MKDNews.com

Неправедна казна за воените злосторници Мактауф и Дамјановиќ

јули 18
17:07 2013

Европскиот суд за човекови права донесе одлука според која Абдулатхим Мактоуф и Горан Дамјановиќ добиле повисоки казни, бидејќи им било судено според новиот босански кривичен законик, одлука што може да доведе до поништување на десетици други пресуди.

Европскиот суд за човекови права во четвртокот донесе пресуда според која Државниот суд на БиХ им ги повредил правата на воените злосторници Мактоуф и Дамјановиќ, бидејќи тие можеле да добијат помали затворски казни доколку им се судело според кривичниот законик на поранешна Југославија од 1976 година, наместо според кривичниот законик на Босна и Херцеговина од 2003, усвоен откако тие ги извршиле злосторствата.

„Со оглед дека постоела реална можност ретроактивната примена на законикот од 2003 година, применуван во случајот на жалителите, да не биде поволна во посебни околности на овој случај, [судот] смета дека ним не им било дозволена примена на ефективни заштитни мерки против наметнување на потешка казна“, се вели во одлуката.

Европскиот суд и наложи на БиХ на осудените да им исплати отштета од по 10.000 евра.

Со оваа пресуда се отвара можност за поништување на сите случаи, повеќе од 50, во кои босанскиот државен суд го применувал кривичниот законик од 2003 година.

Мактоуф во 2006 година беше осуден на казна затвор од пет години, за злосторства извршени против пет хрватски цивили од Травник.

Дамјановиќ во 2007 година беше осуден на 11 години затвор за учество во тепањето на група заробени Бошњаци во сараевското предградие Бојник.

Во својата пресуда, судот во Стразбур образложува дека БиХ го осудила Мактоуф на казна затвор од пет години, најниска можна казна според законикот од 2003 година, која според кривичниот законик од 1976 изнесува една година затвор.

Слично било и во случајот на Дамјановиќ, чија казна од 11 години е нешто над минимумот од десет години, а според кривичниот законик од 1976 би добил само пет години.

„Судот нагласи дека овој заклучок не укажува дека требале да бидат применети помали казни, туку дека едноставно требале да се применуваат казнените одредби од кривичниот законик од 1976“, се вели во пресудата на Европскиот суд.

Судот во Стразбур истакна дека оваа пресуда не значи дека сите пресуди во случаите каде што бил применуван кривичниот законик на Босна и Херцеговина од 2003, автоматски претставуваат кршење на човековите права на обвинетите, туку дека ова треба да биде утврдено од случај до случај, што ги зголемува шансите од поднесување на десетици жалби.

Судот додаде дека судовите во Босна и Херцеговина се должни да го применуваат Кривичниот законик од 2003 година во судските процеси за злосторства против човештвото, бидејќи ова кривично дело не било дефинирано со југославенскиот закон.

Со пресудата беше отфрлена жалбата на Мактоуф, во која тој се жалеше на кршење на неговите човекови права, бидејќи Судскиот совет што го осудил бил составен од меѓународни судии што не биле именувани со вообичаена практика, туку со „недемократски декрет на високиот претставник“, највисок меѓународен официјален претставник во БиХ.

„Судот утврди дека нема причини за сомневање дека меѓународните судии во државниот суд биле независни од политичките органи во Босна и Херцеговина, од страните во случајот и од институцијата на високиот претставник“, се вели во одлуката.

Во судските процеси на воени злосторства, судовите во Федерацијата Босна и Херцеговина, на Република Српска и на Дистриктот Брчко уште го користат законикот од 1976, додека државниот суд најчесто го користи кривичниот законик од 2003.

0 Comments

No Comments Yet!

There are no comments at the moment, do you want to add one?

Write a comment

Write a Comment