MKDNews.com

Тодор ПЕТРОВ:(НЕ)ВЛАДИНИТЕ ИСЕЛЕНИЧКИ КОНФЕРЕНЦИИ ВО ПАЛАС

јули 25
23:10 2013
Ставовите изнесени во овој напис се ставови на авторот Тодор ПЕТРОВ и редакцијата на MKDnews не сноси одоговорност за содржината на истите.

Агенцијата за иселеништво на Република Македонија организира Четврта годишна конференција на иселеничките организации на 25 и 26 јули 2013 година. Владина конференција.

Здружението “Обединета македонска дијаспора“ (ОМД) организира Четврта Глобална Конференција на 25, 26 и 27 јули 2013 година. Велат невладина конференција, ама признаваат дека партнер во организацијата им е Агенцијата за иселеништво.

За чудо, и двете конференции се одржуваат на исто место, во хотел “Александар Палас“ во Скопје… случајно, нели… ненамерно… И двете конференции имаат исти гости… исти говорници кои шетаат од едната на другата конференција… Впечаток е дека тоа всушност е една конференција. Тука е државниот протокол, без исклучок. За учесниците и на “двете“ конференции претседателот на Републиката организира прием во Музејот на ВМРО на 26 јули 2013 година од 18.30 до 20.00 часот…

Не е во прашање суета, во прашање се интереси и служби, различни дружби. Впрочем, менторите си ги одбираат статистите, медиумите под контрола треба да го споделат опиумот за верата кај граѓаните и народот во новото чудо. А, никаде досега не било…

Во прашање не е ништо друго, туку игри околу идентитетот и името!

Во предвечерието на дисолуцијата на поранешна СФРЈ, после четирите блокади на македонско-грчката граница во 1990 година, Македонците од целиот свет формираа Светски Македонски Конгрес како неформален Светски Парламент на Македонците од сите делови на Македонија во целиот свет. Се обединија Македонците заради Македонија. И Македонија повторно стана самостојна држава.

Во обидот за контрола и манипулација со Македонците во светот, Киро Глигоров во 1992 година формира таканаречен “Втор Светски Македонски Конгрес“. На сите кои го следеа им ветуваше амбасадорски места. И, ја оствари целта. Наместо семакедонско обединување во одбрана на името и знамето, власта ги подели Македонците во светот, кој бил за Светскиот Македонски Конгрес на Тодор Петров, кој бил за Светскиот Македонски Конгрес на Џон Битов. Власта не демантираше дека има еден Светски Македонски Конгрес на Тодор Петров кој е против промената на државното име, ама потврди дека има и еден друг Светски Македонски Конгрес на Џон Битов кој ја прифаќа владината одлука за временото обраќање “поранешна Југословенска Република Македонија“ во Обединетите Нации и во светот. И, Македонија доби времено обраќање, “самата“ си го смени симболот од знамето.

Во 2011 година здружението ОМД му додели награда за животно дело на поранешниот претседател Киро Глигоров кој ги подели Македонците во светот во 1992 година со формирањето на таканаречениот “Втор Светски Македонски Конгрес“ заради промена на името и знамето. И тогаш државата ја стави државната администрација и дипломатската мрежа на располагање на таканаречениот “Втор Светски Македонски Конгрес“. Леташе владиното авионче од Рим до Скопје, ги разнесуваше кировите конгресмени, од буџетот се префрлаа пари во САД и Канада за формирање македонско лоби.

Вториот Светски Македонски Конгрес од 1992 се обедини со првиот Светски Македонски Конгрес од 1990 година во еден и единствен Светски Македонски Конгрес дури во 1997 година.

