MKDNews.com

Тајната на Никола Тесла

јули 14
17:43 2013

Сонцето зрачи електромагнетни бранови кои во форма на неутрони доаѓаат на Земјата. Ова зрачење во науката е познато како вселенска енергија. Никола Тесла долго го истражувал и тврдел дека тоа може да се претвори во електрична енергија.

Во американскиот град Колорадо Спрингс, Никола Тесла изградил купола во која вградил претворач или конвектор на вселенска енергија во електрична. На врвот на куполата се наоѓала метална топка која произведувала молњи долги и до неколку метри. Во 1901 година користењето на вселенската енергија го пријавил на патентниот завод во Њујорк како патент под број 685.957.

Клаус Јебенс научник од Хамбург е претседател на германското здружение за слободна енергија. Подготвувајќи материјал за книга ја истражувал архивата на својот татко Јоханес Јебенс, кој исто така бил научник и претседател на Германската куќа на откритија и патенти во Хамбург. Тука пронашол еден таен документ во кој неговиот татко го опишал својот пат во Америка во 1930 година. Така е откриена тајна чувана 71 година.

Средба со Тесла

– Мојот татко во 1930 година бил поканет од Томас Едисон да дојде во Њујорк. Едисон бил почесен член на Германската куќа на откритија и патенти во Хамбург и мојот татко сакал лично да му ја врачи почесната повелба. Патувал со бродот „Њујорк“, објаснува Клаус Јебенс. На бродот запознал човек по име Петер Саво кој му рекол дека во Њујорк секако треба да го посети неговиот чичко Никола Тесла.

– Кога мојот татко ја завршил посетата на Едисон, Тесла го поканил во својата хотелска соба во Њујорк. Тука поминале цел ден разговарајќи за патентите. По завршениот разговор Тесла го прашал мојот татко дали има уште еден ден време, бидејќи сакал нешто да му покаже и да демонстрира, но дека за тоа не смеел да зборува понатаму. Мојот татко се согласил и ветил дека за тоа нема на никого да зборува – вели Клаус Јебенс.

Автомобил на вселенска енергија

Следниот ден заминале со воз од Њујорк за Бафало. Во предградието на Бафало во една гаража стоело луксузно возило на тогаш познатата марка Pierce Arrow. Тесла од куферот извадил кутија со големина 70 x 15 x 20 сантиметри и му рекол на механичарот да ја монтира на инструментната табла на автомобилот и да ја спои со два кабли кои тука се наоѓале.

– Во меѓувреме Тесла на мојот татко покажал цел автомобил од кој бил изваден бензинскиот мотор и вграден електромотор со 80 коњски сили од фирмата Westinghaus – вели Клаус Јебенс. Возилото имало долга антена. По половина час механичарот ја вградил кутијата. Тесла поставил две стапчиња во кутијата и моторот почнал да работи без никаков дополнителен извор на енергија.

Тесла му рекол на механичарот да ги однесе до Нијагарините водопади каде сакал да го покаже неговиот изум, првата хидроцентрала на светот. Влегле во возилото и се возеле целосно бесшумно од Бафало до Нијагарините водопади, околу 45 километри.

– Мојот татко видел на брзиномерот дека на места каде патот бил рамен, возилото постигнувало брзина до 130 км на час. Во текот на возењето Тесла му рекол на мојот татко – Овој конвертор има толку многу енергија што може да снабдува со струја уште една станбена зграда! Потоа по истиот пат се вратиле во Бафало, а Тесла пред да замине за Њујорк, кутијата ја извадил од автомобилот и ја ставил во својот куфер – продолжува Клаус Јебенс.

– На него му успеало да направи конвертор и вселенската енергија да ја претвори во електрична енергија.

Тесла и ЦИА

Во летото во 1931 година, на неговиот роденден Тесла го поканил својот внук Петар Саво во околината на градот Њујорк. Весниците пишувале дека Тесла се вози во некое мистериозно возило кое нема издув (ауспух). Тајната околу конструкцијата на конверторот, Тесла ја однел во гроб.

– Дознавме дека по смртта на Тесла први во неговата соба влегле агенти на ЦИА и ги однеле сите документи и патенти кои ги нашле во собата – ја завршува својата приказна Клаус Јебенс.

Индустријалецот и банкар Џ. П. Морган кој некое време ги финансирал истражувањата на Тесла, кога дознал дека тој работи на тоа на светот да обезбеди бесплатно користење на енергија, ја прекинал соработката велејќи:

– Господине Тесла, како мислите дека ќе можам да инсталирам струјни мерила!?

(Дојче Веле, МИА)

0 Comments

No Comments Yet!

There are no comments at the moment, do you want to add one?

Write a comment

Write a Comment