MKDNews.com

Шешељ бара изземање на судија на Трибуналот

јули 02
15:25 2013

Шешељ бара изземање на судија на ТрибуналотВоислав Шешељ, лидер на Српската радикална партија, побара судијата што го критикуваше Хашкиот трибунал да биде отстранет од судскиот процес што се води против него за воени злосторства, бидејќи бил пристрасен и настроен против Србите.

Шешељ во понеделникот побара данскиот судија Фредерик Хархоф да биде отстранет од судскиот процес што се води против него, откако во јавноста беше објавено неговото писмо во кое тој вели оти претпоставува дека последните пресуди на Трибуналот, можеби се резултат на политички притисок.

„Обраќајќи се до медиумите, а не до Советот за безбедност на Обединетите нации, судијата Хархоф покажа дека тој не е непристрасен и неутрален судија, кој може да ја утврди вистината во случајот на Воислав Шешељ“, се вели во соопштението на Српската радикална партија.

Во писмото што беше обелоденето од страна на меѓународните медиуми, Хахоф вели дека има слушнато оти наводно, претседателот на Трибуналот, Теодор Мерон, Американец, вршел притисок врз другите судии да ги одобрат последните контроверзни ослободувања на хрватските генерали Анте Готовина и Младен Маркач, на југословенскиот генерал Момчило Перишиќ и на српските безбедносни функционери Јовица Станишиќ и Франко Симатовиќ.

Хархоф е еден од судиите што на 30 октомври треба да ја донесат пресудата во случајот на Шешељ.

Шешељ е обвинет за воени злосторства и злосторства против човештвото извршени против несрпското население во Босна и Херцеговина, во Хрватска и во српската покраина Војводина, во периодот помеѓу 1991 и 1994 година.

Минатата недела, Шешељ, откако му беше забрането да комуницира со некои членови од неговиот правен тим, со образложение дека посетите ги користи за испраќање на политички пораки, до претседателот на Хашкиот трибунал Мерон, упати жалба во која стои дека му се прекршени правата на фер судење.

Во текот на судењето, тој три пати беше осуден за непочитување на судот откако на неговата интернет страница го откри идентитетот на еден заштитен сведок.

Марија Ристиќ – Белград

0 Comments

No Comments Yet!

There are no comments at the moment, do you want to add one?

Write a comment

Only registered users can comment.