…Колку за паметење, во 1990 година, во предвечерието на распаѓањето на поранешна СФР Југославија, единствено Светскиот Македонски Конгрес предложи Македонска Национална Програма, наместо МАНУ. Некои академици пројавија аспирации тие тоа да го сторат но, никогаш до денес не напишаа, прашање е дали тоа ќе се случи. Поради тоа, СДСМ на власт, во 1992 година го злоупотреби Собранието на Македонија, претворајќи го во партиски суд на дводневно заседание со предлог заклучок: “Тодор Петров да се затвори, Светскиот Македонски Конгрес да се забрани“. Двајцата креатори на Уставот од 1991 година, како министри во тогашната Влада, сега едниот идеолог во ВМРО-ДПМНЕ а другиот идеолог во СДСМ, во собраниското експозе за Светскиот Македонски Конгрес, кажаа: едниот, како министер за внатрешни работи, дека Светскиот Македонски Конгрес е меѓународна терористичка организација, а другиот, како министер за правда, дека Македонската Национална Програма на Светскиот Македонски Конгрес ќе предизвика Трета Балканска Војна, затоа што во неа историјата на Македонија, во континуитет во време и простор, почнувала од антиката до денес. Која пародија и беда. Кажаа и останаа живи… Ниту пратеникот Тодор Петров беше затворен, ниту Светскиот Македонски Конгрес беше забранет. Кучињата си одлајаа, караванот си пројде.

…Во Македонија, грижата за положбата и правата на Македонците во соседните држави и за иселениците од Македонија до 1998 година ја имаше Матицата на иселениците од Македонија формирана во 1951 година како пара-државно здружение. Ја финансираше државата со Закон од буџетот, а органите и’ беа составени од делегирани претставници на институциите на власта, општествено-политичките организации и државни установи и претпријатија (Социјалистичкиот сојуз на работниот народ на Македонија, Сојузот на комунистите на Македонија, Собранието на Македонија, Министерството за внатрешни работи, Министерството за надворешни работи, МПЦ, весникот Нова Македонија, Македонската академија на науките и уметностите, Институтот за фолклор, Институтот за македонски јазик, Институтот за национална историја, МРТВ и други). Кога ВМРО-ДПМНЕ формира Влада, во 1998 година се формира Министерство за иселеништво кое ги презеде вработените, имотот, опремата и архивата на Матицата на иселениците од Македонија. Министерството за иселеништо се всели во зградата на Матицата на иселениците во строгиот центар на градот. Но, Матицата на иселениците од Македонија не беше избришана од надлежниот регистар. Во 2002 година Министерството за иселеништво беше укинато, а место него се формира Агенција за иселеништво. И Агенцијата за иселеништво продолжи да работи во зградата на Матицата на иселениците. Грижата на државата за Македонците во соседните земји остана во надлежност на Министерството за надворешни работи, а грижата за иселениците од Македонија остана во надлежност на Агенцијата за иселеништво. Во 1998 година Матицата на иселениците од Македонија се пререгистрира како здружение на граѓани, а истовремено започна судски спор за сопственоста врз имотот и со судски налог за извршување на пресуда на Врховниот суд на Република Македонија во 2006 година, Агенцијата за иселеништво беше иселена од зградата на Матицата на иселениците од Македонија. Врховниот суд на Република Македонија пресуди, дека зградата не е државен имот, туку приватна сопственост на здружението Матица на иселениците од Македонија. Од 1998 година Владата престана да ја финансира Матицата на иселениците од Македонија. Во таа зграда, на улица “27 март“ во центарот на Скопје, денес се сместени Матицата на иселениците од Македонија и Светскиот Македонски Конгрес…

…Агенцијата за иселеништво на Република Македонија откога е формирана во 2002 година, нема никаква координација, соработка и размена на информации и искуства со Светскиот Македонски Конгрес и Матицата на иселениците од Македонија. Светскиот Македонски Конгрес и Матицата на иселениците од Македонија, за Агенцијата за иселеништво не постојат.

Здружението ОМД откога е формирано во 2004 година, нема никаква координација, соработка и размена на информации и искуства со Светскиот Македонски Конгрес и Матицата на иселениците од Македонија. ОМД е креиран со тенденција замена на Светскиот Македонски Конгрес. Епитетот “обединета“ во името е суптилен обид за манипулација, затоа што друг, “обединителот“ врши индоктринација, диференцијација и селекција. Во основа, различна е организацијата и делувањето…

И Агенцијата и ОМД обединуваат, ама селективно, никако со Светскиот Македонски Конгрес. Иако, Светскиот Македонски Конгрес возобновен 1990 година, во предвечерието на распаѓањето на поранешна СФРЈ, ги продолжи традициите на Македонскиот Конгрес формиран 1899 година во Женева, Швајцарија.

