MKDNews.com

Венецуела му понуди азил на Сноуден

јули 06
06:41 2013

Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро изјави дека решил да му понуди азил на поранешниот американски разузнавач Едвард Сноуден, кој побара да пребегне во повеќе земји за да не биде фатен од Вашингтон, јави Ројтерс.

– Во име на Американското достоинство решив да му понудам хуманитарен азил на Едвард Сноуден – рече Мадуро за време на воената парада со која се одбележа денот на независноста на Венецуела.

Се верува дека 30 годишниот поранешен вработен по договор во Националната агенција за безбедност (НСА) е заглавен во транзитната зона на московскиот аеродром Шерметјево.

Викиликс во петокот соопшти дека Сноуден аплицирал за азил во уште шест земји, со што бројката на земји во кои тој побара азил за да се заштити од обвиненијата за шпиунажа од САД, достигна 20.

– Тој ја кажа вистината, во духот на бунтовништвото, дека САД го шпионира целиот свет – изјави Мадуро.

Мадуро додаде дека Венецуела била подговрвена да му понуди заштита и дека деталите кои ги откри Сноуден за Американската програма за шпионирање ги покажале злите шеми на империјата на САД.

– Кој е виновникот? Млад човек, кој ги осудува плановите за војна, или владата на САД која лансира бомби и ја наоружува Сириската опозиција против народот и легитимниот претседател Башар ал Асад? Кој е терористот? Кој е глобалниот деликвент? – праша Мадуро.

Русија покажа знаци на растечка нетрпеливост за престојот на Сноуден во Москва. Заменикот министер за надворешни работи во четвртокот изјави дека Сноуден не побарал азил во таа земја и требал да одбере место каде ќе отпатува.

Москва јасно кажа дека колку подолго остане, толку поголеми се шансите за дипломатски ќор-сокак во однос на неговата судбина со големи последици во односите со Вашингтон.

Претходно Никарагва објави дека добила барање за азил од Сноуден и претседателот Даниел Ортега изјави може да го прифати „ако дозволат условите“.

– Ние сме отворена земја, која го почитува правото на азил па јасно е дека ако дозволат условите, со задоволство ќе го примиме Сноуден и ќе му дадеме азил во Никарагва – изјави Ортега за време на неговиот говор во престолнината на Никарагва, Манагуа.

Ортега, кој му е сојузник на претседателот на Венецуела, Мадуро, не објасни какви услови се потребни за да му дозволи азил на Сноиден, кој е во центарот на дипломатската бура која изби откако тој минатиот месец откри тајни разузнавачки податоци на САД.

(Извор: Ројтерс)

0 Comments

No Comments Yet!

There are no comments at the moment, do you want to add one?

Write a comment

Write a Comment