MKDNews.com

Македонецот Мајк Илиќ го спасува Детроит

јули 20
18:05 2013

Американската метропола Детроит, некогашната престолнина на автомобилската индустрија, завчера прогласи банкрот и со тоа стана најголемиот град во САД со таква судбина. Седиштето на „Џенерал моторс“, некогаш симболот на богатството на Америка, денеска е симбол на лошо менаџирање и корупција и со долг што достигнал цели 18 милијарди долари. Иако центарот на Детроит, кој денеска брои само околу 700.000 жители, врие од бизниси и од активности, сепак околината е слика на напуштен град, кој пропаѓа. Дури 70.000 објекти се без станари.

Во обид да го запрат понатамошното уназадување на градот, државата Мичиген и градските власти почнаа проекти за уривање цели напуштени населби и за изградба на нови објекти. Во тој план истакната улога има и корпорацијата на македонскиот иселеник Мајк Илиќ, која гради комерцијален центар вреден 650 милиони долари во центарот на Детроит.

Мајк Илиќ по потекло е од Битола и е синоним на градот Детроит. Оженет е со Мериен Бајоф и неговото богатство е проценето на 2,6 милијарди долари. Почнал како продавач на пица, а сега, меѓу другото, е сопственик на препознатливиот светски бренд „Литл Цезарс пица“ и беше рангиран на 212 место на листата на „Форбс“ на најмоќни луѓе во светот. Мајк е сопственик и на хокеј-клубот „Детроит ред вингс“, на бејзбол-тимот „Детроит тајгрс“ и поседува 15 отсто од НБА-тимот „Детроит пистонс“. За врв на неговото богатство се смета неговиот надалеку познатиот „Фокс театар“ во Детроит.

– Kога не би бил Мајк Илиќ, не би постоел ни Детроит – изјави еднаш Емет Мотен, кој работел како директор во кабинетот на починатиот градоначалник на Детроит, Kолеман Јанг.

Во последните десет години градот го напуштиле 250.000 жители и денеска има речиси двојно помалку жители отколку пред педесет години.

Барањето за банкротство значи дека градските служби повеќе не можат да функционираат и оти пред отказ се илјадници вработени. Kомуналните услуги ќе бидат сведени само на минимум. Ќе продолжат со работа полицијата, пожарникарите и брзата помош, но, на пример, во каква состојба се јавните услуги говори и примерот со реакцијата на итниот повик на 911 – во Детроит во просек се потребни цели 58 минути за да дојде полициска патрола по повикот, а во САД тој просек е 11 минути.

Стапката на криминалот е најголема во последните четири децении, а дури 40 отсто од уличното осветлување не работат.

Пред Детроит, најголеми градови во САД што прогласиле банкрот се Стоктон во Kалифорнија со 300.000 жители, и округот Џеферсон во Албама, каде што долговите во 2011 година беа повеќе од четири милијарди долари.

Обидот со ангажирање на економскиот експерт Kевин Ор да се изнајде компромисно решение и да се избегне банкротот тежок 18,5 милијарди долари, заврши неуспешно.

– Граѓаните на Детроит заслужуваат јасен излез од сегашниот циклус на постојано влошување на услугите што ги добиваат. Доверителите на градот и неговите многубројни посветени јавни службеници, заслужуваат да знаат кои ветувања градот може, а кои не може да ги исполни. Единствениот начин радикално да го преструктурираме градот е ако дозволиме повторно да се пронајде себеси, без товарот на обврските, кои е невозможно да ги исполни – изјави Рик Снајдер, гувернер на сојузната држава Мичиген, каде што Детроит е главниот економски центар.

0 Comments

No Comments Yet!

There are no comments at the moment, do you want to add one?

Write a comment

Write a Comment