MKDNews.com

Владата на САД секој електронски чекор се снима и чува

јули 08
07:39 2013

Едно од најчесто споменуваните имиња во медиумите деновиве е американскиот разоткривач Едвард Сноуден. Една тајна презентација, што Сноуден во целост им ја даде на новинарите на „Гардијан“ и на „Вашингтон пост“ – Глен Гринвалд и Батон Гелман, всушност ги открива најновите софистицирани програми за следење и набљудување преку пресретнување и собирање на сите можни податоци на интернет.

Само четири од 41 слајд во презентацијата беа доволни да се открие програмата „Призма“ на Националната агенција за безбедност на САД (НСА), што е наменета за следење луѓе надвор од САД. Програмата дозволува директно од серверите на деветте водечки интернет-компании во САД да се преснимува целосната комуникација од каков било вид: електронска пошта, аудио, видео, фотографии, документи.

edward-snowdenИако Сноуден е главна тема по медиумите, ретко кој пишува што всушност откри тој. Уште повеќе, како некој толку млад, што само неколку месеци работи за Агенцијата, може да има пристап до тајните информации.

За да се дознае одговорот на ова прашање треба да се знае што точно работеше Сноуден за „Буз Ален Хамилтон“, а преку нив за НСА. Медиумите неколкупати различно го опишуваа неговото работно место: од поранешен технички асистент за ЦИА и сегашен вработен во компанија што нуди услуги во одбраната, преку специјалист за технологија до, како што самиот се нарекува во интервјуто за „Гардијан“, инфраструктурен аналитичар.

Неодамна, „Њујорк тајмс“ објави дека неговата работа открива многу повеќе отколку што изгледа на прв поглед.

Сноуден работел на место што многу внимателно официјалните лица избегнуваат да го споменат: инфраструктурен аналитичар во НСА. Како што пишува „Њујорк тајмс“, тој е како крадец кој обиколува одредена зграда, барајќи нови начини да се пробие во телефонскиот сообраќај и интернет-сообраќајот низ светот.

Тајната претседателска директива за киберактивности, во која се објаснува примарната задача на НСА е еден од „протечените“ документи. Таму се објаснува дека кога техничарите на Агенцијата бараат дупки за да соберат информации, тие исто така ги анализираат странските комуникациски и компјутерски системи за да идентификуваат потенцијални мети за идна кибервојна.

Експертите се сомневаат дека Сноуден бил токму еден од овие електронски натрапници, што го објаснува неговиот пристап до тајните документи. Приближна претстава за тоа колку многу податоци собира Агенцијата може да се добие ако се знае колкави објекти се градат за чување на серверите и складирање на податоците.

nsa-utah-data-centerЈужно од Големото Солено Езеро во Јута, Националната агенција за безбедност (НСА) чува една од своите најскапи тајни. Таму, на околу 100.000 квадратни метри, во близина на воениот камп „Вилијамс“, НСА гради огромни згради за супербрзи компјутери. Проектот чини околу две милијарди долари (1,5 милијарди евра), а компјутерите ќе можат да складираат огромно количество податоци, најмалку пет милијарди гигабајти. Само електричната енергија потребна за напојување на ладењето на серверите чини 40 милиони долари годишно.

Поранешните службеници на НСА, Томас Дрејк и Бил Бини, за „Шпигел“ уште во март изјавија дека овој објект наскоро ќе ги складира личните податоци на луѓе од целиот свет, што ќе бидат чувани со децении. Тие вклучуваат електронска пошта, повици на „Скајп“, пребарувања на „Гугл“, прегледи на „Јутјуб“, статуси на „Фејсбук“, банкарски трансфери – електронски податоци од кој било вид.

– Во Јута имаат сè за вас – вели Дрејк.

Неговиот колега Бини, математичар и поранешен аналитичар на НСА, смета дека серверите се доволно големи за да ја складираат целата електронска комуникација на човештвото во следните сто години, што на неговите поранешни колеги им дава можност да читаат и да слушаат со навистина бавно темпо.

kiberАферата „Тајните на НСА“ е карактеристична по тоа што сите што се вклучени во неа очигледно кријат одредени информации. Дури и новинарите кои известуваат за приказната, но можеби постои добра причина за тоа.

