MKDNews.com

На Пиво фест се очекуваат 400.000 посетители

јули 16
20:32 2013

На денешната прес-конференција од локалната самоуправа на Прилеп најавија дека подготовките за 11. фестивал на пивото „Пиво фест“, што ќе се одржи од 18 до 21 јуни се при крај.
На околу 4.000 квадратни метри ќе бидат поставени 28 штандови и сите четири фестивалски дена се очекуваат голем број гости од земјава и од странство.
Од денеска булеварот во центарот на градот е затворен. Се поставува главната бина, што е една од најголемите на ваква манифестација во регионот, се поставуваат штандовите – изјави градоначалникот Марјан Ристески.

Се очекува во просек по 100.000 гости, што значи сите четири дена вкупно околу 400.000 посетители на фестивалот од земјава и странство.

– На штандовите ќе се нуди вкусна скара и околу 20 видови пиво. Оваа е една од најголемите балкански манифестации. Најавени се и групи посетители од околните земји, од дипломатскиот кор – вели Ристески.

За забавата секоја фестивалска вечер ќе се погрижат голем број музички ѕвезди. Првата вечер ќе настапат Зафир Хаџиманов, Маја Оџаклиевска, Драган Мијалковски, Дани Димитровска, „Ту Челос“. Втората фестивалска вечер е резервирана на Давид Нешкоски трио, Санта Макарио оркестар, Владо Георгиев и младата Ина. Во сабота на „Пиво фест“ настапуваат Миле Кузмановски, Соња Тарчуловска, Данијела Мартиновиќ и Халид Бешлиќ, а в недела, на завршната вечер, меѓу другите музички ѕвезди се Бјанка – Копенхаген Чалгија, Зоран Џорлев и музичката ѕвезда Горан Бреговиќ.

За гостите на располагање е и кампинг-просторот во Паркот на револуцијата, каде што секојдневно можат да добијат бесплатни кафе, чај и чорба.

Македонски железници ќе пуштат вонредни возови на релација Куманово-Скопје-Прилеп за оние што решиле да се враќаат истата вечер. Според локалната самоуправа, резервирани се сите сместувачки капацитети во градот и околните Крушево и Битола. На располагање е и приватното сместување. Гостите ќе можат да користат пајтони и пивски воз и да ги разгледаат знаменитостите на Прилеп.

– Секој ден на фестивалот ќе има посебна забава. Дополнително ќе се организираат натпревари во испиено пиво и изедена скара. По полноќ гостите ќе ги забавуваат повеќе диџеи – рече Ристески.

Според локалните власти, се очекува годинашниов „Пиво фест“ да ги урне досегашните рекорди во испиено пиво и изедена скара.

0 Comments

No Comments Yet!

There are no comments at the moment, do you want to add one?

Write a comment

Only registered users can comment.