MKDNews.com

Паско Кузман пред истражен судија за „Фаланга 2“

јули 15
14:46 2013

Директорот на управата за заштита на културното наследство, Паско Кузман утринава донесен со лисици во скопскиот Кривичен суд “Еден”, и изведен на распит кај истражен судија, потврдија извори од МВР.

Според извори од истрагата, Кузман е приведен во врска со акцијата „Фаланга 2″ во која во мај беа уапсени 19 лица, меѓу кои и вработени во Управата за заштита на културното наследство, Музејот на Македонија, Музејот во Демир Капија, како и полициски службеник од Велес.

Истражен судија на десетмина од осомничените во полициската акција „Фаланга 2″, им одреди триесетдневен притвор, а четворица беа пуштени да се бранат од слобода. Тие се товарат за кривичните дела злосторничко здружување, злоупотреба на службената положба и овластување, тешка кражба и прикривање. Меѓу осомничените беа и двајца српски државјани, кои ги откупувале предметите и потоа ги продавале на црните пазари во западноевропските земји.

Акцијата „Фаланга 2″ ги изнесе на виделина сомнежите дека македонското културно и историско благо го распродаваат токму оние кои се задолжени да го заштитуваат и чуваат. Четворица од осомничените се вработени во Управата за заштита на културно-историското наследство. Од нив, само на еден му беше одреден притвор од триесет дена, а другите тројца беа пуштени да се бранат од слобода. Токму притворениот е близок соработник на Паско Кузман, кој тогаш изјави дека не сака да го коментира овој настан.

Акцијата беше спроведена на територијата на Демир Капија, Свети Николе, Кавадарци и Скопје. По наредба на истражниот судија претреси беа извршени во вкупно 23 објекти, каде што беа пронајдени голем број предмети, меѓу кои, покрај бронза и керамика, има и неколку икони за кои постојат сомневања дека се украдени од македонските цркви. „Фактот што во групата имало службени лица од Управата за заштита на културното наследство и од неколку музеи во Македонија зборува за тоа дека лицата што се занимавале со овие криминални активности биле лица што, условно речено, стручно ја познаваат оваа проблематика, што значи дека тие точно знаеле при ископувањето и откривањето на некои предмети дали пронајдениот предмет евентуално би постигнал висока цена на црниот пазар”, изјави тогаш министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.

Tags

0 Comments

No Comments Yet!

There are no comments at the moment, do you want to add one?

Write a comment

Only registered users can comment.