Прашање е зошто и „Вашингтон пост“ и „Гардијан“ се уште ги немаат објавено другите 37 слајда од презентацијата за програмата „Призма“. Оние што се објавени откриваат доста интересни информации, вклучувајќи го бројот на цели на програмата „Призма“ и фактот што таа дозволува следење во реално време.
Клучот е во „Big Data“

Батон Гелман е новинарот од „Вашингтон пост“, кој комуницирал со Едвард Сноудени вели дека тој барал да му гарантира оти за 72 часа ќе го објави целиот текст од слајдовите во презентацијата во која се опишува „Призма“.

Гелман му одговорил дека не може да гарантира за она што може да биде објавено и кога. Приказната се објави неколку недели подоцна, но поради потенцијална опасност за националната безбедност, објавени се само четири од вкупно 41 слајд.

Истото го направија и Гардијан и Глен Гринвалд, односно објавија само пет слајда од целата презентација. Прашањето е што има на останатите слајдови?Ако Сноуден сметал дека треба сите да се објават, тоа значи дека тој мислел оти јавноста има право да знае. Веројатно тој знае да процени што претставува опасност за националната безбедност, особено што самиот во интервјуто за Гардијан зборуваше дека многу внимателно одбирал што да обелодени.

Можностите на НСА за собирање на податоци нашироко ги надминуваат рамките на американските интернет сервери. Оваа агенција, исто така, спроведува надзор низ целиот свет преку сателит. Имаат инсталирано моќни антени во разни земји во светот, со кои ги пресретнуваат разговорите преку мобилните телефони. Ниту една држава во историјата никогаш не собирала податоци во толкав обем.

Сега е јасно дека долгогодишните сомневања на експертите биле оправдани – НСА го надгледува секој вид на комуникација ширум планетата. Се поставува битното прашање: како една безбедносна агенција, дури ако е толку голема што има 40.000 вработени, може смислено да работи со толкав океан информации?

Одговорот на ова прашање се крие во појавата за која во бизнис заедницата во моментов многу се зборува, а се нарекува „big data“ (големи податоци). Благодарение на новите технологии за обработка на податоци, сега е возможно да се поврзат сосема различни форми на информации и да се анализираат автоматски.

Сакаат сè засекогаш

Како што објасни директорот на ЦИА Дејвид Петреус, овој нов вид на анализа на податоци подразбира откривање на „врски, кои не се очигледни“. Ова вклучува, на пример, „наоѓање врски помеѓу овој шопинг, оној телефонски повик, некоја матна видео снимка, царински и имиграциски информации.“

Според Патреус, целта е „големите податоци“ да доведат до автоматско откривање: наместо вистински аналитичар да поставува вистински прашања, алгоритмите автоматски ја наоѓаат врската во аморфното море на податоци кое го чешлаат.

– ЦИА и нашите партнери од безбедносната заедница мора да знаат како да пливаат во океанот на „големите податоци“. Мора да бидеме првокласни пливачи – поточно најдобри – продолжи директорот на ЦИА.

Поентата е луѓето и нивното однесување да се направат предвидливи. Истражувачките проекти на НСА се фокусирани на предвидување врз основа на телефонски податоци и мислења на „Твитер“ и „Фејсбук“, кога ќе се случи бунт, општествен протест или друг настан. Агенцијата, исто така истражува нови методи за анализа на видео снимки од безбедносни камери со надеж дека ќе препознаат сомнително однесување пред да се изврши одреден терористички напад.

Гас Хант, главен технички директор на ЦИА, во март директно призна дека се обидуваат да соберат сè што им е на дофат и да го зачуваат засекогаш.

– Ние сме многу блиску до тоа да можеме да ги собереме сите информации генерирани од луѓето. Технологијата напредува многу побргу од што државата или законот можат да ја следат – додаде тој.

0 Comments

No Comments Yet!

There are no comments at the moment, do you want to add one?

Write a comment

Only registered users can comment.