овој „нон-пејпер”, колку да нема двојби какви ќе бидат ставовите на Бугарија во однос на приемот на Македонија во ЕУ, се наведува: „Бугарија повикува дека изнаоѓањето на решение за нерешените прашања со соседите треба да дојде пред, а не по почетокот на преговорите со ЕУ”.Она што е непознато е дали сегашната бугарска Влада на чело со Пламен Орешарски, а во која е умерениот министер за надворешни работи Кристијан Вигенин, се согласува со овој документ, а ако не, тогаш зошто се уште не го повлече истиот и до Советот на ЕУ не достави нов, што ќе промовира доброседски дух со Македонија.

Неодамнешната владина средба предводена од Орешарски и претседателот на македонската Влада, Никола Груевски, дава надеж дека е можен пресврт во ригидната бугарска политика што ја започнаа Бојко Борисов, а ја продолжи Марин Рајков, кон Македонија, со која Грција доби партнер во блокирањето на евроинтеграциите.

0 Comments

No Comments Yet!

There are no comments at the moment, do you want to add one?

Write a comment

Only registered users can comment.