MKDNews.com

На денешен ден се празнува споменот на Св. Наум Охридски

јули 03
07:58 2013

Sv.-NaumСвети Наум Охридски Чудотворец бил средновековен научник, писател, учител, и еден од основоположниците на словенската и македонската писменост и просвета.

Основач на манастирот на Светите Архангели, денешен Свети Наум. Роден е во првата половина на IX век.

Ако Свети Климент Охридски остана во споменот на народот со својата просветителска дејност, со подучување на народот не само на пишување и читање, туку и на други корисни работи, Свети Наум остана запаметен како чудотворец, со моќта да лекува и за време на животот и по смртта, да лекува од најразлични болести и луѓе од разни вероисповести, односно сите што искрено и со верба му се обраќале без разлика на вера и народност. Но Свети Наум остана запаметен и по заштитата на манастирот, по наградувањето на оние што со добра мисла доаѓале во кругот на манастирот и казнувањето на оние што иделе со намера да направат некоја штета, да го испоганат објектот или да го навредат светителот. Култот на Свети Наум зрачел на поширок простор не само во охридскиот крај, туку и во преспанскиот, па дури до Корча, каде што манастирот имал свои имоти. Но култот кон Свети Наум бил раширен и во Унгарија и Романија каде што имало иселеници од овие краишта.

За животот и дејноста на Свети Наум Охридски малку се знае, иако со Свети. Климент Охридски се најпознатите и најзначајни ученици на Светите браќа Кирил и Методиј. Се знае дека учествувал во Моравската мисија, дека во Рим кон крајот на 867 или почетокот на 868 бил посветен во духовен сан и дека по смртта на Методиј во 885 година преку Бугарија дошол во Македонија. На брегот на Охридското езеро основал манастир што го носи неговото име. Умрел во 910 година и наскоро по смртта бил прогласен за светец. Неговите ученици за него напишале житија и служба.

Свети Наум освен по црковната дејност е познат и како македонски средовековен писател и културен деец. Од неговите творби, за кои се претпоставува дека се повеќе, откриено е химнографското дело „Канон за апостолот Андреј”, а се знае за  уште други два канона напишани од него: „Канон на Архангел Михаил”, и „Канон за пренесување на моштите на Јован Златоуст”.

Во житието на Свети Наум се вели дека тој е брат на Свети Климента.  Некои истражувачи сметаат дека тоа се однесува на брат во духовна смисла – собрат, но повеќемина се убедени дека Климент и Наум навистина биле родени браќа. Не само затоа што свети Климент бил епископ, а свети Наум презвитер, а во православието епископ и презвитер никогаш не се нарекувале браќа, туку и поради некои други показатели.

Иако податоци за чудотворната моќ на светителот среќаваме и во житијата за него, што без сомнение биле извор и на народните умотворби, сепак култот на Св. Наум најповеќе е одразен во преданијата раскажувани на овој простор од најстари времиња, значи уште од времето кога светителот бил жив. Сепак тие се бележени од средината на деветнаесеттиот век па се до денес. Најрано ги среќаваме во зборниците на браќата Миладиновци, и Кузман Шапкарев, а подоцна и кај други собирачи на македонски народни умотворби, патописци, или едноставно кај луѓе што престојувале или пишувале за Охрид и Охридско и посебно за манастирот кој со својата местоположба и со култот на светителот го привлекувал вниманието.

Евтим Спространов, кој објавил и расказ за св. Наум,  во еден запис на празниците и празничните обичаи од Охрид пишува дека “На 20 јуни се празднува ‘сети Ноум’. Тогава става гол‹мљ ‘панаѓур’ при манастира, посветен на тој слајански светец. Дохо/дат гости и трговци, освен од околните села, оште от Охрид, Струга, Ресен, Битоља, Кор=а, Прилепљ и др.”7

Марко Цепенков, во своите записи за еснафските празници направил и список на празниците што ги служеле разните еснафи во Прилеп. Притоа вели дека чоаџо-абаџискиот еснаф го празнувал 20 јуни, Свети Наум Охридски. Тој и на друго место истакнува дека „Чоаџискиот еснаф го служеше Св. Наум од Охрид…”

Во старо време еден месец пред празникот Свети Наум, праќале од манастирот Свети Наум риби летници подарок на чоаџискиот еснаф и на секој мајстор му се подарувале по една како за покана, за да отидат на поклонение на манастирот. Бидејќи во тоа време еснафот бил во расцвет, на поклонение оделе  фамилијарно мајсторите со калфите.  Ако пак се случело да не одат, му испраќале парична помош на манастирот. „Јас само 2-3 години го достигнав тоа и после лека-полека паричната помош се прекина, пак и манастирот престана да праќа риби подарок за нашиот еснаф.”

Натаму Цепенков го опишува еснафското празнување, што се изведувало на истиот начин како што другите еснафи си ги празнувале своите празници: воденичарскиот – св. Никола (6 декември), бочварскиот – Преображение (6 август),  калајџискиот Света Богородица (15 август) итн.

Цепенков, уште во поглавјето за светците истакнувајќи ги нивните функции вели: „Светците се наредиле на служба: и покрај другите Свети Наума го споменува заедно со свети Андонија и свети Спиродона. „Свети Наум, Свети Андонија и Свети Спиродон – да лекуат улаите”. Значи во народното верување овие тројца светители се лекари што лекуваат душевни болести. Инаку познато е дека меѓу христијанските светители има поголем број лекари, свети врачи, бесребреници (што значи лекувале бесплатно), кои што, лекувале со силата Божја. Такви се Светите врачи Кузман и Дамјан, свети Пантелејмон, лекувал и свети Трифун и др. Не случајно со некои од овие свети врачи свети Наум е насликан на фреска во црквата „Света Софија” во Охрид.

