MKDNews.com

Сноуден побара азил во Русија, Путин му поставува услови

јули 02
00:47 2013

PUTINOT-snowЕкс разузнавачот на американските тајни служби, Едвард Сноуден, обвинет за шпионажа во САД, побара политички азил во Русија. Рускиот претседател, Владимир Путин му порача дека тој може да остане во Москва, но за возврат, да престане да работи на штета на американските партнери.

Ниту Еквадор, ниту Венецуела, туку Русија. Најбараниот американски бегалец Едвард Сноуден побара политички азил во Москва, продолжувајќи ја неколкунеделната сага, која предизвика дипломатски земјотрес во САД. Русија официјално не се изјасни што планира со екс техничарот на ЦИА, но случајно или не и речиси во исто време со веста за барањето азил на Сноуден, се огласи рускиот претседател Владимир Путин.

– Русија никогаш, никого не екстрадирала и нема да го стори тоа.
Што се однесува до г-н Сноуден, тој не е наш агент, но ако тој сака да остане овде има еден услов – треба да престане да објавува документи на штета на нашите американски партнери, без разлика колку ова што го зборувам ви звучи чудно, изјави Рускиот претседател Владимир Путин.

30-годишниот екс соработник на американските тајни служби веќе една недела е засолнат во транзитната зона на аеродромот Шереметјево во Москва, од каде слета од Хонг Конг.

Вашингтон стравува дека тој поседува уште стотици доверливи документи кои може да ги објави, откако неодамна ја обелодени аферата за масовното прислушување на телефоните и следењето на интернет сообраќајот. Судејќи според се, Сноуден ќе мора да остане во хотелската соба на аеродромот, зашто процедурата за одобрување азил во Русија во просек трае со недели или со месеци..

0 Comments

No Comments Yet!

There are no comments at the moment, do you want to add one?

Write a comment

Only registered users can comment.