… Се разбира, Светскиот Македонски Конгрес не полага монопол или ексклузивно право врз македонските работи и врз Македонците во светот, но го отфрла создавањето на паралелна меѓународна невладина организација која освен поддршката од американската амбасада во Скопје не бележи значителен интерес меѓу Македонците во светот поради грешките коишто од незнаење или под инструкции ги мултиплицира. Не велиме дека Светскиот Македонски Конгрес стори се’, дека заврши се’, дека го реши македонското прашање. Ама, со целиот анимозитет на власта и делувањето на странските разузнувачки служби, Светскиот Македонски Конгрес постигна и премногу во последните 23 години. Нема значаен настан во државноста во којшто Светскиот Македонски Конгрес не бил инволвиран или извршител, во Републиката и меѓу Македонците и македонските заедници во светот. Ретки се македонските организации кои за овие 23 години не биле присутни на генералните собранија на Светскиот Македонски Конгрес или кои не биле дел во некои од активностите на СМК. Без пари, за изминатите 23 години, Светскиот Македонски Конгрес, и премногу стори. А, можеше ли повеќе, поради судирот со премиерот, претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Георгиевски, кој отворено се декларира за Бугарин, таа етикета му ја лепи во секој свој говор и на македонскиот народ во целина. Неговите врховистички инсталации останаа во власта, се’ уште одработуваат за странските служби. Светскиот Македонски Конгрес беше систематски дискредитиран и елиминиран. Таа тенденција не е отстранета ниту денес.

За Светскиот Македонски Конгрес, здружението ОМД е наменска инсталација со рок на траење, целта е: супститут на Светскиот Македонски Конгрес. Што и да се случи, ОМД ќе остане неуспешен обид, како што беше “Вториот Светски Македонски Конгрес“ на Киро Глигоров. За очекување е да создава заблуди и поделби, тоа е веќе видено. Мало потсетување, здружението ОМД е формирано во САД со поддршка од американската администрација во предвечерието на референдумот за територијалната организација на локалната самоуправа на 7 ноември 2004 година, кога САД ја признаа Македонија со претседателската алиби-изјава: “Ја признавме Македонија под нејзиното државно име за да ги спречиме националистите во организацијата на референдумот за територијалната организација на локалната самоуправа.“ Иако референдумот беше успешен! 23 години американскиот амбасадор не присуствувал на ниту едно генерално собрание на Светскиот Македонски Конгрес во Скопје. Кога ОМД организира глобална конференција во Вашингтон, одлета со авион од Македонија во САД, таму да им каже “Не мешајте се, Вашата Влада знае како да го реши прашањето за името.“ И во Вашингтон и во Скопје на глобалните конференции на ОМД е присутен и Срџан Керим, со неговиот став дека компромис за името мора да има…

Светскиот Македонски Конгрес 23 години ги кани на генералните собранија, претседателот на Републиката, премиерот на Владата, спикерот на Собранието, министерот за надворешни работи, домашни и странски екселенции, за жал, ниту еднаш не се појавија… Покана имаат и за Дваесет и третото Генерално собрание на Светскиот Македонски Конгрес што се одржува на 9 август 2013 година во Музејот на ВМРО, во Скопје, со почеток во 10.30 часот. На четвртите конференции во “Александар Палас“ сите ги има. Нашиот народ вели, секое чудо за три дена… Така беше и со “Вториот Светски Македонски Конгрес“ на Киро Глигоров, а Киро е во Бутел…