Во споменот на народот св. Наум останал како чудотворец. И во „Пастирската посланица на охридскиот патријарх г.г. Јоасаф за префрлувањето на празникот на свети Наум од 23 декември на 20 јуни (с.с.)” се истакнува: „во светите прочуениот и во чудата безмерниот, божествениот и свет отец Наум”. На друго место во истата Посланица се вели: „Затоа секој, што поседува срдечна и добронамерна побожност кон светителот нека дојде на изворите на чудесата на светиот гроб, каде што лежат светите мошти, во неговиот свет храм, на источникот што блика исцелувања – да прими благодет и светост  на телото и душата, зашто чудата и благодетите на светиот и богоносен отец наш Наум – чудотворец, толку се многубројни та ги надминуваат и множеството ѕвезди…”

Познато е дека на гробот на свети Наум доаѓале и луѓе од други вери, особено муслиманите од Македонија и Албанија. И во писмото што попот Сотир од Љубаништа го носел во областите Подунавје  и Романија каде што собирал помош за манастирот се вели: „Притоа знајте господо дека овој свет и на народот корисен манастир, спрема кој Вие го негувате Вашето почитување и верност, па дури и самите неверници достојно го почитуваат и сакаат, како што на сите Ви е познато, уверени во благонаклоноста на оваа надеж…” Кога се вели неверници се мисли на припаднците на други вери, пред се, на муслиманите.

Дека припадници на други вери го почитувале светителот и манастирот се зборува и во Летописот на манастирот каде што се вели: „Оваа света институција стекна  голем углед и чест и кај друговерци, а особено кај Отоманите Бекташи, кои не се знае од какви причини, ова светилиште го викаат „Сари Салтик баба” што преведено од турски значело жолтобрадиот татко. Според едно предание еднаш кога дошле на гробот на свети Наум неколку Турци замолиле некој од поупатените да им ги објасни ликовите од фреските. Кога тој што им ги објаснувал рекол: „Овој е свети Наум”, тие радосно извикале: „А тој е нашиот татко”.

Интересен бил и начинот на кој се молеле Бекташите (муслиманска секта). Тие кога ќе дојделе во манастирот чевлите ги оставале пред манастирската капија и до црквата се доближувале со метании. На враќање излегувале наназад секогаш свртени со лицето кон црквата и пак со метании.

Манастирот најповеќе се афирмирал како лечилиште со исцелување болни од многу болести, посебно од душевни болести. За тоа придонесло верувањето во исцелителната моќ на светите мошти на светителот. Има поголем број преданија што раскажуваат за лечење душевно болни од страна на светителот. Познато е и тоа дека во манастирот долго време постоела и душевна болница.

Но споменот на свети Наум најповеќе останал во народните преданија и легенди. Во овие прозни народни умотворби народот раскажувал за сето она што го привлекувало неговото внимание, а што било во некаква врска со светителот. Така ликот на св. Наум е еден од најзастапените ликови во македонските народни преданија и легенди.

Собирачите и истражувачите на народните преданија и легенди за св. Наум овие народни умотворби ги групираат во неколку поглавја според нивната содржина (лекување болни, скротување ѕверови, изградба на манастирот, негова заштита итн.)  иако тоа е тешко прецизно да се направи поради тоа што во некои преданија се преплетуваат по повеќе мотиви.

Во преданијата и легендите се раскажува за изборот на местото, за лекувањето на лица од страна на светителот и подарување имот на манастирот, за подарување на камбани и други дарови на манастирот, итн. Се раскажува за изборот на местото за изградба на манастирот: „Кога починал свети Наум, излегол пред Господа. Поради големото добротворство што го правел свети Наум на Земјата, Господ го одредил да биде во вечен рај. Бидејќи во небесниот рај немало толку убаво место што да одговара за свети Наум, Господ со рака покажал кон неговиот манастир, велејќи му: ‘Она е твојот рај. Ти таму ќе бидеш засекогаш’. Ете зошто свети Наум и сега е во неговиот манастир покрај Охридското Езеро”, заклучува народниот раскажувач.

Се раскажува и за повеќе диви животни што откако направиле штета светецот ги донесол на манастирскиот имот да ја одработуваат штетата. Мечката што го изела волот самата се прегнала да ора додека не се исплати изедениот вол. Кон преданието „Св. Наум и мечката” Кузман Шапкарев додал: „Слични приказнички и преданија за св. Наумовите чудеса изобилуваат во Охрид и околината, кои јасно ги покажуваат чувствата на населението без разлика на вера и народност кои ги манифестира кон св. Наума”. Во некои преданија се работи за волк што ора на местото на волот, а во едно предание волкот што ги изел кучињата самиот дошол да го чува манастирот. А кога манастирските момци го отепале, игуменот ги прекорил зашто тој бил доведен од светецот „за да биде жив сведок за силата на свети Наум”.

Значи, култот кон свети Наум, раширен не само околу манастирот, туку и на многу поширок простор, резултирал со бројни народни преданија и легенди. Тие се создавале во текот на вековите и се уште се создаваат што од една страна зборува за се уште живиот култ на светителот, а од друга страна за се уште живата фолклорна традиција во Македонија.

 

0 Comments

No Comments Yet!

There are no comments at the moment, do you want to add one?

Write a comment

Only registered users can comment.