MKDNews.com

Македонија и Русија го потпишаа договорот за Јужен тек

јули 23
16:11 2013

Македонија го потпиша договорот со Руската Федерација за соработка во изградбата на гасоводот Јужен тек, со што е остварена стратешка цел за обезбедување енергетска иднина на земјата. Македонија се вклучува со крак, а од каде ќе се гради дали од Србија или Бугарија треба да одлучи „Газпром“.

Договорот од македонска страна го потпиша вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, a oд Руската Федерација министерот за енергетикаАлександар Валентинович Новак. На потпишувањето присуствуваа и претставници на руските енергетски компании „Газпром“ и „Стројтранс гас“.

Договорот, како што е обострано оценето, е добра основа за интензивирање на економската соработка меѓу двете земји.

– По извесен период на преговори и подготовки конечно денеска се потпиша овој договор и тоа е одлична вест за Република Македонија во смисла на обезбедување енергетска стабилност на долг рок, обезбедување доволни количини гас и понатамошен развој на гасната инфраструктура во Македонија, односно продолжување на цевководот до другите градови, изјави премиерот Груевски по потпишување на договорот во Москва. Очекува проектот да влијае и на дополнително зајакнување на политичко-економските односи на Република Македонија со Руската Федерација и е резултат на пријателството и позитивниот тренд во билатералната соработка.

Груевски истакна дека во моментов има гасовод само од бугарската граница до Скопје, а сега се создаваат предуслови за понатамошни чекори во правец на изградба на цевковод и разгранување низ другите градови. Посочи дека за тоа се почнати прелиминарни чекори, односно Министерството за транспорт и врски на Владата на Република Македонија склучи договор со компанија која прави физибилити студија за секундарна гасификација што значи гасификација во градовите. Како што посочи, потпишан е и договор за нови огромни количини гас.

– Јужен поток веќе почна да се гради, се очекува до 2015 година да се изгради во морскиот дел меѓу Русија и овој дел на светот,  а подоцна да продолжи и најдоцна до  2018 година целосно да биде завршен, така што од тој аспект ова е значаен голем чекор за Република Македонија, потенцира Груевски.

Тој најави дека се очекува до октомври да се потпише договорот со „Стројтранс гас“, за што е веќе дадена согласност за текстот на договорот од нивна страна, остануваат уште постапките во министерствата во Владата на Руската Федерација.

– Сега разговаравме и околу тоа  со министерот за енергетика и неговите надежи се дека до октомври ќе се потпише и договорот со „Стројтрансгас“, така што тоа ќе значи дека по потпишување на тој договор ќе може да почне градбата на внатрешната инфраструктура, односно мрежа на цевковод за пренос на гас до другите градови во Македонија, истакна премиерот Груевски. Овој договор, како што нагласи, претставува еден дел од севкупната градба на гасоводната мрежа во Македонија и е на некој начин исплата на клириншкиот долг на Советскиот сојуз кон Македонија за да се затвори тоа прашање.

Според него, потпишувањето на денешниот договор е клучно, затоа што ги обезбедува новите количини гас за да се гради цевковод за гасна мрежа внатре во земјата.

 Вицепремиерот Ставрески потенцира дека се успеа во напорите Македонија да се вклучи во овој проект иако на почетокот таа не беше составен дел на Јужен тек.

– Се покажа дека работата, залагањето и напорите на Владата вродија со плод и среќен сум што успеавме да го потпишеме овој договор и да започне процесот на гасификација на Република Македонија со условите што се создадени со овој Договор, истакна Ставрески.

108084944Тој додаде дека на тој начин сите македонски домаќинства, но и индустриските капацитети ќе можат во иднина да дојдат до природен енергенс, до гас, што е значајно за економскиот развој на Република Македонија, значајно е за привлекување нови странски инвестиции, но значајно е и за домашните инвеститори,  бидејќи, како што додаде, на тој начин ќе се овозможи поголема конкурентност на македонските фирми, на македонското стопанство, а со тоа нови инвестиции и отворање на работни места.

Министерот за енергетика на Александар Валентинович Новак истакна дека Руската Федерација ги поздравува постојаните заложби за приклучување на Македонија кон овој проект кој е од исклучително значење како за Руската Федерација, така и за државите од европскиот континент, заложба која резултира со денешното потпишување.

Тој потенцира дека овој договор е плод на искрените и пријателски односи меѓу двете држави кои демонстрираат одговорност за потребите на граѓаните. Тој истакна дека Јужен тек веќе почна да се гради, а планот предвидува до 2015 година да се изгради морскиот крак под Црното Море до Југоисточна Европа, а до 2018 година тој проект целосно да биде завршен.

По потпишувањето се одржа средба помеѓу претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски и министерот за енергетика на Руската Федерација, Александар Валентинович Новак. 

4CFB0461EDC22E59B97E2BEB2DA5C62B

(миа)

 

0 Comments

No Comments Yet!

There are no comments at the moment, do you want to add one?

Write a comment

Write a Comment