Може само да се изрази жалење за македонското неединство во земјата и во светот, во јубилејна година кога одбележуваме 100 години окупација врз Македонија и 100 години геноцид врз македонскиот народ, поради партиски интереси, неоврховистите и колаборационистите, вмешаноста на странски разузнувачки служби. Меѓутоа Владата, Министерството за надворешни работи и претседателот на Републиката мора да ја ограничат сервилноста кон ексклузивната промоција на здружението ОМД како супститут на Светскиот Македонски Конгрес, бидејќи ОМД не е ниту влијателна, ниту прифатена од Македонците и македонските заедници во светот. Светскиот Македонски Конгрес од Владата и од претседателот на Републиката веќе побара да престанат да ја стават дипломатската мрежа и државната администрација на Македонија во функција на една организација во која интерес имаат американските служби поради влијание и контрола врз Македонците во светот. Светскиот Македонски Конгрес, истовремено, укажа дека очекува непристрасност од провладините медиуми во промоцијата на здружението ОМД како “највлијателна организација меѓу Македонците во светот“ иако тоа воопшто не е, со цел манипулација на домашното јавно мислење и епилог кој допрва следи…

И покрај се’, Светскиот Македонски Конгрес продолжува. Македонските работи немаат крај, бидејќи Македонија е вечна тема. Делбите веројатно ќе продолжат, ама лагите ќе постојат се’ додека во нив веруваме. На крајот на краиштата нека секој си го одбере патот по кој сака да продолжи, а не да седи и ваму и таму. Затоа што…

…Во прашање се Македонците и Македонија…

И покрај сите предизвици, семакедонското помирување и обединување е неизбежност. Простувањето секако, ама без заборав, за грешките да не ги повторуваме…

 

ОМД И ПАТРИЈАРХОТ

 

Пишува Тодор ПЕТРОВ

 

Ја читам изјавата на Рускиот Патријарх од 21 јули 2013 година “Хомосексуалноста значи автодеструкција и апокалипса“http://kurir.mk/svet/vesti/124418-Ruskiot-patrijarh-Homoseksualizmot-znaci-avtodestrukcija-i-apokalipsa. Па го читам текстот во Утрински весник од 21 јули 2013 насловен “Дијаспората ќе не’ обединува внатре и надвор“ со поднаслов “На форумот на ОМД на иста маса ќе бидат власта, опозицијата, дијаспората, научната јавност и претставници на геј-заедницата“ http://www.utrinski.com.mk/default.asp?ItemID=BE13647641EB8047851F14D52E185C2E а во коментарот “Од поинтересните теми на форумот, ќе се расправа за надворешната политика на Македонија од 1991 година, рефлексиите на Балканските војни на просторот и на населението во Македонија, македонското прашање низ очите на Британците, грчките интелектуалците за македонското прашање, економскиот развој на земјата и привлекувањето на инвестициите, и како изненадување, различноста како дел од македонскиот идентитет – но не на ниво на малцинствата, туку како сексуална припадност, со што првпат на иста маса ќе се најдат премиерот Груевски и Кочо Андоновски од Хелсиншкиот комитет за човекови права.“

 

“Православната црква е загрижена, не поради постоењето на гревот, тој отсекогаш постоел, туку поради тоа што за првпат во историјата на човековата раса овој грев е оправдан со закон. Ова отвора можности за опасно однесување, кое може да доведе до морална деградација на општеството,“ – изјави Патријархот.

 

СДСМ и Киро Глигоров имаа свој Конгрес со Џон Битов, еве и ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски формираа свој Конгрес со Методија Колоски. Наменски инсталации со рок на траење. Во прашање е идентитетот и името.

 

Зошто им беше потребна, на претседателот на државата, на Владата, на Министерството за надворешни работи, ваква парада во Македонија на 100 годишнината од Балканските војни? А, сите ја плаќаме од буџетот. Ама, во хотел “Александар Палас“ присутни ќе бидат американскиот и британскиот амбасадор, тоа ќе да е посреди… Светскиот Македонски Конгрес 23 години ги кани екселенцииве на генералните собранија, домашните и странските, ниту еднаш не се појавија… Покана имаат и за Дваесет и третото Генерално собрание на Светскиот Македонски Конгрес што се одржува на 9 август 2013 година во Музејот на ВМРО, во Скопје, со почеток во 10.30 часот. Која пародија и трагикомедија од грижа за Македонците во светот… Господ на помош… Нашиот народ вели, секое чудо за три дена… Така беше и со “Вториот Светски Македонски Конгрес“ на Киро Глигоров, а тој е во Бутел…

0 Comments

No Comments Yet!

There are no comments at the moment, do you want to add one?

Write a comment

Only registered users can comment.